„Епл“ (Apple) подготвува голема надградба на гласовната контрола преку Сири (Siri), која би можела да ја промени досегашната интеракција со ајфоните. Новата функција, која користи подобрен систем наречен „ап интентс“ (App Intents), ќе овозможи Сири да управува со апликациите на уредот целосно преку глас, без потреба од допир на екранот.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Македонија „полуде“ по производи од Кина
Македонија е на добар пат годинава да урне нов рекорд во увозот на производи од Кина ако се земе предвид дека во првите шест месеци од годинава тој изнесувал 569 милиони евра, а лани бил остварен вкупен увоз од 1,077 милијарда евра, што е најголема вредност откако се води евиденција за трговијата меѓу двете земји. Во првата половина од годинава, пак, во Кина биле извезени производи од Македонија во вредност од 24,6 милиони евра.
Статистичките податоци за трговската размена откриваат дека азискиот економски гигант од незначителен трговски партнер на Македонија стана редовен член на листата пет земји со кои нашата држава има најголема трговска размена.
При тоа, значајно е да се забележи дека се продлабочува трговскиот дефицит на Македонија со Кина. Имено, во периодот од 2005 до 2024 година увозот од Кина се зголемил од 92 на над милијарда евра, што е раст од над десет пати за дваесет години. Од друга страна, македонскиот извоз кон Кина во овој период се зголемил од 7,6 милиони евра на 52,4 милиони евра.
Рекордна побарувачка за ладење во Европа
Европа се подготвува за закани од пожари и екстремни горештини, бидејќи неделава регионот го зафаќа топлотен бран.
Највисокото црвено предупредување за горештини е издадено за 12 департмани во југозападна Франција, каде што за понеделник и вторник се прогнозираат температури до 43 Целзиусови степени во области близу Бордо и Тулуз. Портокалови предупредувања за горештини се во сила по должината на појасот на Медитеранот – од Шпанија и Италија до Грција – додека антициклон, засилен од поранешната тропска бура Декстер, дополнително ги поттикнува условите.
Побарувачката за ладење во Франција се очекува нагло да порасне за време на топлотниот бран, покажуваат податоците од „Атмосферик Џи2“ (Atmospheric G2) и моделите на „Блумберг“ (Bloomberg).
„Електрисите де Франс“ (Electricite de France SA) минатата недела соопшти дека веројатно ќе треба да го ограничи производството во нуклеарните централи по должината на реките Гарона и Рона, бидејќи високите температури ги нарушуваат процедурите за ладење на реакторите.
Во понеделникот компанијата соопшти дека ќе задржи во функција една единица во Голфеш за да ја задоволи побарувачката за електрична енергија.
Македонија има уникатен музеј за вино
Повеќе од 15.000 туристи го посетиле досега Музејот на виното во Демир Капија, кој по својата содржина е еден од ретките од ваков тип не само во Европа туку и во светот. Овој уникатен простор (комбинација од традиција, археологија и модерна презентација) минатата година доби финансиска поддршка и од македонското Mинистерство за култура како проект од национален интерес.
Во музејот може да се видат стари алати за производство на вино, антички аморфи, документи, фотографии и интерактивни експонати, а престижниот француски водич за патувања „Петит футе“ (Petit Futé) го нарече „мал храм на винска консумна култура“.
Владата планира задолжување од над милијарда евра
Владата на една од последните седници одржана на 1 август годинава ги разгледувала информациите за задолжување на Македонија со заем кај домашни комерцијални банки во износ до 70.000.000 евра и за потенцијално задолжување на меѓународниот пазар на капитал во износ до 950.000.000 евра. Можноста за ново задолжување се разгледува во период кога јавниот долг на земјата надмина 9,71 милијарди евра заклучно со вториот квартал од годинава што е еднакво на 58,5 проценти од бруто домашниот производ на државата.
Инаку, Владата во новата стратегија за управување со јавниот долг утврди лимит за јавниот долг од 60 проценти од БДП. Сепак, во истиот документ се наведува дека согласно проекциите за среднорочната буџетска рамка од која произлегува потребата за финансирање на буџетските дефицити, потребите за отплата на претходните долгови и имплементацијата на проектите надвор од централната власт јавниот долг до 2027 ќе го надмине утврдениот лимит од 60 проценти од БДП и ќе изнесува 62,5 проценти од БДП. Се очекува од 2028 година умерен пад на јавниот долг поради фискалната консолидација, како и стабилизија под границата од 60 проценти од БДП во 2030 година.
„Енвидија“ и АМД ќе им плаќаат на САД 15 отсто од продажбата на чипови во Кина
Компаниите „Енвидија“ (Nvidia Corp.) и „Адвенсд мајкро дивајсис“ - АМД (Advanced Micro Devices Inc. – AMD) се согласиле да ѝ плаќаат на владата на САД 15 отсто од приходите од продажбата на ВИ-чипови во Кина, во рамките на договорот за обезбедување лиценци за извоз, необичен договор што може да предизвика загриженост и кај американските компании и кај Пекинг.
Според лице запознаено со ситуацијата, „Енвидија“ планира да сподели 15 отсто од приходите од продажбата на својот акцелераторски ВИ-модел H20 во Кина. Истото лице додаде дека АМД ќе исплати ист процент од приходите остварени од продажбата на моделот MI308, барајќи анонимност за да може да зборува за внатрешните договори.
Договорот ја одразува доследната заложба на претседателот на САД, Доналд Трамп, да обезбеди финансиска корист за Америка во замена за отстапки во трговијата.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...