Во индустрија што сè повеќе ги брише границите помеѓу софтверот и автомобилот, дизајнот на физичкиот клуч може да изгледа речиси непотребно. Сепак, тој останува првиот контакт на корисникот со возилото – еден вид ракување со брендот.
Ако е добро осмислен, зборува за неговиот идентитет. Ако не е, може да фрли сенка врз целиот производ. „Лотус“ за својот теренец од 230.000 евра создаде клуч поинаков од кој било друг - џебен камен.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Македонски бизнис-ангели што го менуваат пејзажот
Концептот што во светот разви многу мали бизниси, кај нас долги години е во фаза на развој. Бизнис-ангелите размрдаа доста економии, а во свет во кој развојот на идеите често доаѓа од еден „подрум“, повеќе од пресудни се инвестициите. На домашен терен, сѐ уште банките ретко финансираат стартапи, а генијалните визии се одржуваат кратко, неретко пропаѓаат. Инвестициската култура за стартапи и во регионот не е широко распространета, а многу компании имаат потенцијал, но немаат лесен пристап до капитал и знаење. Се разбира, има светли точки, а „Зефир енџелс“ (Zephyr Angels) е една од нив.
Како што објаснува Гого Рафајловски, соосновач на мрежата, заклучиле дека во земјата нема доволно изразена инвестициска култура на ангел-инвестиции и одлучиле да го променат тоа. Прочитајте повеќе за нивната плодна работа на ова поле.
Владата воведува даночни олеснувања за бизнис-ангелите
Владата подготвува предлог-закон за поттикнување на индивидуалните инвеститори (бизнис-ангели) со кој се предвидува јасно дефинирање на нивната улога, обезбедување правна сигурност, зголемување на нивната активност, како и воведување даночни ослободувања и мерки за поддршка, што би требало да стимулира инвестиции во стартапи. Меѓу другото, новата регулатива треба да го поттикне економскиот раст преку иновации, отворање нови работни места и подобрување на конкурентноста.
„Бизнис-ангелите претставуваат значајни актери во развојот на економијата, особено преку поддршката на стартапи и иновативни компании. Во Македонија улогата на бизнис-ангелите е маргинализирана поради тоа што постојното законодавство не нуди јасна дефиниција или регулација за бизнис-ангелите. Отсуството на законска рамка што ги дефинира правата и обврските на бизнис-ангелите создава несигурност кај инвеститорите, бидејќи не постои посебна заштита за нивните вложувања, ниту пак поддршка за нивното инвестирање во компаниите“, се наведува во образложението.
Странските работници го спасуваат европскиот пазар на труд
Европскиот пазар на труд покажува изненадувачка стабилност и отпорност, и покрај силниот инфлаторен шок и зголемувањето на каматните стапки во последните години, истакна претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, на годишниот симпозиум на Федералните резерви на САД (Фед) во Џексон Хол.
Според податоците што ги изнесе Лагард, вработеноста во еврозоната пораснала за 4,1% од крајот на 2021 до средината на 2025 година, речиси во склад со економскиот раст и двојно над очекувањата според стандардните економски правила.
Таа подвлече дека приливот на странски работници одиграл значајна улога во поттикнување на економијата на еврозоната. Тие помогнале да се компензираат негативните ефекти од намалувањето на работните часови и падот на реалните плати, со што се одржало нивото на вработеност и економската активност.
„Епл“ сака Сири да мисли со мозокот на „Гугл“
Технолошкиот гигант „Епл“ (Apple Inc.) е во рана фаза на разговори со „Гугл“ (Google) за можноста да го користи Џеминај (Gemini), моделот за вештачка интелигенција (ВИ) на оваа компанија, како основа за новата верзија на гласовниот асистент Сири (Siri). Овој потег би можел да претставува значаен пресврт во стратегијата на „Епл“ за развој на генеративна вештачка интелигенција.
Според извори запознаени со преговорите, „Епл“ се обратил до матичната компанија на „Гугл“, „Алфабет“ (Аlphabet Inc.), со цел да се истражи можноста за изработка на прилагоден ВИ модел кој би работел на сервери на „Епл“ и би станал основа на новата Сири веќе од следната година. Преговорите сè уште се во рана и неофицијална фаза, без формални комерцијални договори.
Овие разговори доаѓаат по значајни доцнења во развојот на новата генерација на Сири. Првично планирана за објава во пролетта 2025 година, надградбата беше одложена поради технички предизвици.
Што слушаат директорите на пат кон работа?
Во рубриката „Менаџери лично“, шефовите од целиот свет ни кажуваат како управуваат со своето време во и надвор од канцеларијата, кои се нивните навики и трикови.
Овој пат ги прашавме што слушаат кога патуваат до и од работа, но и на други дестинации. Одговорите не опфаќаат само широк спектар на плејлисти. Тука се поткастите и радиоемисиите, но не потценувајте ја и моќта на добрата аудиокнига.
Соња Илиќ, менаџерка за продажба во хотелот „Џамп ин“ (JUMP INN), Белград, пешачи од дома до работа, период кога од слушалките до нејзините уши доаѓа музика за подобрување на расположението или некоја обука за вештачка интелигенција.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...