Американските сенатори Елизабет Ворен и Ангус Кинг неодамна предупредија за брзорастечката индустрија за копање биткоини во Иран. Официјалниот меморандум објаснува како копањето криптовалути му дозволува на Иран да ги заобиколи санкциите, да ја олесни домашната и странската миграција на стоки, па дури и да финансира групи како Хамас и други терористички организации.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Македонците избираат половен автомобил, кинеските се пробиваат на пазарот
По првичниот шок од растот на цените на автомобилите, кој во последните две години беше, слободно кажано, драматичен, граѓаните сепак не се откажуваат од купување автомобили. Се разбира, возилата не поевтинија и тоа нема да се случи набрзо или, ако се случи, нема да е значајно. „Блумберг Адрија“ ја анализираше во детали состојбата на автомобилската индустрија во регионот и во Европа, а нашата редакција го испита ставот на читателите.
Прашавме дали би купиле автомобил и, ако купат, дали тоа би бил нов или половен. Се разбира, третина од испитаниците сметаат дека сега не е време за купување, затоа што цените се навистина високи, додека остатокот сепак би се одлучил да се поднови - но изборот првенствено е на половен автомобил.
Царинската управа на Македонија годинава нема објавено податок за увозот на возила. Последната статистика е до декември лани, а во целата 2023 година се увезени вкупно 47.500 возила. Меѓу нив нови патнички автомобили се 9.999, а употребувани се 33.213.
ББА-анализа: Висок напон - борба за пазарен удел во европската автоиндустрија
Автомобилската индустрија полека но сигурно излегува од екстремно турбулентниот период, обележен со нагласена вишок побарувачка и тесни грла во производството. Дополнително, продажбата на автомобили во Европа закрепнува и во овој момент е соодветно да се сумираат стратегиските и финансиските позиции на клучните играчи. На глобално ниво, „Тесла“ (Tesla) води ценовна војна, меѓу другите и со кинеските производители на електрични возила, додека европските потрошувачи купуваат, со солидна премија, на „домашниот“ односно европскиот пазар и покажуваат голем скептицизам кон конкурентите, особено оние од Кина.
Регионот е зафатен и од бурата на глобалниот пазар на електрични автомобили - новиот електричен автомобил на „Стелантис“ (Stellantis) моментално се тестира во Крагуевац. Ефектите од овие трендови ги оценуваме преку клучните играчи и нивните перформанси: „Тесла“, кинескиот БЈД (BYD) и „Стелантис“, како претставници на традиционалните европски производители на автомобили.
По високите двоцифрени стапки на раст во 2021 година, а особено во 2022 година, стапките на раст на продажбата се намалуваат во 2023 година. БЈД имаше најголем раст на продажбата минатата година, поради брзото освојување на огромниот кинески домашен пазар.
Глобалните цени на храната пораснаа малку поради поскапувањето на месото
Во април индексот на цените на храната на ФАО (FFPI) изнесуваше 119,1 поени, што е за 0,3 поени (0,3 отсто) повеќе од ревидираното мартовско ниво, како резултат на зголемувањето на индексот на цените на месото и помалото зголемување на растителното масло и житни индекси. Иако индексот на ФАО забележа втор месечен пораст по седуммесечен надолен тренд, сепак тој е за 7,4 отсто понизок од пред една година.
Цените на житата во април се зголемени за 0,3 отсто на месечно ниво, додека во однос на април лани се пониски за 18,3 отсто. По падот три последователни месеци, просечните светски извозни цени на пченица се стабилизираа во април. Притисокот на цените што произлегува од загриженоста за неповолните услови на земјоделските култури што влијаат на жетвата во 2024 година во делови од Европската Унија, Руската Федерација и Соединетите Американски Држави се компензира со континуираната силна конкуренција меѓу главните извозници. Спротивно на тоа, цените на извозот на пченката се зголемија, главно поттикнати од силната побарувачка за увоз во услови на растечки логистички нарушувања како резултат на оштетувањата на инфраструктурата во Украина и намалените производствени изгледи во Бразил пред почетокот на главната жетва.
Еврозоната има потреба од потрошувачи што ќе трошат повеќе
Со рекордна вработеност, силен раст на платите и инфлација близу два отсто, постојат услови за луѓето да излезат и да трошат. Бизнис-анкетите почнаа да даваат надеж, а на теренот, Каве Немати, претприемач на мало од Франкфурт, смета дека е само прашање на време кога клиентите ќе се вратат во голем број „Морате да останете позитивни и оптимисти - сè друго значи откажување“, вели Немати, сопственик на мал бутик во градската област Норденд и претседател на локалното здружение на трговци. „Во одреден момент потрошувачите ќе мора да кажат ’штедевме доволно долго’. И кога ќе падне првото домино, се надевам дека ќе ги урне и другите“.
Економскиот подем во 2024 година ја претставува најдобрата шанса на еврозоната допрва да повлече линија на долгогодишно нарушување, од пандемијата до кризата на трошоците за живот што следуваше. И со оглед на тоа што производството е сè уште бавно, креаторите на политиката сметаат на трошоците на домаќинствата за да го поттикнат растот.
Макрон повика на ресетирање на економските врски со Кина
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на создавање нови економски врски со Кина. Имено, францускиот претседател во опширното интервју за финансискиот неделник „Ла трибун“ (La Tribune) истакна дека Европа сака поголем реципроцитет во економските врски со Кина за подобро да ја обезбеди својата економска безбедност. „Повикувам на ресетирање бидејќи Кина сега има вишок капацитет во многу области и масовно извезува во Европа“, рече Макрон во интервјуто.
Пораката дојде еден ден пред кинескиот лидер Шји Џјинпинг да слета во Франција во државна посета, која доаѓа во време кога односите меѓу двете земји го достигнаа најтензичниот момент во последните децении. Шји ја започна својата посета вчера попладне, а Франција е првата станица на петдневната европска турнеја. Инаку, причина за тензиите се низата истраги на Европската Унија за прекумерни субвенции и случаи на шпионажа и сајбер-напади наводно поддржани од кинеската влада. Tокму Макрон ја поддржа истрагата на ЕУ за кинеските електрични возила кон крајот на минатата година и е внимателен во своите предлози додека се обидува да привлече инвестиции од втората по големина светска економија.