Канадска компанија за автомобилски системи отвора втора фабрика во Македонија
Нови 600 работни места ќе бидат отворени за околу една година со новата инвестиција на канадската компанија „Магна“, која, по отворањето на фабриката во Струга, вчера официјално го означи почетокот на својата втора инвестиција во Штип.
Потпретседателот на „Магна интернационал“, Дејвид Креспи, рече дека нивната втора фабрика во земјава претставува уште една одредница кон проширување на работата во регионот.
„Магна интернационал“ е компанија специјализирана да дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти што им се испорачуваат на сите позначајни производители на автомобили во светот.
Ако САД не го подигнат лимитот за задолжување, под закана е националната безбедност
Американската министерка за финансии Џенет Јелен нагласи дека неуспехот на сојузната влада да ги реализира своите давачки ќе ја поткопа способноста на Вашингтон да го задржи лидерството на меѓународен план и да ја осигури националната безбедност. Јелен долго време предупредува дека неисполнувањето на обврските може да предизвика економска и финансиска катастрофа.
„Нереализацијата на давачките би предизвикала глобален пад и претставува ризик да се поткопа глобалното економско лидерство на САД и да се загрози способноста на земјата да ги штити националните безбедносни интереси“, рече Јелен на прес-конференција пред состанокот на Г7.
Американскиот претседател Бајден и републиканците во Конгресот се во ќор-сокак околу зголемувањето на лимитот за задолжување на земјата од 31,4 илјада милијарди долари, бидејќи додека Бајден инсистира на можност за поголемо задолжување, лидерите на Републиканската партија бараат ветувања за идни намалувања на трошоците пред да гласаат за покачување на горната граница за задолжување.
Владата на САД го достигна својот законски лимит за задолжување во јануари, а Министерството за финансии оттогаш користи специјални мерки за да има готовина на располагање. Дел од мерките истекуваат на 1 јуни, што може да ги доведе во прашање исплатите кон инвеститорите во американски обврзници, примателите на помош и кон тие со кои САД имаат склучено договори.
Инфлацијата во Кина во април падна на само 0,1 отсто
Инфлацијата во Кина во април забави до најслабото темпо во последните две години, додека производствените цени дополнително паднаа во дефлација, поттикнувајќи дебата за тоа дали е потребен поголем политички стимул.
Индексот на потрошувачките цени минатиот месец се зголеми за 0,1 отсто во однос на април минатата година. Базичниот индекс на потрошувачки цени, кој ги исклучува променливите трошоци за храна и енергија, беше непроменет и изнесува 0,7 отсто. Производствените цени паднаа за 3,6 проценти на годишно ниво бидејќи трошоците за суровините се омекнати.
Сето тоа доведе до шпекулации за тоа дали кинеската централна банка ќе ја олесни монетарната политика во претстојниот период.
Макрон претстави нов план за побрзо индустриско закрепнување на Франција
Францускиот претседател Емануел Макрон ги претстави новите мерки за поттикнување пресврт на индустрискиот пад на земјата, додека се обидува да одговори на огромната американска помош за своите зелени сектори и со тоа да го обнови своето политичко богатство дома.
Ветувањата вклучуваат проширувања на даночните олеснувања за инвестиции, поедноставување на процедурите за отворање нови фабрики и зајакнување на финансирањето во образование и во обука на луѓе за зелена индустрија. Тој рече и дека владата ќе ги промени бонусите за електричните возила за да ги исклучи произведените со голем јаглероден отпечаток, мерка што ќе го поддржи европското производство. Ќе се инвестира и во обнова на постојните, како и во нови индустриски региони.
Денеска читајте: Расте бројот на пензионери, се намалуваат работоспособните, ќе издржи ли системот?
Населението старее, животниот век се зголемува, а се намалува наталитетот и истовремено младите сè помасовно се иселуваат. Вака накратко би го опишале трендот што владее не само во Македонија туку и во Европа. Но, што значи тоа за пензискиот систем?
Во вакви услови имаме сè поголем број на пензионери, а тоа не се пресликува кај работоспособното население. Имено, од пописот во 2002 година до актуелниот од 2021 година бројот на пензионери се зголемил за околу 100.000, а од друга страна бројот на работоспособно население се намалил за 170.000 илјади. И Светската банка и експертите алармираат на неопходни реформи за одржлив пензиски систем.