Германските менаџери не гледаат знаци на економски раст и очекуваат стагнација во 2023 година. Истражувањата покажуваат дека цените на енергијата и на суровините и натаму се најголем ризик. „Епл“, пак, има друг проблем. Компанијата им забранува на вработените да ја користат вештачката интелигенција на ЧетГПТ, бидејќи стравува за безбедноста на чувствителните информации. Ограничување на употребата на вештачката интелигенција веќе применуваат и други компании. Патем, пишуваме и за тоа што се случи со метаверзумот.
Еве ги вестите што треба да ги знаете ова утро:
Раст или пад на платите?
Најновите податоци од Државниот завод за статистика нудат една статистичка игра што овозможува да читате и раст и пад на платите во земјава, зависи како гледате на работите. Според номиналната вредност, просечната плата во Македонија во март изнесува 34.925 денари и е за 12,4 проценти повисока од истиот месец лани. Голем удел во тоа има покачувањето на минималната плата, која во март се зголеми од 18.000 на 20.175 денари.
Но, убавата слика ја расипува инфлацијата, па, според пресметката на Статистика, реалната вредност на просечната плата се намалила за два отсто на годишно ниво.
Ако тука нема добра плата, ќе земаме од Србија и Албанија
На почетокот од летово стартува единствениот пазар на трудот меѓу Македонија, Србија и Албанија, а работниците ќе може слободно да работат каде било во овие соседни земји без да вадат работни дозволи.
Компании од Куманово и Скопје ќе мобилизираат работна сила од Врање и околината, а веројатно и тие од Струга ќе видат кадровски потенцијал во пограничниот регион во Албанија. И обратно. Особено затоа што платите во Белград и Војводина се за 300-400 евра повисоки отколку во Македонија.
Куќа на хрватското приморје?
Хрватскиот пазар на недвижности стана многу интересен меѓу странците во последните години, особено по влезот во шенген-зоната и усвојувањето на еврото. Имотите покрај морето се особено атрактивни, поради што нивните цени се зголемија во последните години. Но проверивме кои имоти на хрватското приморје ќе се продаваат во стечајна и извршна постапка во следниот месец и половина, па можеби ќе дојдете до имот за цена помала од реалната. Направивме листа што и каде се продава и колкави се цените.
ЕУ ја казни „Мета“ со рекордни 1,2 милијарда евра
Компанијата сопственик на „Фејсбук“, „Мета“ (Meta Platforms Inc.), доби казна од рекордни 1,2 милијарда евра (1,3 милијарда долари) за прекршување на политиките за приватност на Европската Унија и доби рок да престане да испраќа податоци од своите корисници во САД, откако регулаторите соопштија дека не ги заштитила личните податоци од љубопитните очи на американските служби за безбедност.
Покрај казната, на „Мета“ ѝ се дадени пет месеци да го прекине секој иден пренос на лични податоци во САД и шест месеци да ја запре незаконската обработка, вклучувајќи го и складирањето на пренесените лични податоци од ЕУ во САД.
Следиме...
Ќе ги следиме очекувањата на менаџерите во производството за деловните активности во наредниот период во двете најголеми европски економии, Германија и Франција, но и во целата еврозона.
Ќе информираме и за пазарот на недвижности во САД, поточно за продажбата на нови домови.
Денеска започнува Катарскиот економски форум, поддржан од „Блумберг“, а ќе трае до четврток.
Во рамките на неколку различни финансиски конференции низ светот ќе се обратат повеќе челници од ЕЦБ и ФЕД, од кои очекуваме анализи и економски прогнози за наредниот период.