Енергетски шок што прејде во економски земјотрес се случи на почетокот на март годинава откако Израел и САД го нападнаа Иран, што предизвика застој на редовниот транспорт на нафта и природен гас од Блискиот Исток низ Ормускиот Теснец. Блокадата предизвика огромен пораст на цената на овие енергенти, што ги врати сеќавањата на 2022 година кога започна големата енергетска криза предизвикана од рускиот напад на Украина. Јасно е дека од времетраењето на воените дејствија во Иран и нормализирањето на протокот на енергентите низ Ормускиот Теснец ќе зависи дали светот ќе доживее реприза на енергетската криза. Но, уште појасно е дека нафтата и гасот се вратија на светската сцена како главни двигатели на економијата. Повторно се покажа дека од нивната цена зависи буквално се‘ – растот на БДП, висината на инфлацијата, движењата на пазарот на капитал и воопшто сите макроекономски и монетарни трендови насекаде во светот. Затоа, не треба да бидеме изненадени што овие енергенти се во фокусот на големите сили, пред се на САД кои се подготвени и со оружје да воспостават и да одржат енергетска доминација во светот.
Малку историја
Познато е дека историјата е најдобар учител. Затоа е потребно враќање наназад за подобро да се разберат актуелните геополитички настани и воениот напад на Иран. Имено, во Иран во 1953 година се случи државен удар финансиран од САД и Обединетото Кралство. Со ударот од власт беше отстранет Мохамед Мосадег и вратен монархот Мохамед Реза Пахлави како шах на Иран.
Прочитај повеќе
Европската економија почнува да боледува од војната на Трамп со Иран
Војната со Иран отвора нов економски фронт за Европа: растот се намалува, инфлацијата расте, а индустријата и домаќинствата се соочуваат со нов бран сериозни проблеми.
27.03.2026
„Тотал“ агресивно купува нафта од Блискиот Исток, дополнително тресејќи го пазарот
Масовните купувања на „Тотал“ создаваат силни ценовни движења кај нафтата Дубаи, клучна референтна цена за нафтата од Блискиот Исток.
26.03.2026
ЕБОР: Македонија меѓу земјите кои ќе бидат најмногу погодени од војната на Блискиот Исток
Конфликтот покажува колку брзо геополитичките шокови можат да се пробијат низ енергетските пазари, синџирите на снабдување и финансиските услови.
26.03.2026
Војната ќе ја разгори инфлацијата - нови влошени прогнози за светската економија
ОЕЦД значително ги зголеми своите процени за инфлацијата за најголемите економии, со очекување дека просечната стапка во Групата 20 ќе достигне четири проценти оваа година, што е значително над декемвриската проекција.
26.03.2026
Иран подготвува закон за такси за премин низ Ормускиот Теснец
Иран подготвува закон со кој ќе се наплаќа надомест за премин низ Ормускиот Теснец, формализирајќи ја практиката што веќе ја потресе глобалната трговија.
26.03.2026
Аларм од Вашингтон: Се разгледува сценарио со нафта од 200 долари
Администрацијата на Доналд Трамп анализира екстремни сценарија за цените на нафтата, вклучувајќи 200 долари за барел, додека војната со Иран ги зголемува ризиците од инфлација.
26.03.2026
„Британика“ бележи дека со својата стратешка локација и огромни резерви на нафта, Иран беше од посебен интерес за САД, Обединетото Кралство и други сили.
„Велика Британија воспостави присуство во земјата за време на Втората светска војна за да го заштити виталниот пат за снабдување на својот сојузник Советскиот Сојуз и да спречи нафтата да падне во германски раце. По војната, Обединетото Кралство ефикасно ја задржа контролата врз нафтата на Иран преку основањето на Англо-иранската нафтена компанија“, пишува „Британика“.
Меѓутоа, овој аранжман нагло се промени во 1951 година кога иранскиот парламент, предводен од националистичката и демократски избрана влада на Мосадег, гласаше за национализација на нафтената индустрија на земјата. Гледајќи дека нејзините интереси се загрозени, Велика Британија започна тајна кампања за ослабување и дестабилизација на Мосадег. На почетокот, британската влада се обиде да го убеди шахот да го отстрани Мосадег од функцијата со тоа што измисли парламентарен декрет, трик кој не успеа и го подобри угледот на Мосадег, а воедно го намали угледот на шахот.
„Кога притисокот за отстранување на Мосадег еволуираше во идеја за државен удар за соборување на владата, Велика Британија, не сакајќи сама да ја преземе одговорноста, ги убеди САД да ги здружат силите играјќи на стравовите од Студената војна дека Мосадег, прогласен антикомунист, се поврзува со Тудех, Иранската комунистичка партија“, наведува „Британика“.
Всушност, САД ја презедоа водечката улога во тајна операција, наречена „Операција Ајакс“, во која агенти финансирани од ЦИА беа користени за поттикнување немири во Иран.
Овие напори кулминираа во август 1953 година кога Мосадег и неговата влада беа соборени, а Мохамед Реза, прозападен монарх, беше вратен на власт. Мосадег беше затворен три години, а потоа го помина остатокот од својот живот во домашен притвор.
„Денес е генерално прифатено дека пучот од 1953 година ги посеа семето за Исламската револуција од 1979 година, во која шахот беше соборен и отиде во егзил. Во 2013 година, ЦИА формално ја откри својата улога во пучот“, пишува „Британика“.
Со Иранската револуција беше соборена монархијата и беше воспоставена исламска република, што радикално ги промени односите со САД. Оттогаш, Иран и Вашингтон со повремени паузи се во постојана геополитичка конфронтација.
САД не кријат дека сакаат енергетска доминација
Концептот за „енергетска доминација“ веќе извесно време повторно е во центарот на американската геополитичка стратегија. Политиката што ја промовира администрацијата на Доналд Трамп има за цел да ја претвори енергетската моќ на САД во инструмент за економско и геополитичко влијание. Преку зголемување на домашното производство на нафта и гас, олеснување на регулативите и активна надворешна политика кон држави како Иран и Венецуела, Вашингтон се обидува да ја зацврсти својата позиција како водечки играч на глобалниот енергетски пазар.
Официјалната стратегија на Белата куќа, „Американска енергетска доминација“ (American Energy Dominance) подразбира агресивно проширување на домашната енергетска индустрија, зголемување на извозот на енергенти и намалување на зависноста од странски ресурси. Целта не е само економски раст, туку и користење на енергетската моќ како средство за геополитичко влијание. Во рамките на оваа политика, во 2025 година беше формиран и Националниот совет за енергетска доминација, тело чија задача е да ги координира федералните институции и да го забрза развојот на нови енергетски проекти.
Зголемување на производствто на енергенти и извозот и укинување на субвенциите за електрични возила меѓу главните столбови на новата стратегија/Извор:Принт скрин/Бела куќа
Американската стратегија се потпира на фактот дека САД во последната деценија стануваат најголем светски производител на нафта и гас. Според анализите на Меѓународната агенција за енергија, производството на нафта во САД достигна историски нивоа благодарение на технолошките иновации, особено во експлоатацијата на шкрилци. Овој раст значително ја промени глобалната енергетска карта и ја намали зависноста на земјата од увоз на енергенти.
Голем удар врз Кина
Познато е дека САД и Кина подолг период се во своевидна трговска војна и борба за првото место на листата најсилни светски економии. Истовремено, САД континуирано ја гледаат Кина како една од најголемите безбедносни закани. Индикативно е што со нападот врз Иран и запирањето на протокот на нафта низ Ормускиот Теснец всушност САД и нанесоа тежок енергетски удар на Кина. Имено, дури 34 проценти од нафтата што во 2025 година минала низ Ормускиот Теснец завршила во Кина.
Водниот пат е клучен и за пазарот на течен природен гас. Околу една петтина од светските залихи на течен природен гас - главно од Катар - поминаа низ овој канал минатата година. Азиските земји, исто така, купуваат поголем дел од овој вид гориво што се испорачува од Блискиот Исток.
По нападот врз Иран, кинеската влада беше принудена да им наложи на најголемите рафинерии за нафта во земјата да го прекинат извозот на дизел и бензин, бидејќи ескалацијата на конфликтот во Персискиот Залив го наруши пристигнувањето на сурова нафта од еден од најголемите региони за производство во светот.
Службеници од Националната комисија за развој и реформи, главниот економски планер во земјата, се сретнаа со раководителите на рафинериите и усно побараа привремено прекинување на испораките на рафинирани производи што ќе започне веднаш, според луѓе запознаени со ова прашање.
Од рафинериите е побарано да престанат да потпишуваат нови договори и да преговараат за откажување на веќе договорените испораки. Исклучок е направен за гориво за авиони и мазут што се чуваат во царински складишта и за испораки во Хонг Конг и Макао.
Кина активно се обидува да го диверзифицира снабдувањето со јаглеводороди во последниве години, но сè уште добива близу половина од увозот на нафта од Заливот, вклучувајќи ги речиси сите испораки на Иран.
Шок за целиот свет, вклучително и САД
Но, ваквата стратегија на САД има и своја цена. Глобалниот пазар на нафта е исклучително чувствителен на политички конфликти, особено на Блискиот Исток. Се покажа дека секоја ескалација на тензиите со Иран може да предизвика нагло зголемување на цените на нафтата, што директно влијае врз економиите ширум светот. Дури и кога САД произведуваат големи количини на нафта, цените на глобалниот пазар и понатаму зависат од стабилноста на региони како Персискиот Залив.
Наглото зголемување на цените на нафтата влијае врз економијата преку повеќе канали. Тоа ги зголемува трошоците за потрошувачите и компаниите порадни енормниот и неочекуван раст на цените на бензините, ја намалува куповната моќ и го забавува економскиот раст.
ММФ неодамна соопшти дека зголемувањето на цените на енергијата за 10 отсто, кое би траело една година, би ја зголемило глобалната инфлација за 40 базични поени и би го забавило економскиот раст. Тоа би значело нов инфлаторен бран, од што најмногу се плашат носителите на политики во регионот Адрија и насекаде во светот со оглед на тоа што по енергетската криза во 2022 година инфлацијата достигна рекордни нивоа и голем дел од земјите се уште се борат да ја симнат до посакуваните два процента.
Всушност се покажува дека концептот на „енергетска доминација“ не значи целосна енергетска независност. Иако САД се водечки производител, тие остануваат дел од глобалниот енергетски систем. Конфликти, санкции или нарушувања во снабдувањето можат да предизвикаат ценовни шокови кои се чувствуваат и на американскиот пазар.
Тоа се покажа во минатото, а се покажува и денес. Во 1973 година ембаргото од арапските држави ги крена цените на нафтата нагло нагоре. Во 1979 година Иранската револуција, раѓањето на Исламската Република, повторно предизвика нивен силен раст. Во САД тоа ја крена инфлацијата на двоцифрено ниво и ги принуди Фед, да ја заостри монетарната политика. Последиците беа невработеност од речиси 11 отсто и економија во рецесија. Денес, поради актуелните случувања во Иран и блокадата на извозот на нафта од земјите од Блискиот Исток повторно има раст на цените на нафтата и гасот и на американскиот пазар.
Битно е да се нагласи дека покрај геополитичките ризици, постојат и економски и климатски аргументи против стратегијата за економска доминација на САД. Критичарите сметаат дека прекумерната ориентација кон фосилните горива може да ја забави транзицијата кон чиста енергија и да ги поткопа глобалните напори за справување со климатските промени. Во време кога многу земји инвестираат во обновливи извори, продолжувањето на експанзијата на нафтената индустрија може да се покаже како краткорочна стратегија.
Во суштина, стратегијата за енергетска доминација претставува обид да се искористи економската сила на американската енергетска индустрија за постигнување пошироки геополитички цели. Односите со Иран, глобалната стабилност на нафтените пазари и климатската политика се само дел од сложената равенка што ја обликува иднината на оваа стратегија.
Во наредните години ќе стане појасно дали концептот на енергетска доминација навистина може да ја зацврсти позицијата на САД во глобалната политика или пак ќе се соочи со ограничувања на еден сè повеќе комплексен и меѓузависен енергетски систем. Она што е сигурно е дека енергијата повторно станува едно од главните оружја во геополитичката игра на големите сили.
Нафтата ќе биде уште долго во играМеѓународната агенција за енергија предвидува дека глобалната побарувачка за нафта ќе 105,5 милиони барели/дневно (мб/д) до крајот на 20230 година. Од друга страна, се предвидува дека светскиот капацитет за производство на нафта ќе се зголеми за 5,1 мб/д на 114,7 мб/д до 2030 година, со раст доминиран од силните добивки кај течните гасови(NGL) и други несурови течни материи, а поттикнат повисоко од двата најголеми добавувачи во светот, Саудиска Арабија и САД. „Стратешкиот пресврт кон зголемен капацитет кај несуровата нафта е поттикнат од силната глобална побарувачка за петрохемиски суровини и развојот на ресурси за гас богати со течности“, наведуваат од агенцијата. Се очекува производителите кои не се членки на ОПЕК+ да обезбедат приближно две третини од глобалниот раст, зголемувајќи го капацитетот за 3,1 мб/д, додека ОПЕК+ додава речиси 2 мб/д капацитет во периодот на прогноза до 2030 година. „Соединетите Американски Држави ќе продолжат да го водат зголемувањето на производството кое не е од членки на ОПЕК+, предводено од силниот раст кај NGL. Саудиска Арабија го предводи зголемувањето на капацитетот на ОПЕК+, речиси исклучиво во NGL. Заедно, Саудиска Арабија и Соединетите Американски Држави ќе придонесат со 40 проценти во вкупниот раст на глобалниот нафтен капацитет во прогнозниот период“, посочуваат од агенцијата. |
Како конфликтот во Иран влијае на пазарот на гас?
Пазарот е во опасност од најголемиот шок откако руската инвазија на Украина ја наруши глобалната трговија со гас и ја натера Европа да брза да најде алтернативни извори, според „Блумберг њјуз“. Фјучерсите за гас во Европа речиси се дуплираа во деновите по почетокот на конфликтот во Иран, достигнувајќи ги највисоките нивоа од 2023 година.
Блискиот Исток е значаен снабдувач на течен природен гас (LNG) поради Катар, кој беше втор најголем производител минатата година по САД. „Катар Енерџи“ (QatarEnergy) ја запре активноста во најголемиот светски извозен објект на течен природен гас (LNG) откако беше цел на ирански напад со беспилотни летала. Фабриката Рас Лафан сочинува околу една петтина од глобалното снабдување.
Поголемиот дел од извезениот течен природен гас (LNG) од Блискиот Исток го купуваат земјите во Азија. Доколку тие купувачи не се во можност да набават товар од Блискиот Исток - без разлика дали е тоа поради прекини во испораката или прекини во производството - тоа ја зголемува конкуренцијата за течен природен гас произведен на друго место и ги зголемува цените низ целиот свет.
Тоа би биле лоши вести за Европа. Иако континентот се приближува кон крајот на зимата и затоа има помала потреба од гориво за греење, тој ја завршува сезоната со невообичаено ниски залихи на гас. Затоа, Европа треба да увезува големи количини на течен природен гас (ТПГ) за да ги надополни своите складишта за гас - задача што ќе биде поскапа ако има поголема конкуренција од Азија.
Производителите на течен природен гас во САД би можеле да имаат корист од прекинот на Блискиот Исток, но добивките веројатно ќе бидат ограничени бидејќи нивните извозни терминали веќе работат речиси со полн капацитет. Новите постројки за течен природен гас (ЛНГ) што треба да започнат со работа оваа година можат само делумно да го заменат катарскиот гас, па затоа некои потрошувачи можеби ќе треба да ја намалат својата употреба или да најдат замена - доколку можат.