Германија се сомнева дека оштетувањето на системот на гасоводот „Северен тек“ што се користи за транспорт на руски гас во Европа е резултат на саботажа.
Доказите укажуваат на насилен чин, а не на техничко прашање, според германски безбедносен претставник, кој побарал да остане анонимен бидејќи случајот се истражува. Како одговор на истекувањето на гасоводот во Балтичкото Море, Данска ја зајакнува безбедноста околу енергетската инфраструктура.
Ова е најјасен сигнал досега дека Европа ќе мора да преживее оваа зима без значителен проток на руски гас, бидејќи лидерите на ЕУ постојано ја обвинуваат Москва за користење на снабдувањето со енергија како оружје.
Прочитај повеќе
Опасно истекување на гас од Северен Тек во морето во Данска
Почна истрага за ненадејниот пад на притисокот во гасоводот Северен тек 2
27.09.2022
БНЕФ: Европа е подготвена за зима без рускиот природен гас
Европа ќе увезе 40 отсто повеќе гас зимава, а набавката ќе се зголеми и на лето за да се надоместат залихите
27.09.2022
„Тешко е да се замисли дека ова се случајности“, им рече на новинарите во вторникот данската премиерка, Мете Фредериксен. „Не можеме да исклучиме саботажа“, додаде таа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека пред резултатите од истрагата, би било „прерано“ да се шпекулира дали штетата е поврзана со саботажа.
Германското Министерство за економија соопшти дека работи со Федералната мрежна агенција за да истражи три истовремени истекувања на гас во Балтичкото Море од оштетени цевководи на „Северен тек“. Протекувањето било толку големо што било забележано на радарите на бродови во близина, соопшти шведската крајбрежна стража.
Истрагата на германските, данските и шведските власти е тешка бидејќи локациите се под вода во Балтичкото Море, рече германскиот безбедносен претставник, додавајќи дека можеби ќе биде потребна подморница.
Невидена штета
„Уништувањето што се случи во рок од еден ден на три линии на гасоводот е без преседан“, изјави во вторникот операторот на „Северен тек“. „Сега е невозможно да се процени временската рамка за обновување на операциите на инфраструктурата за испорака на гас“, додадоа од таму.
Падот на притисокот во понеделникот на две линии на „Северен тек“ и една линија на „Северен тек 2“ не може да влијае на испораките на гас во Европа, бидејќи гасоводите не работат поради инвазијата на Москва на Украина. Сепак, пазарите ќе внимаваат на какви било индикации за саботажа.
Референтните цени на европскиот гас се искачија за дури 12 отсто во вторникот, по четири дена загуби.
„Цените исто така се тргуваат на повисоко ниво поради шпекулациите дека ова е саботажа, иако што всушност би значело тоа засега останува нејасно“, вели Џејмс Хакстеп, шеф на аналитиката за гас во S&P Global Commodity Insights. S&P Global Commodity Insights веќе претпостави дека преостанатиот проток на руски гас во Европа ќе се намали на нула пред крајот на годината, додаде тој.
Кремљ најверојатно ќе ги задржи виталните текови на гас во Европа на минимални нивоа се додека продолжува ќор-сокакот околу Украина, зголемувајќи го притисокот врз Европската унија поради нејзиниот цврст став за руската инвазија, рекоа во јули извори запознаени со ова прашање. Русија го попречува протокот на гас за да го подигне политичкиот притисок врз европските лидери додека се наѕира зимски недостиг на енергија.
Данското Министерство за енергија и клима регистрираше истекување на гас од „Северен тек“ и од „Северен тек 2“ во неговата ексклузивна економска зона во Балтичкото Море, како и на Шведска.