„Берклејс“ (Barclays) повторно влегува на саудискиот пазар, станувајќи најновата банка што ги зајакнува своите активности во кралството богато со нафта, кое спроведува економски план вреден трилион долари.
Лондонската банка е во процес на обезбедување лиценца за спроведување на инвестициски банкарски активности во земјата и планира да отвори канцеларија во Ријад следната година како дел од таа иницијатива.
„Го воспоставуваме нашето регионално седиште и сме во процес на добивање на сите потребни банкарски и други лиценци,“ изјави извршниот директор С. С. Венкатакришнан во интервју за „ТВ Блумберг“, каде што присуствува на годишниот водечки инвестициски самит „Фјучр Инвестмент“ (Future Investment Initiative).
Прочитај повеќе
Војната ги уништува соништата на саудискиот принц за Нов Блиски Исток
Инвеститорите, особено оние кои се нови во регионот, веројатно ќе бидат внимателни на краток рок
23.10.2023
„ЏП Морган“ ги надмина процените за кварталните приходи
„ЏП Морган Чејс“ во третиот квартал ги надмина процените на аналитичарите за надоместоците за тргување и инвестициско банкарство.
14.10.2025
Убаво е да се биде банка: Рекордни профити во 2024 година
Петте најголеми американски банки ќе ја завршат 2024 година со комбиниран раст на приходите од тргување од 15 отсто.
19.01.2025
„Канцеларијата ќе биде во финансискиот дистрикт и ќе биде доволно голема,“ додаде тој. „Ќе ја развиваме постепено, како што ќе ги добиваме лиценците.“
Потегот за повторно влегување во Саудиска Арабија доаѓа по повеќе од една деценија откако „Берклејс“ се повлече од земјата под раководство на тогашниот извршен директор Ентони Џенкинс, кој се обиде да ги ограничи глобалните амбиции на инвестициската банка по финансиската криза. „Берклејс Сауди Арабија“ ја поништи својата лиценца за работење со хартии од вредност во 2014 година, во време кога меѓународните банки се соочуваа со тешкотии да конкурираат на локалните ривали, објави тогаш „Блумберг њус“.
Дванаесет години подоцна, „Берклејс“ и многу други глобални банки повторно се привлечени од кралството, кое подготвува нови милијарди долари инвестиции во области како вештачка интелигенција, гејминг и високотехнолошко производство, во обид да ја диверзифицира економијата зависна од нафтата.
„Таму сме за да обезбедиме поврзаност со остатокот од светот, да донесеме директни инвестиции и ликвидност,“ рече Венкатакришнан. Текот на капиталот некогаш одеше од регионот кон Европа и САД, „а сега голем дел се враќа назад,“ додаде тој. „Мислам дека токму тука можеме да помогнеме.“
Во моментов, банката го ангажирала Мохамед Абдулазиз Алсархан, претседател на локалната компанија за транспорт и логистика „Бахри“ (Bahri), за да помогне во водењето на проектот, посочува добро упатен извор, но банката одби да коментира за назначувањето.
Со лиценцата за регионално седиште во Саудиска Арабија, „Берклејс“ го следи примерот на „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.) и „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.). Властите во кралството вршат притисок врз меѓународните компании да ги основаат своите блискоисточни седишта во Ријад, предупредувајќи дека во спротивно може да ризикуваат да изгубат зделки со државни институции.
Иако со новата иницијатива банката повторно воспоставува физичко присуство во Саудиска Арабија, „Берклејс“ продолжи да работи на инвестициски банкарски зделки во земјата. Според најновите информации, таа ја советуваше државната инвестициска корпорација „Јавен инвестициски фонд“ (Public Investment Fund) за издавањето на првата зелена обврзница.
Оваа година банката ги унапреди двајца високи менаџери, Халед ел Дабаг и Валид Мезер, да го надгледуваат нејзиниот сè поголем бизнис на Блискиот Исток. Двајцата и понатаму се со седиште во Дубаи, но сега му реферираат на Стивен Дејнтон, раководител на менаџментот на инвестициското банкарство.
Со овој потег, „Берклејс“ фактички го изедначи Блискиот Исток со другите главни региони во кои веќе има локални извршни директори што му реферираат на Дејнтон.