Европските берзи би можеле да забележат пораст на иницијални јавни понуди (IPO/ИПО) во наредните недели, бидејќи намалената пазарна нестабилност им нуди можност на издавачите да привлечат инвеститори.
Според лица запознаени со ситуацијата, најмалку пет поголеми компании размислуваат за првично издавање акции на регионалните берзи пред традиционалниот летен застој, кој обично започнува околу средината на јули.
Германските компании „Аутодок“ (Autodoc SE), онлајн продавач на автомобилски делови поддржан од АГМ (Apollo Global Management Inc.), и групацијата за медицинска технологија „Брејнлаб“ (Brainlab AG) би можеле да излезат на берза во овој период, велат изворите што побараа анонимност поради приватноста на разговорите. Шведската „Хаксоу“ (Hacksaw) и НОБА (NOBA Bank Group AB), поддржана од „Нордик капитал“ (Nordic Capital), исто така размислуваат за скорашни понуди.
Во Португалија, „Ново банко“ (Novo Banco SA) продолжува со подготовки за можна ИПО паралелно со разговорите за евентуална продажба, велат изворите. Главниот сопственик ЛСФ (Lone Star Funds) води разговори со потенцијални купувачи за можен откуп, што би можело да ја спречи јавната понуда, објави „Блумберг“ минатата недела. Главниот извршен директор Марк Бурк во текот на месецов истакна дека понудата би можела да се случи уште во јуни.
Неколку од компаниите веќе водат детални разговори со потенцијални инвеститори како подготовка за можни ИПО, велат изворите. Нов пораст на пазарната нестабилност или несогласувања околу процените на вредноста би можеле да ги одложат плановите за излегување на берза.
Разговорите сè уште се во тек и деталите околу потенцијалните понуди може да се променат, додаваат изворите.
Бранот европски зделки би можел да помогне во глобалното заживување на активноста со иницијални јавни понуди, по силното закрепнување на пазарот од нарушувањата предизвикани од американските царини. Нестабилноста во последните месеци натера компании како СА (Stada Arzneimittel AG) да ги одложат своите понуди, при што активноста во регионот значително опадна во април, по речиси 4 милијарди долари зделки во првиот квартал, покажуваат податоците на „Блумберг“.
Неколку помали европски компании веќе привлекоа инвеститори во последните недели. Германската индустриска група ПХ (Pfisterer Holding SE) и грчката финтек-компанија „Куалко“ (Qualco Group SA) забележаа пораст на акциите при нивното прво тргување.
Во меѓувреме, сопствениците на германската технолошка група „Иноскрипта“ (Innoscripta SE) се обидуваат да соберат до 255 милиони евра (285 милиони долари) преку ИПО во Франкфурт, со можност за зголемување на понудата доколку има доволно побарувачка. Компанијата за инвестиции во метали „Кобалт“ (Cobalt Holdings Plc) и „Ај-форекс“ (iFOREX Financial Trading Holdings Ltd.) неодамна најавија планови за листирање во Лондон.