Акциите на „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) пораснаа откако „Информејшн“ (The Information) објави дека „Епл“ (Apple Inc.) соработува со пионерот во е-трговијата за воведување функции за вештачка интелигенција во Кина.
Акциите пораснаа најмногу од септември, откако технолошкиот медиум, повикувајќи се на неидентификуван извор, објави дека „Епл“ и „Алибаба“ (Alibaba) поднеле функции со вештачка интелигенција за одобрување од страна на кинескиот регулатор за сајбер-простор.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Неработен петок во Македонија – зошто да не?
Срамежливо, но и во земјава се појавија работодавци кои овозможуваат скратена работна недела. Можеби првата компанија која лани во април го воведе концептот е „Андреева консалтинг“. На прашањето зошто, сопственичката Александра Иванова едноставно одговара „откако се погодија два-три продолжени викенди по ред на кои сите им се радуваме и ни годат си реков „Зошто да не?“, вели таа во разговор за „Блумберг Адрија“.
Иванова објаснува дека уште од основањето на компанијата работеле пократко. Наместо осум часа, работниот ден трае 6 часа и 30 минути, а вработените биле осигурени на полно работно време, па затоа пократката работна недела била следен логичен чекор.
Третина од жителите на ЕУ учат онлајн, а Македонците?
Ако порано едукацијата, покрај време, бараше напори и организација за да се стигне на одредена локација каде што се одржува наставата, сега трудот и времето за таа цел се значително скратени со опциите за учење од далечина.
Додуша, пандемијата е „виновник“ за големата експанзија на онлајн учењето поради неопходната потреба за изолација. И тоа е меѓу ретките придобивки за општеството од ковидот. Сега многу работи можеме да ги учиме од далечина.
Постојат мноштво курсеви, обуки, семинари на многу различни теми што се одржуваат онлајн. Тука се и апликациите што често обезбедуваат бесплатна едукација. Работите отидоа дотаму што сега не мора ниту да го приспособите своето време во однос на онлајн часовите, туку тие често се снимени, па можете да ги следите кога сакате, поточно кога имате време. Треба само желба.
Паѓаат нарачките, ќе се намалува бројот на вработени
Германската криза се прелеа во Македонија и дури 62 отсто од странските компании во земјава лани имале намален обем на работа. Нивните очекувања за годинава се дека нарачките ќе паднат меѓу 10 и 25 отсто.
Тоа неминовно ќе доведе до намалување на бројот на вработени, покажува анкетата што Советот на странски инвеститори ја спроведе во периодот од ноември лани до јануари годинава.
„Намалување на бројот на вработени не значи отпуштање, туку значи дека нема да се пополнува работното место ако некој работник си замине. Значи дека нема да се продолжува договорот за вработување по неговото истекување и работното место ако некој замине или нема да има продолжување на договорот“, изјави Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.
Вонредни услови на пазарот за кафе: Цените на рекордни нивоа
На пазарот на кафе владеат вонредни услови. Цената на сортата арабика во последниот месец скокна за 34 проценти и достигна историски највисока вредност. Цената на робустата во истиот период порасна за 23 проценти.
Уште минатата година цените забележаа значителен раст. Цената на робустата речиси се удвои, а цената на арабиката се зголеми за 86 проценти. Бурните случувања на меѓународните пазари се должат главно на временските влијанија, геополитичките услови и берзанските шпекулации, се наведува во најновиот извештај на хрватската прехранбена мултинационална компанија „Атлантик груп“ (Atlantic Grupa), која го поседува брендот „Баркафе“ (Barcaffe).
„Факторите што влијаеја на цената на суровото кафе во 2024 година остануваат и негативно влијаат на работењето на целата индустрија и во 2025 година. Веќе две години по ред послабите жетви на робустата предизвикуваат недостиг од доволни количества од оваа сорта на пазарот на кафе. Побарувачката ја надмина понудата, што доведе до значителен скок на цените“, се наведува во извештајот.
Зошто и како да се вложува во женскиот спорт?
Годинава може да биде пресвртница за женскиот спорт. Олимписките игри во Париз, кои се одржаа минатото лето, испишаа историја како први со родова еднаквост меѓу спортистите. Од ова лето повеќе гледачи се вклучија во Женската национална кошаркарска асоцијација - ВНБА (WNBA) од кога било досега, а според „Дилојт“ (Deloitte) проекциите за приходите во женскиот спорт на глобално ниво надминаа една милијарда долари.
Иако сè уште има простор за поголемо внимание, чекорот е направен и нема да забави наскоро. Сегашното опкружување нуди многу можности и се очекува побарувачката да расте особено во 2025 година, а има најмалку три причини зошто треба да инвестирате во женскиот спорт. Студијата на ВСТ (WST) од крајот на 2024 година покажа дека 80 отсто од брендовите со задоволство би инвестирале во женскиот спорт во следните три години.