Македонија, заедно со другите земји од Западен Балкан вчера на билатерални состаноци во Брисел ги утврдуваа основните елементи на реформските агенди што треба да ги подготват за новиот План за раст за овој регион. Никој посебно не очекуваше дека по помпезната најава на на планот кој предвидува неколку милијарди евра помош за земјите од Западен Балкан ќе следуваат брзи чекори за конкретизирање на потребните реформи. Можеби зошто веќе сме навикнати дека реформите, барем во Македонија се спроведуваат вечно.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Технолошко цунами во светот, јаваат ли и Македонците на тој бран?
На патот кон иднината, технологијата носи револуција во секој аспект од живеењето. Од начинот на кој комуницираме и работиме до интеракцијата со светот околу нас, технолошкиот напредок предизвикува длабоки ефекти врз човечкиот живот и однесување, па дури и врз нашиот опстанок.Темпото со кое се развива технологијата во последните декади е навистина зачудувачко.
Оттука, многумина сметаат дека следните години ќе ни донесат возбудливо патување, со иновации што уште повеќе ќе го трансформираат светот. „Во последните десетина години технологијата се претвори во нешто што е непрекинато присутно во нашиот живот. Од нешто што се менуваше бавно и беше недостапно и далечно, стана нешто што е дел од секојдневието... Сведоци сме на експоненцијално забрзување на напредокот“, вели за „Блумберг Адрија“ Игор Војноски, експерт за информатичка безбедност.
Што е ефeктивен алтруизам? Што значи тоа за вештачката интелигенција?
Протерувањето и брзото враќање на Сем Алтман на позицијата лидер на „Опен еј-ај“, стартапот за вештачка интелигенција што тој го коосноваше, беше кулминација на долготрајниот судир на светогледи што беше маскиран со неверојатниот успех на компанијата. Од една страна беа комерцијалните амбиции на Алтман и главниот партнер на „Опен еј-ај“ (OpenAI), „Мајкрософт“ (Microsoft Corp).
Од друга беа членовите на одборот кои се загрижени дека вештачката интелигенција еден ден може да го избрише човештвото. Таа грижа е двигател на движењето на ефективниот алтруизам, кое стана влијателна сила во Силициумската долина и индустријата за вештачка интелигенција
Лоша вест за Македонија: Увозот на ЕУ во континуиран пад
Вредноста на извозот и увозот на стоки од ЕУ продолжи да се намалува – извозот паѓа трет квартал по ред, а увозот четврти квартал. Намалувањето на увозот во ЕУ е лош сигнал за македонската економија бидејќи таа е наш главен трговски партнер. Во третиот квартал од 2023 година, увозот и извозот на ЕУ се намалија за 4,6 и 1,2 проценти, соодветно, во споредба со претходниот квартал, што доведе до суфицит во трговскиот биланс на ЕУ од околу 18 милијарди евра.
Последен пат беше забележан суфицит во третиот квартал од 2021 година (6,9 милијарди евра). Намалувањето на увозот во ЕУ во третиот квартал од 2023 година главно е предизвикан од падот на увозот на други произведени стоки (-6,6 милијарди евра во споредба со вториот квартал од 2023 година), машини и возила (-6,2 милијарди евра) и енергија (- 4,7 милијарди евра).
ЕЦБ нема да ги зголеми каматите освен ако нема некое изненадување
Европската централна банка нема повторно да ги зголеми трошоците за задолжување, освен ако не дојде до неочекуван настан, според членот на Управниот совет Франсоа Вилерој де Галхау. „Исклучувајќи ги изненадувањата, не мислам дека ЕЦБ повторно ќе ги зголеми стапките“, рече Вилерој на телевизијата Франс 5. „Постепено намалување на стапките ќе дојде еден ден, но ние сè уште не сме таму“.
Тој додаде дека ЕЦБ е посветена да ја доведе инфлацијата до целта од два проценти до 2025 година. Гувернерот на Банката на Франција неодамна им се спротистави на инвеститорите кои се обложуваат на намалување на каматните стапки во првата половина на следната година, велејќи дека ЕЦБ најверојатно ќе остане на нивото од 4 проценти „барем уште неколку состаноци односно квартали“.
Цената на литиумот во слободен пад
Цената на литиумот го продолжи речиси едномесечниот циклус на опаѓање со што падот од почетокот на годинава достигна дури 75 проценти. Се очекува вредноста на металот непходен за батериите за електрични возила да продолжи да паѓа и во наредната година.
Кинеските цени на литиум карбонат, полуобработена форма на металот, паднаа за 2,3 проценти денеска и се намалени за 20 проценти досега овој месец. Последниот пат кога објавија дневна добивка беше на 25 октомври. Цената на сподуменот – минерал кој се ископува во Австралија и чија главна состојка е литиумот е повеќе од преполовена во 2023 година.