Инфлацијата во земјава се намалува низ бројки, но во реалноста граѓаните ги купуваат производите по многу повисоки цени за разлика од цените што беа пред пандемиската и енергетската криза. Куповната моќ на луѓето во светот се намалува, заштедените пари од пандемијата речиси се потрошени, а од друга страна не се знае кога централните банки ќе му стават крај на зголемувањето на каматните стапки.
Добро утро, подолу се петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Колку поскапеа состојките за нашите традиционални јадења?
„Блумберг Адрија“ анализира колку пари чинеа некои производи лани, а колку годинава. Притоа не ги користевме статистичките податоци, туку се зафативме со макотрпно разгледување на цените од старите летоци на маркетите.Најголем дел од она што секојдневно го купуваме е и многу поскапо од лани. Со сегашните цени приготвувањето убав традиционален ручек за семејството ќе ве чини околу 450 денари, пред кризата чинеше помалку од 350 денари.
Какви одлуки за каматните стапки ќе носат централните банки во светот?
На крајот на август се одржува годишниот симпозиум на Фед во Канзас Сити, на кој присуствуваат врвни централни банкари од целиот свет. Се очекува сите очи да бидат вперени во претседателот на Фед и претседателката на ЕЦБ, кои би можеле да навестат дали конечно ќе му се стави крај на циклусот на зголемување на каматните стапки. Економистите очекуваат Турција и Исланд во текот на неделава да ги зголемат стапките, а Шри Ланка да ги намали.
Македонскиот стартап-екосистем претпоследен во регионот Адрија
Македонија се најде на 70-то место на листата од 100 земји рангирани во новиот извештај Глобален стартап-екосистем за 2023 година. Скопје е единствениот град од земјава што е рангиран, а се најде на 457-то место, што е подобрување за две места во однос на 2022 година. Главниот град е дом на 83 проценти од стартапите во Македонија. Најголемиот број стартапи во Македонија добиваат финансии за основање и за развој во раната фаза од државата односно од ФИТР.
Потрошувачите на САД немаат веќе заштеди од пандемијата
Американските потрошувачи се ближат кон крајот на финансиите што за време на пандемијата ги заштедија како вишок готовина. Нивните реакции ќе помогнат да се утврди дали најголемата светска економија може да избегне рецесија. Во текот на изминатите две години потрошувачите повлекоа дополнителни заштеди од над два трилиони долари што ги акумулираа за време на пандемијата.
Кина им порача на банкарските директори да ги зголемат заемите
Кинеската централна банка и финансиските регулатори се состанаа со банкарските директори и им кажаа на заемодавците да ги зголемат заемите за да го поддржат закрепнувањето. Народната банка на Кина минатата недела неочекувано ја намали основната каматна стапка најмногу од 2020 година за да ја зајакне економијата, која се соочува со нови ризици од влошениот пад на пазарот на недвижности и од слабата потрошувачка на домаќинствата.