Двоцифрен раст на трошоците за труд: Трка за секој вработен
Во последниот период е двоцифрен растот на трошоците за труд по единица производ. Последните податоци со кои располагаме се од четвртиот квартал минатата година, кога номиналните трошоци за труд по единица производ забележале годишен раст од 13,6 отсто (растот во претходниот квартал бил 9,8 отсто), што се должи на натамошниот раст на номиналните бруто-плати, при забавување на растот на продуктивноста. Забавениот годишен раст на продуктивноста во целост е одраз на забавувањето на растот на економската активност.
Инаку, разликата меѓу нето и бруто-минималната плата е нешто повеќе од 9.500 денари. Или, за да се исплати минимална плата од 20.175 денари, работодавецот всушност плаќа 29.739 денари. Како што расте нето-платата, така пропорционално се зголемува и бруто-платата. Според тоа, за исплата на пример на просечна плата, која според Државниот завод за статистика во јануари изнесувала 33.943 денари, компаниите требало да исплатат бруто-плата од 50.837 денари, или речиси 17.000 денари повеќе.
Ново поевтинување на дел од возилата на „Тесла“
„Тесла“ (Tesla Inc) уште еднаш ја намали цената на неколку од своите модели, што е дополнителен знак дека главниот извршен директор Илон Маск е подготвен да ја жртвува профитабилноста на производителот на електрични автомобили во услови на зголемување на каматните стапки, што може да ја наруши побарувачката на потрошувачите.
Производителот на автомобили на својата интернет-страница објави дека цената на моделот ипсилон (Model Y) со долг досег и погон на четири тркала ќе се намали за 5,6 проценти, на 49.990 долари, додека цената на изведбата на моделот ипсилон ќе падне за 5,2 процента, на 53.990 долари. Цената на моделот 3 (Model 3) со погон на задните тркала ќе се намали за 4,7 проценти, на 39.990 долари.
О'Лери: Луѓето имаат пари и сакаат да ги трошат на патувања
„Просечната цена на лет во Америка се одржува на ниво од 110 долари, а кај 'Рајанер' (Ryanair) e 44 евра. Понатаму, сè уште е попристапно да се лета во Европа, но нема сомнеж дека цените не летовите растат, особено како што се приближуваме кон летото“, изјави извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О'Лери, во телевизиското интервју за „Блумберг“.
Тој вели дека постојано се зборува за кризи. Конкретно, цела зима се слушаа приказните за енергетската криза, растот на каматите итн., но тој истакнува дека позитивната работа е високата вработеност и тоа што луѓето на крајот од секој месец добиваат плата и трошат пари.
„Луѓето сакаат да трошат пари на патувања“, истакна Лери, додавајќи дека моментално во Европа е тешко да се добие маса во ресторан, хотелска соба или да се пронајде авиобилет.
На берзите...
Берзанските индекси утрово не флуктуираа многу, па по вчерашниот мал пад може да се каже дека утрово индексите S&P 500 и Nasdaq 100 се стабилни, со незначителна промена на вредноста. Слично е и во Европа, Јапонија и Австралија. Отскокнува хонгконшкиот индекс, кој порасна за 0,2 отсто, како и кинескиот, кој падна за 0,7 отсто.
Нафтата се повлече по третпат во четири дена, бидејќи дополнителните знаци за забавување во САД го засенија значителното намалување на резервите на суровата нафта. Имено, цената на ВТИ за испорака во мај падна за 1,1 отсто, на 78,31 долар, додека нафтата брент за испорака во јуни поевтини за 0,9 проценти и сега се тргува по цена од 82,34 долари.
Еврото се промени сосема малку во однос на американскиот долар и се нивниот курс изнесува 1,0958 долари за евро.
На криптопазарот владее негативно расположение, па најголемиот токен, биткоинот, падна за 1,2 отсто, на 28.902,9 долари, додека етерот загуби 1,4 отсто од вредноста и се тргува по цена од 1.953,23 долари.
Денеска читајте...
Во Македонија има своевиден бум на интересот меѓу граѓаните за купување државни хартии од вредност, а најдобар показател за тоа е што заклучно со март годинава физички лица поседувале државни записи во вредност од 138 милиони денари (2,2 милиони евра), што е рекорден раст во изминативе две години. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека трендот на зголемено инвестирање во државни хартии од вредност од физичките лица почнува од средината на минатата година, а врв достигнува минатиот месец.
Овој тренд е присутен и во неколку европски држави. Малите инвеститори чекаат на ред да купат државни обврзници. Што се случува?
Секој работен ден во февруари се формираше долга редица луѓе пред седиштето на Банката на Шпанија во Мадрид. Слично беше и во Хрватска, каде што Хрватите буквално „навалија“ на националниот долг. Освен Хрватите и Шпанците, кои разочарани од ниските каматни стапки на банкарските депозити одамна се одлучија за државни обврзници со купонска камата од три отсто, сличен штеден производ имаат и Италијанците.
Италија ги гледа заштедите од малите инвеститори како „клучен елемент“ во својата стратегија за управување со долгот, поради што на почетокот на март издаде нови државни обврзници, конкретно наменети за малите инвеститори.