Време за дивиденди
„Блумберг Адрија“ ги анализира дивидендните политики на компаниите што се дел од индексот МБИ10, при што од вкупно десет компании, шест одлучија да ја зголемат дивидендата.
Сепак, компаниите од берзанскиот индекс МБИ10 не можат да се пофалат со многу високи приноси. Кај повеќето компании приносот е под пет проценти, а забележително е дека кај дел од нив дивидендата носи нула принос.
Нема зима за тутунскиот сектор во земјава
Додека на глобално ниво бројот на пушачи се намалува, Македонија може да се „пофали“ со лидерска позиција не само во регионот туку и во Европа. Анализата на економистите на „Блумберг Адрија“ покажува дека тоа што близу половина од населението пуши ја зголемува атрактивноста на македонскиот пазар и за производителите и за дистрибутерите на цигари.
Спречен банкрот на САД
Претседателот на САД, Џо Бајден, го потпиша законот со кој се избегнува неисполнување на должничките обврски на неговата држава, елиминирајќи ги на тој начин можностите за катастрофален удар за американската економија.
Мерката договорена со претседателот на Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, ги ограничува федералните трошоци за две години и го суспендира лимитот на долгот до изборите во 2024 година.
Шимшек - надеж за турската економија?
Турските инвеститори се обложуваат дека назначувањето на поранешниот банкар од Волстрит, Мехмет Шимшек, на позицијата министер за финансии на Турција ќе значи промена кон поконвенционални економски политики од оние на претседателот Ердоган, во кои се гледа вината за егзодусот на инвеститорите и најлошата инфлациска криза во последните децении.
Шимшек, кој е поранешен стратег на „Мерил Линч“ (Merrill Lynch), веќе посочи дека на Турција не ѝ останува друг избор освен враќање на рационалното креирање политика.
Следиме...
Државниот завод за статистика денеска ќе ги објави податоците за македонскиот бруто-домашен производ за првото тримесечје годинава.
Ќе следиме и какви се очекувањата на менаџерите од еврозоната за цените на услугите, а „Блумберг“ ќе ги анализира и податоците за фабрички нарачки во САД.