Повторно работи легендарната продавница на „Тифани“ на Петтата авенија
Новиот изглед на продавницата на „Тифани“ (Tiffany & Co.) на Петтата авенија во Њујорк, која сега го носи името „Лендмарк“ (Landmark), ја обележува новата ера за легендарниот американски луксузен бренд, кој постои во рамките на групацијата ЛВМХ (LVMH) и претставува најголема инвестиција во малопродажен објект што овој гигант ја направил кога било. Потребни се часови за да ја обиколите продавницата, а секој кат нуди различно искуство.
Ви носиме ексклузивно интервју со директорот Ентони Ледру, кој за „Блумберг“ откри детали во врска со новиот концепт.
Македонскиот буџет лани „ранел“ речиси 3.000 помалку административци
Бројот на вработени во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2022 година изнесувал 129.374 лица, распоредени во вкупно 1.354 институции, соопшти денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, нагласувајќи дека иако бројот на институции во однос на 2021 година е зголемен за осум, бројот на вработени во 2022 година е намален за 2.714 во однос на претходната година.
Најголем процент или 34 отсто од вработените во јавниот сектор се во дејноста образование, а 18 отсто работат во здравството. Извештајот покажува дека во органите на државна власт се вработени вкупно 14.531 лице, што претставува 13 отсто од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор.
На берзите...
Индексот S&P 500 утрово падна за 0,4 проценти, но технолошкиот индекс Nasdaq 100 ја зголеми вредноста за 0,6 отсто. Европскиот индекс Euro Stoxx 50 падна за 0,3 проценти. И во Азија сликата е различна, така што најголемите берзански индекси се движат меѓу негативната и позитивната зона, со тоа што најголемиот пад изнесува 0,4 проценти, а најголемиот раст 0,3 отсто.
Цената на нафтата се одржува стабилно по дводневниот пад од речиси шест проценти, бидејќи загриженоста за забавувањето на побарувачката продолжи да се надвиснува над пазарот. ВТИ за испорака во јуни утрово порасна за 0,3 проценти, на 74,51 долар, додека нафтата брент поскапе за половина процент и сега барел се тргува по цена од 78,06 долари.
Еврото сосема малку ја промени вредноста во однос на американскиот долар и нивниот курс изнесува 1,1052 долар за евро. Златото поскапе за 0,5 проценти, доближувајќи се кон границата од 2.000 долари за унца. Поточно, неговата вредност утрово изнесува 1.998,83 долари.
Позитивно е расположението и меѓу инвеститорите на криптопазарот, каде што најголемиот токен, биткоинот, порасна за 1,7 отсто, достигнувајќи 28.906,7 долари, а етерот ја зголеми својата вредност за 1,8 отсто и сега чини 1.900,01 долари.
Денеска читајте...
Пишуваме за шаренилото на берзата и за тоа кој работи со добивка, а кој со загуба во 2023-та. Компаниите од Македонската берза почнаа да ги објавуваат финансиските резултати за првото тримесечје, според кои дел од нив забележаа значително зголемување на приходите и добивката, а други работеа со загуба и имаа влошување на резултатите во однос на истиот период минатата година. Ги анализиравме клучните показатели за компаниите за овој период и какви се нивните очекувања до крајот на годината.
Посебно се осврнуваме и на високиот старт на Комерцијална банка, чиј профит за првите три месеци годинава изнесува 16,9 милиони евра, што е зголемување од 98,9 проценти во однос на истиот период минатата година, кога банката имала добивка од 8,6 милиони евра.
Од банката велат дека растот на добивката главно произлегува од зголемените приходите од редовно работење, односно од значајно покачените нето-приходи од камати како резултат на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на банката.
Пишуваме и за тоа дека Комисијата за хартии од вредност (КХВ) одобри Општина Аеродром да издаде обврзници од 5,3 милиони евра. Станува збор за прва емисија на општински обврзници во количество од 11.000 лота, во апоени од 30.000 денари по лот по обврзница.
Како што информираат од КХВ, вкупната номинална вредност на емисијата е 330.000.000 денари (5,3 милиони евра). Рокот на достасување на издадените обврзници е 10 години, а ќе бидат со фиксна годишна каматна стапка во износ од пет проценти.
Ова е втор обид една македонска општина да се задолжи преку издавање обврзници. Неодамна и Општина Штип се обиде да издаде обврзница, но обидот пропадна откако Владата не даде зелено светло за новото задолжување.
Владата ќе плати 6,5 милиони евра за поранешната зграда на Комерцијална банка
Поранешната зграда на Комерцијална банка ќе добие нов лик за 6,5 милиони евра, а кој ќе се смести таму сè уште не се знае. Бирото за јавни набавки го објави договорот склучен меѓу Службата за општи и заеднички работи на Владата и друштвото за градежништво, трговија и услуги „Бауер БГ“ ДОО Скопје. Договорот се однесува на реконструкцијата на објектот што порано беше сопственост на Комерцијална банка, а во кој сега се сместени неколку државни институции. Договорот меѓу двете страни е со важност од три години.
Владата ја купи зградата во 2012 година по цена од 965 евра за квадратен метар, односно за трите деловни објекти со површина од 22.525 квадратни метри, кои во тој момент беа во сопственост на Комерцијална банка, Владата на тогашниот премиер Груевски плати 21,7 милион евра.