Поранешниот премиер, Димитар Ковачевски стана член на регионалниот советодавен одбор за Европа на организацијата КОСКУ (COSCU) на чиј Линкдин профил стои дека е посветена на обликувањето на иднината на образованието на глобално ниво.
„Големото искуство на г-дин Ковачевски во образовниот сектор совршено се усогласува со мисијата на КОСКУ да поттикне раст во образовната индустрија. Како доктор по економија и професор на Факултетот за бизнис економија и менаџмент на Универзитетот 'Американ Колеџ Скопје', тој покажа непоколеблива посветеност за академска извонредност. Неговите бројни научни придонеси во областа на економијата и менаџментот дополнително ја нагласуваат неговата посветеност за унапредување на знаењето и иновациите“, се наведува во објавата на организацијата во однос на новата позиција на поранешниот премиер.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
За камати и главнини во јули државата ќе плати над 100 милиони евра
Кој и да седне на жешкото столче во Министерството за финансии, ќе се соочи со уште пожежок јули. Идниот месец, од државната каса ќе треба да се исплатат над 100 милиони евра за достасани државни хартии од вредност.
Новиот министер/ка во првиот месец од својот мандат, освен главнината за хартиите од вредност кои достасуваат, за прв пат ќе треба да исплати и камата на граѓаните кои лани купија граѓански обврзници. Наесен, камата ќе добијат и тие што купија граѓански обврзници во ноември, а во октомври достасува и првата исплата на каматите за зелените обврзници кои Министерството за финансии лани ги емитуваше, исто така за прв пат.
НБРМ ја задржа каматната стапка на 6,30 отсто
Народна банка на Македонија не почна со олеснување на монетарната политика. Каматната стапка на благајничките записи и во текот на летото ќе остане на досегашното ниво од 6,30 отсто. Ова е одлуката која ја донесе Комитетот за оперативна монетарна политика.
„На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Со тоа, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30 отсто, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20 отсто и 4,25 отсто, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари“, соопштија од НБРМ.
Без промени во стапката на Фед, најавено само едно намалување годинава
Федералните резерви на САД (Фед) на вчерашниот состанок ја задржаа основна каматна стапка повторно непроменета и ја намалија својата прогноза од три намалувања на стапките на само едно за оваа година, по зголемувањето на инфлацијата на почетокот на 2024-та.
Официјалните лица едногласно гласаа за задржување на референтната стапка на федералните фондови во опсег од 5,25 до 5,5 отсто - највисоко ниво во последните две децении што беше првично постигнато во јули.
Креаторите на политиките очекуваат четири намалувања на стапките следната година и уште четири во 2026 година, повеќе отколку што претходно се прогнозираше, план што ќе ја намали основната стапка на 3,1 отсто до крајот на 2026 година.
Царините за увоз на кинески електрични возила ќе изнесуваат 38,1 отсто
Европската унија од следниот месец ќе воведе дополнителни тарифи од дури 38,1 отсто за електричните возила што се испорачуваат од Кина, што може да предизвика глобална трговска војна и ќе ги зголеми трошоците за продажба на автомобили во Европа за компаниите, од кинеската „БЈД“ до „Тесла“.
Кина сигнализираше дека е подготвена да возврати, заканувајќи се со мерки во земјоделството, авијацијата и автомобилите со големи мотори. Пекинг веќе започна истрага за некои видови европски пијалаци и исходот може да дојде наскоро.
Балканските менаџери и нивниот стил на управување
Методите и техниките на управување се нераскинливо испреплетени со наследените културни норми, вредности и обичаи. Овие елементи на колективниот менталитет ги обликуваат начините на кои е организирана структурата на управување на компаниите во различни делови на светот.
На територијата на поранешна Југославија речиси половина век доминантен беше командниот модел на економијата, со елементи на социјалистичко самоуправување. Тоа значи дека цели генерации се воспитани да ги стават солидарноста и колективот на прво место во рамките на работната етика, наместо конкуренцијата и индивидуализмот...