Фјучерсите за кафе и шеќер продолжија со раст на берзите во Њујорк и Лондон, откако неповолните временски услови во клучните региони за одгледување ја зголемија загриженоста околу понудата.
Фјучерсите за кафе пораснаа за речиси 10 отсто оваа недела, бидејќи дождовите во Бразил, најголемиот светски производител, ја одложуваат жетвата на родот за кој нашироко се очекува дека ќе биде рекорден, при што истовремено се зголемуваат и грижите околу квалитетот на зрната.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Потребна ли е реформа на вториот пензиски столб?
Вториот пензиски столб беше воведен во 2006 година со помош на Светската банка. Ваквата реформа беше спроведена во повеќе земји, иако концептот беше оспоруван од некои водечки економски експерти. Токму поради тие несогласувања дебатите за вториот столб насекаде низ светот траат до денес.
Доцент Никола Алтипармаков, професор на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград, чие поле на истражување ги опфаќа пензиските системи во земјите од Источна Европа, во разговор за „Блумберг Адрија“ вели дека меѓу економистите што имаа забелешки на концептот на Светската банка е и нобеловецот Јозеф Штиглиц.
„Поради големите професионални контроверзии, сите развиени земји од Северна Америка и Западна Европа го отфрлија воведувањето на вториот столб, оценувајќи дека транзициските трошоци за јавните финансии извесно би биле огромни, а потенцијалното зголемување на идните пензии крајно неизвесно. Сепак, под влијание на лобирањето на Светската банка, голем број земји од Латинска Америка и Источна Европа се осмелија да воведат втор столб“, вели Алтипармаков.
За жал, според него, две децении подоцна се покажува дека иницијалните критики биле повеќе од оправдани - транзициските трошоци се огромни, а првите генерации пензионери од вториот столб добиваат пониски пензии од нивните колеги што останале само во првиот столб.
Дали светско првенство досега е приказна за успех?
Светското првенство во фудбал е во полн ек. Во неделата селекциите на Канада и Јужна Африка го започнаа шеснаестина-финалето, што ќе трае сè до сабота, кога ќе се соочат репрезентациите на Колумбија и Гана.
И додека фудбалот ја презеде главната улога - бидејќи поголемиот дел од 104 планирани натпревари на турнирот во САД, Канада и Мексико веќе се одиграа - време е да се осврнеме на очекувањата за Светското првенство и дали тие се остварија.
Две од најзабележливите промени се воведувањето паузи за освежување и проширувањето на 48 екипи, а многу навивачи не отпатуваа преку океанот, исплашени од високите цени и визната политика...
Закерберг ја претвора ВИ инфраструктурата во нов бизнис
Марк Закерберг сигнализира дека вишокот компјутерска моќ наскоро би можел да се продава на други компании.
Компанијата „Мета“ (Meta Platforms Inc.) развива планови за бизнис со инфраструктура во облак преку кој ќе продава пристап до компјутерска моќ и модели за вештачка интелигенција, со што отвора нов правец на конкуренција со лидерите во индустријата како АВС (Amazon Web Services), „Мајкрософт Ажур“ (Microsoft Azure) и „Гугл Клауд“ (Google Cloud).
„Мета“, која забрзано обезбедува скапи податочни центри и друга инфраструктура за да ги поддржи сопствените амбиции во областа на вештачката интелигенција, формира бизнис што ќе генерира приходи од вишокот компјутерска моќ што ќе им се продава на надворешни клиенти, велат лица запознаени со плановите, кои побарале да останат анонимни бидејќи деталите сè уште не се јавни.
Лагард: Ризиците за инфлацијата веќе не се толку изразени
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард изјави дека ризиците за инфлацијата и економскиот раст во еврозоната станале помалку изразени.
„Мислам дека ризиците што ги имаме - нагоре кога станува збор за инфлацијата и надолу кога станува збор за економскиот раст - сега веројатно се значително поизбалансирани отколку пред неколку недели, поради она што се случува и што се одвива со голема брзина“, изјави таа во средата на годишниот собир на централните банки.
Лагард, која учествуваше на заеднички панел со претседателот на Федералните резерви (Фед) Кевин Ворш, гувернерот на Банката на Англија Ендру Бејли и гувернерот на Банката на Канада Тиф Маклем, зборуваше само три недели откако нејзината институција стана првата меѓу земјите од Г7 која ги зголеми каматните стапки по избувнувањето на војната меѓу Иран и Израел.
САД ги укинаа ограничувањата за ВИ модел на „Антропик“
Американската влада ги укина ограничувањата за пристап од странство до моделот за вештачка интелигенција Фејбл 5 (Fable 5) на компанијата „Антропик“, со што повторно се овозможува негова поширока меѓународна достапност, откако компанијата презеде дополнителни мерки за надминување на безбедносните забелешки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Министерството за трговија на САД на 12 јуни воведе извозни ограничувања со доверлив допис, барајќи „Антропик“ да добие претходно одобрение од американските власти пред да им овозможи пристап на странски државјани до напредниот модел Митос 5 (Mythos 5) и до моделот Фејбл 5, наменет за поширока употреба. Како одговор, компанијата привремено го суспендираше пристапот до двата модела и започна разговори со американските власти за да ги отстрани безбедносните грижи.