text size
Амбициите на кинеските производители на автомобили дополнително да го скратат и онака исклучително брзото време за развој на нови возила наидуваат на пречка, бидејќи регулаторите го засилуваат надзорот над безбедноста и тестирањето во индустријата.
Како што расте конкуренцијата, а профитните маржи се намалуваат, употребата на вештачка интелигенција (ВИ) би можела да постави нов индустриски стандард од само 18 месеци за развој на целосно нов модел и негово пласирање на пазарот, според процената на компанијата за дизајн на автомобили ИАТ (IAT Automobile Technology) и Кинеската асоцијација на производители на автомобили.
Тоа е помалку од сегашното темпо од приближно две години и значително пократко од околу три до пет години, колку што им е потребно на традиционалните странски производители.
Прочитај повеќе
Kинеска компанија за хуманоидни роботи излезе на берза и предизвика лудило
Се води голема битка за тоа кој ќе ја контролира индустријата што до 2050 година би можела да вреди пет билиони долари.
19.08.2026
Кина ги краде следните милијарда возачи од Европа
Додека европските производители на автомобили се фокусираат на одбрана на својот домашен пазар, кинеските компании брзо ги освојуваат пазарите во развој и ја преземаат новата генерација возачи.
17.08.2026
МГ ЗС хибрид+: СУВ на кој Шји Џјинпинг би бил горд, но возачот баш и не
Новиот МГ ЗС хибрид+ делува многу позрело, но неговите возни карактеристики сè уште оставаат недоумици
15.08.2026
Меѓутоа, додека таканаречената „кинеска брзина“ постави нов глобален стандард и ги натера традиционалните производители да се борат за пазарен удел, истовремено поттикна загриженост дека брзината на иновациите би можела да ги надмине и регулаторниот надзор и способноста на самите компании да го контролираат квалитетот.
Во индустријата сè повеќе се расправа за тоа дали скратените рокови за развој можат да го нарушат угледот на кинеските брендови, особено додека се шират на странските пазари како европскиот, или едноставно се показател за нивната конкурентска предност.
Кинеските регулатори силно инсистираат на безбедноста и поведоа едногодишна кампања што вклучува ненајавени инспекции кај производителите на автомобили, за да одговорат на загриженоста дека квалитетот би можел да трпи поради трката за што побрз развој.
Нивниот став е во согласност со неодамнешните предупредувања на раководителите на компаниите „Џили“ (Zhejiang Geely Holding Group), „Грејт вол“ (Great Wall Motor Co.) и „Чери“ (Chery Automobile Co.) дека сè пократките рокови за развој практично ги претвораат купувачите во „заморчиња“ што во реални услови ја тестираат издржливоста или безбедноста на возилата.
„Автомобилите не се стока за широка потрошувачка што брзо се менува. Од нив зависи безбедноста на милиони семејства и мораат да го издржат тестот на различни услови на патиштата, климатски услови и возачки навики низ светот“, посочи на 26 август Ли Сјуејонг, потпретседател на компанијата „Чери“, во објава на социјалните мрежи. „Постојат развојни рокови што едноставно не смееме да ги скратуваме.“
Построгиот пристап е дел од поширока реформа, која веќе донесе заострување на прописите за батериите, напредните системи за помош на возачот и рачките на вратите, по неколку тешки несреќи со смртни последици, кои привлекоа големо внимание во јавноста.
Кина спроведува најголемо повлекување на возила во својата историја, во чии рамки „Тесла“ и уште осум производители ќе мора да поправат повеќе од 4,27 милиони електрични возила за да ги исполнат новите барања за вратите. Земјата исто така предлага задолжителното тестирање на новите електрични возила на патиштата да се удвои на 30.000 километри. Целта е да се одговори на загриженоста дека скратувањето на процесот на развој може да ги загрози безбедносните стандарди и довербата на јавноста.
Кинеските производители на автомобили ги поместуваат границите кога станува збор за тоа колку брзо можат да развијат возила што истовремено ги исполнуваат безбедносните прописи, рекоа два извора запознаени со процесите на тестирање и валидација во Кина, кои побараа да останат анонимни бидејќи не се овластени јавно да зборуваат.
Министерството за индустрија и информатичка технологија внимателно ги следи поплаките на купувачите на интернет, рекоа двајца раководители на еден кинески производител на автомобили, кои исто така побараа анонимност.
Откако се појавија поплаки поради недостаток кај одредени модели на тој производител, регулаторот контактирал со компанијата за да провери што презема за да го реши проблемот, и тоа пред компанијата да успее да обезбеди резервни делови и да ги координира активностите со продавачите и сервисите. Официјалното повлекување било објавено околу еден месец откако се појавил проблемот.
За разлика од досегашната практика, министерството сега набрзо по контролата објавува кои производители ги проверило. Најмалку пет водечки производители на автомобили биле предмет на инспекција во јули, а контролата на брендот „Аион“ (Aion) на компанијата ГАГ (Guangzhou Automobile Group Co.) следувала само неколку дена по извештаите дека батериите во одредени модели откажувале откако автомобилот ќе поминел 150.000 километри. Компанијата соопштила дека батериите бесплатно ги поправа или ги заменува.
Тешко е да се забави
Заострувањето на безбедносните стандарди веројатно ќе се судри со френетичното темпо на кинеската автомобилска индустрија, која само во првата половина од годината го преплави пазарот со стотици нови и унапредени модели, додека ВИ забрзано се воведува во секој дел од синџирот на производство на автомобили.
„Брзината стана составен дел од начинот на работење на кинеската индустрија, а потрошувачите очекуваат брзо обновување на понудата“, рече Бил Русо, основач на консултантската компанија „Аутомобилити“ (Automobility) од Шангај.
Кампањата на инспекции „би можела да ги натера компаниите да бидат подисциплинирани при одлучувањето во кои делови од процесот можат да го скратат времето. Тие можат да продолжат брзо да напредуваат во софтверот, дигиталните функции и областите што можат темелно да се проверат со симулации, но регулаторите јасно порачуваат дека хардверот од клучно значење за безбедноста и новите технологии бараат посериозна проверка пред да стигнат до купувачите“, рече Русо.
Дури и со сè поинтензивниот надзор од регулаторите и купувачите, брзиот развоен процес сам по себе не е нужно проблем, смета дел од индустријата. Ако автомобилот е развиен брзо и ги поминал сите потребни тестирања, тоа едноставно е показател за ефикасност, тврди Лу Фенг, претседател на луксузниот бренд „Војах“ (Voyah) на компанијата „Донгфенг“ (Dongfeng Motor Corp).
На кинеските производители на автомобили, сепак, ќе им биде тешко да забават. Падот на продажбата и растот на цените на суровините дополнително ги притискаат и онака малите маржи низ целиот синџир на снабдување, додека потрошувачите истовремено бараат често претставување нови модели и постојани унапредувања.
„Мислам дека всушност не е можно од кого било да се бара да забави. Сите се натпреваруваат да избијат пред конкуренцијата“, рече претседателот на „Џили“ (Zhejiang Geely Holding Group), Ли Шуфу, во интервју за државната телевизија ЦЦТВ (CCTV), емитувано на 20 јуни. „Таквото барање можеби е суштинско. Ако од мене барате да забавам, можеби нема да се согласам.“
Исполнувањето на построгите стандарди би можело дополнително да ја подели индустријата поради повисоките трошоци за усогласување со прописите. За помалите компании, кои во голема мера се потпираат на брзината и агресивното воведување нови функции, би можело да биде потешко да го одржат чекорот со поголемите и финансиски посилни производители со поразвиени системи за управување, смета Русо.
Сепак, кинеските производители ќе можат да ја задржат предноста пред странските конкуренти благодарение на поголемото потпирање на нови технологии како вештачката интелигенција, смета Ксуан Киву, извршен директор на ИАТ.
Тоа важи и покрај сè поинтензивните обиди на традиционалните производители на автомобили да ги стигнат кинеските конкуренти.
Истражувачко-развојниот центар на „Фолксваген“ (Volkswagen AG) во кинеската провинција Анхуи е првиот центар на компанијата надвор од Германија што може целосно самостојно да проектира и да тестира возила. Електричниот теренец ID.UNYX 08, произведен во соработка со компанијата „Експенг“ (Xpeng Inc), бил развиен за 24 месеци, со користење вештачка интелигенција и технологија на виртуелна реалност за дигитална валидација.
„Рено“ (Renault SA), од друга страна, во Кина го разви „твинго е-тек“ (Twingo E-Tech) за 21 месец, што е рекорд за таа компанија.
„Тојота“ (Toyota Motor Corp.) исто така се обидува да го забрза развојниот циклус, кој кај измените на моделите обично трае од три до пет години. Тоа, меѓу другото, подразбира паралелен развој на нова автомобилска платформа и возило, наместо тие процеси да се одвиваат еден по друг, според документарецот на јапонската телевизија НХК (NHK) објавен во јули.
Вештачката интелигенција овозможува заштеда на време во десетици процеси, вклучувајќи и преглед на дигиталните модели на дизајнот за да се проценат структурата и функционалноста на возилото пред изработката на физички модел. Кога таа работа ја вршат инженери, потребно е рачно да се проверат десетици илјади компоненти.
Бидејќи Пекинг сега поставува јасна долна граница на безбедносните стандарди, производителите на автомобили ќе мора да се натпреваруваат во тие ограничувања.
„Иако ВИ може да им помогне на производителите да работат што е можно побрзо и попрецизно и да го намалат бројот на грешки при проектирањето, постојат основни барања, како што е тестирањето на патиштата во должина од 30.000 или 50.000 километри, кои не може и не треба да бидат заменети“, рече Јале Жанг, генерален директор на консултантската компанија АФ (Automotive Foresight) од Шангај.