Eвропската централна банка (ЕЦБ) се приближува до точката во која може да престане да ги зголемува трошоците за позајмување, но се разбира дотаму има уште пат. Добро утро! Ова е изјава на Пабло Хернандез де Кос, член на Управниот совет на ЕЦБ. Не се разликува многу од изјавите што во последниот период ги даваат и други негови колеги и финансиски експерти во Европа. Таков развој очекува и генералниот директор на Националната банка на Грција (НБГ), Павлос Милонас, со кого денеска ви носиме ексклузивно интервју. Но, еве кои пет вести ги издвоивме за почеток на вашиот ден.
ЕЦБ кон врвот на затегнувањето
„Сметаме дека имаме уште малку пат од процесот на затегнување на монетарната политика, иако мислиме дека сме поблиску до крајот“, рече Де Кос,кој е шеф на шпанската централна банка, во понеделникот на онлајн настан организиран од институт „Инципе“, пренесе „Блумберг“.
ЕЦБ веќе нагло ги зголеми каматните стапки и, додека размислува да му стави крај на овој циклус на затегнување на монетарната политика, сепак сè уште се планирани и натамошни зголемувања. Од јули досега каматните стапки се зголемени за 375 базични поени. На следните два состанока се веројатни дополнителни поместувања во висина од четвртина процентен поен, при што некои креатори на политики сметаат дека можеби ќе биде потребно и поголемо зголемување во септември.
Податоците за инфлацијата во еврозоната оваа недела веројатно ќе покажат фрустрирачки бавен напредок кон целната инфлација на ЕЦБ од 2 процента. Потрошувачките цени се зголемија за 6,3 проценти во мај во однос на претходната година.
Првиот човек на НБГ за „Блумберг Адрија“
Павлос Милонас одговараше на нашите прашања во услови кога затегнатата монетарна политика ги крати можностите на банките за кредитирање, а во време на значаен раст на каматните стапки.
Милонас вели дека поради одложениот ефект во трансмисијата на монетарната политика, притисоците врз економската активност може да се интензивираат во текот на 2023 година. „Неодамнешните турбуленции во дел од банкарскиот сектор во САД, случувањата со банката ’Кредит Суис’ (Credit Swiss) и растечките сигнали за нагло забавување на кредитниот раст покажуваат дека се доближуваме до врвот на циклусот на затегнување на монетарната политика во САД, а истото тоа ќе се случи и во еврозоната кратко потоа“, вели Милонас.
Оваа грчка банка во Македонија ја поседува Стопанска банка, а со Милонас зборувавме и за можни други аквизиции и регионални аспирации.
Жешка мапа за македонските банки
Во црвена зона влегоа ризиците за ликвидноста на македонските банки во текот на минатата година, што беше предизвикано од повлекувањето на депозитите поради страв од разгорувањето на војната во Украина и можните негативни последици по македонскиот банкарски систем. Податоците на Народната банка откриваат дека кај повеќе показатели за ликвидноста на банките лани имало рекордно влошување, незабележано во изминативе десет години.
На оваа тема направивме графичка реплика на топлинската мапа, која ја изработи централната банка.
Според аналитичарите на „Блумберг Адрија“, пак, намалувањето на ликвидните средства сугерира дека средствата се насочуваат кон заеми, што има позитивни ефекти врз економијата, но и за банките, бидејќи тие ги префрлаат парите во каматоносни средства.
Се шири заразата на „Енвидија“
Пазарната вредност на „Енвидија корп“ (Nvidia Corp.) скокна за 207 милијарди долари во два дена откако американскиот дизајнер на чипови на 24 мај даде неверојатно добри изгледи за приходите по сезоната на лоши вести за индустријата за полупроводници. Сепак, има неколку други технолошки компании што можат да имаат уште поголема корист од трката за прифаќање на вештачката интелигенција, пишува „Блумберг“.
Меѓу оние компании што сепак сè уште се џуџести поради огромниот скок на вредноста на „Енвидија“ од 200 милијарди долари се две од најважните носители на револуцијата на вештачката интелигенција. Помеѓу нив, корејската „СК Ксиникс“ (SK Hynix Inc.) и „Микрон технолоџи“ поседуваат 52 отсто од глобалниот пазар за динамична меморија со случаен пристап. Во комбинација, тие вредат само 140 милијарди долари. Нивниот единствен ривал, „Самсунг електроникс“ (Samsung Electronics Inc.) сочинува 43 отсто од оваа индустрија.
Следиме
Во понеделникот ескалира насилството на северот на Косово, каде што локалните српски демонстранти се судрија со полицијата, а подоцна и со мировниците предводени од НАТО, оставајќи десетици повредени. Српскиот претседател Александар Вучиќ за новинарите во Белград изјави дека повеќе од 50 локални Срби се повредени, меѓу кои и еден во критична состојба од прострелни рани.
Денеска излегуваат податоците за довербата на потрошувачите во еврозоната и во САД.
Во Скопје се одржува шестото издание на енергетскиот форум „МЕФ 2023“, а на него ќе се обрати заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.