„Алибаба груп холдинг“ (Alibaba Group Holding Ltd.) ја предводи најновата трка за капитал меѓу кинеските технолошки гиганти, поттикната од огромната потреба за пари во услови на жестока конкуренција во вештачката интелигенција.
Компанијата планира да собере 3,17 милијарди долари преку издавање обврзници што не носат камата, а во иднина може да се претворат во нејзини американски депозитарни акции. Станува збор за најголемата зделка од ваков тип годинава, според документите до кои дојде „Блумберг њуз“ (Bloomberg News).
Инвеститорите покажале толкав интерес што понудата е целосно распродадена, велат извори упатени во процесот. „Алибаба“ засега не ја коментира понудата.
Прочитај повеќе

„Алибаба“ со вртоглав раст благодарение на вештачката интелигенција
Вештачката интелигенција ја турка „Алибаба“ кон нови височини, компанијата сега вреди 50 милијарди долари повеќе.
01.09.2025

Претседателот на „Алибаба“ порачува азиските компании да бараат раст надвор од ЕУ
Во услови на трговска војна, претседателот на „Алибаба“, Џо Цаи, смета дека азиските компании треба да бараат раст меѓу азиските можности и европскиот пазар.
24.05.2025

„Дипсик“ и Цингхуа развиваат самоприспособлив модел на вештачка интелигенција
„Дипсик“ и Цингхуа развиваат вештачка интелигенција што се подобрува додека работи.
09.04.2025

„Алибаба“ сурфа на бранот од кинеска вештачка интелигенција
Хонгконшкиот технолошки индекс Hang Seng се движи кон повеќегодишен врв.
06.03.2025
Силниот апетит за капитал кај кинеските технолошки компании е доказ за острата битка во секторот, каде што милијарди се вложуваат во услуги во облак, ВИ и дури и во достава на храна.
Неделава друг кинески технолошки гигант, „Бајду“ (Baidu Inc.), собра 618 милиони долари преку продажба на т.н. обврзници „дим сум“ (јуански обврзници издадени надвор од Кина, најчесто во Хонгконг), по претходната зделка од 10 милијарди јуани во март. „Тенсент“ (Tencent Holdings Ltd.) планира своја прва јавна продажба на долг по четири години, преку офшор обврзници во јуани уште месецов. „Меитуан“ (Meituan) исто така ја разгледува можноста за издавање обврзници „дим сум“.
Bloomberg
„Алибаба“ ги насочува средствата за проширување на своите дата-центри, унапредување на технологијата и развој на меѓународните трговски операции, покажуваат условите на зделката. Компанијата од Хангжу годинава најави дека во рок од три години ќе инвестира 53 милијарди долари во ВИ-инфраструктура, вклучувајќи и дата-центри, во амбициозната трка за лидерската позиција во областа на вештачката интелигенција.
„Алибаба игра на долг рок – обезбедува евтин капитал, избегнува разводнување на акционерскиот удел и двојно вложува во растот“, изјави Рави Вонг, прв потпретседател на „Јан Јун фемили офис“ (Yan Yun Family Office) во Хонгконг. „Вреди да се следи како овие инвестиции ќе се одразат врз забрзувањето на приходите.“
Компанијата води жестока битка за кинеските потрошувачи, каде што конкуренти се и „Меитуан“ (Meituan) и „Џе-ди“ (JD.com Inc.). Неделава „Алибаба“ вети дополнителни 1 милијарда јуани како стимулации за да привлече повеќе сообраќај на една од своите најпопуларни онлајн услуги.
Финансиските потези на компаниите дополнително го нагласуваат веќе жестокиот глобален натпревар во областа на вештачката интелигенција, кој сè повеќе се засилува. Партнерот на „Енвидија“ (Nvidia Corp.) за производство на чипови, „Тајван семикондактор манифектуринг“ (Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.), неделава објави стабилен раст на продажбата во август, додека „Оракл“ (Oracle Corp.) даде агресивна прогноза за својот бизнис со услуги во облак. Минатата недела акциите на „Бродком“ (Broadcom Inc.) исто така скокнаа, откако се дозна дека компанијата обезбедила огромна нарачка од „Опен еј-ај“ (OpenAI) во вредност од повеќе од 10 милијарди долари.
„Очекувањата дека растечката побарувачка за ВИ ќе донесе значителен пораст на заработката кај кинеските компании за услуги во облaк се погрешни“, вели Роберт Лија, аналитичар во „Блумберг интелиџенс“ (Bloomberg Intelligence).
„Затоа очекуваме ценовната војна и растечките трошоци за енергија да го одржат во загуба расцепканиот кинески сектор во облак во следните три години.“
Продажбата на обврзници во Азија што може да се претворат во акции нагло порасна во 2025 година и се движи кон највисоки нивоа во последниве години. Овој инструмент нуди поевтин начин за собирање капитал отколку традиционалниот долг, особено во услови на високи каматни стапки и раст на акциите, што создава поволни услови за развој на овој сегмент од пазарот.
„Чајна пацифик иншуранс груп“ (China Pacific Insurance Group Co.) исто така влезе на пазарот на конвертибилни обврзници, обезбедувајќи 15,6 милијарди хонгконшки долари (2 милијарди американски долари) преку ваков инструмент.
Минатата година „Алибаба“ собра 5 милијарди долари преку конвертибилни обврзници – тогаш рекордна продажба на вакви хартии од вредност во долари од азиска компанија. Во јули обезбеди уште 12 милијарди хонгконшки долари преку продажба на обврзници што може да се заменат за акции од нејзината подружница „Алибаба хелт информејшн текнолоџи“ (Alibaba Health Information Technology Ltd.).
Најновите обврзници на „Алибаба“ имаат премија за конверзија од 27,5 до 32,5 отсто над референтната цена, покажуваат условите на зделката. За издавачот важи 90-дневна забрана за нова продажба на обврзници од датумот на утврдување на цената.
Акциите на „Алибаба“ во четвртокот паднаа за 2,6 отсто, на 139,10 хонгконшки долари, откако американските депозитарни акции претходно се намалија во САД. Сепак, цената на акцијата е зголемена за околу 70 отсто од почетокот на годинава.
Бумот на собирање капитал истовремено претставува вистински профитабилен бум за инвестициските банки.
На најновата зделка на „Алибаба“ работат „Баркејс“ (Barclays Plc), „Ситигруп“ (Citigroup Inc.), „ХСБЦ холдингс“ (HSBC Holdings Plc), „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.), „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) и „УБС груп“ (UBS Group AG). Според условите на договорот до кои дојде „Блумберг“, во процесот се вклучени и „БНП Париба“ (BNP Paribas SA), „Дојче банк“ (Deutsche Bank AG) и „Мизухо секјуритис“ (Mizuho Securities Co.).
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...