Американскиот претседател Трамп и власите во Техеран разменија закани – Трамп даде рок Иран да го отвори теснецот во рок од 48 часа во спротивно ќе „ги уништи“ енергетските објекти во земјата. Иран возврати – на секој напад ќе одговори со контранапад на енергетските објекти во земјите во Заливот. Додека трае размената на ултиматуми, Ормускиот теснец останува затворен, а цените на суровините одат нагоре.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот..
Мерки против ценовниот шок - Владата го намалува ДДВ за горивата
Владата ќе го намали данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 отсто со цел да спречи значително зголемување на цените, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на вонредната владина седница.
Со одлуката на Владата, почнувајќи од понеделник на полноќ преку намалувањето на ДДВ цените на горивата нема да претрпат значително зголемување. Според нивните пресметки, без оваа интервенција во ДДВ, утре Регулаторната комисија за енергетика би донела одлука за зголемување на цената на дизелот од 10,5 денари за литар и тој би се продавал за 102,5 денари по литар. Бензините од 86,5 и 88,5 денари би поскапеле на 93 и 95 денари за литар.
Цените на храната ќе експлодираат кон крајот на годината
Ризикот за земјоделство станува се поголем поради блокадата на Ормускиот теснец кој е клучен и за транспорт на суровини за производство на ѓубривата. Имено, Блискиот Исток е најголем извозник на овие суровини, за илустрација во периодот од 2020 до 2025 година, САД потрошиле 5 милијарди долари за увоз од земјите од заливот, а над половина од сумата завршила во Катар. Економиите од Персискиот залив во истиот период имале извоз на азотни ѓубрива во вредност од 50 милијарди долари.
„Без ѓубриво приносите се намалуваат. Ако приносите се намалат, тогаш има помалку жито, ориз или било каква храна на пазарот,“ рече Филип Сандерленд, трговец со ѓубрива во компанијата „Аквиферт“. „Може да има задоцнување од шест до девет месеци меѓу моментот кога зелените култури се извлекуваат од земјата и храната стигнува на вашата маса. Но, може да се очекува инфлацијата да експлодира околу Божиќ“, вели тој.
Во војната во Иран најзагрозен ресурс можеби не е нафтата, туку водата
Дури и без конфликтот со Израел и САД, иранските власти би имале полни раце работа со други сериозни кризи. Пред да избувнат уличните немири во декември минатата година, поттикнати од силниот пад на вредноста на домашната валута, главна тема во Иран беше нешто сосема друго - водата, поточно нејзиниот недостиг.
Минатата есен Иран беше погоден од историска суша и сериозна водна криза. Некои високи функционери, вклучувајќи го и претседателот Масуд Пезешкијан, дури предупредуваа дека во случај на дополнително влошување на состојбата би можело да дојде и до евакуација на главниот град. До тоа сепак не дојде, а режимот во меѓувреме се соочи со низа други предизвици.
Берзански преглед: Од скандал до берзанска ѕвезда, златото и среброто пак тонат
Минатата недела за бројни берзи ширум светот не беше добра. Прегледот на избраните десет светски индекси покажува дека претежно завршија во црвени бројки, како во петокот така и на петдневно (неделно) ниво, со исклучок на еден индекс – јужнокорејскиот KOSPI (за него аналитичарите на „Блумберг Адрија“ веќе пишуваа).
Во петочната трговија благо доби, а на неделно ниво забележа дури петпроцентен скок.
Кога сме веќе во Азија – јапонскиот Nikkei не ја сподели судбината на корејскиот индекс. Во петок изгуби 3,38 проценти од вредноста, а на неделно ниво беше за речиси два проценти понизок. Во негативна зона се лизна и кинескиот Hang Seng, кој беше за помалку од еден процент. Друг кинески индекс, CSI 300, на неделно ниво изгуби речиси 2,2 проценти.
Биткоинот падна под 69.000 - војната го притиска крипто пазарот
Биткоинот и другите криптовалути повторно паднаа додека САД, Израел и Иран разменуваа нови закани и напади. Најголемата криптовалута падна за 3,3 отсто во неделата, тргувајќи околу 68.150 долари – најниско ниво од почетокот на март.
Продажбата беше уште поостра кај другите токени: етер изгуби речиси 5 отсто и се спушти на 2.050 долари, а солана, XRP и кардано исто така паднаа.