Членката на Извршниот одбор на Европската централна банка, Изабел Шнабел, сега гледа поволен момент за зајакнување на глобалната улога на еврото, бидејќи инвеститорите се вртат кон Европа. Постои „прозорец на можности“ за зголемување на меѓународната улога на еврото, рече таа на панел во рамките на 31-та Економска конференција што во саботата се одржа во Дубровник.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Статистички, полесно купуваме стан во 2025 одошто во 2010 година. Но само статистички...
Просечната нето-плата во Македонија во март 2025 година била рекордни 44.763 денари, пресметал Државниот завод за статистика (ДЗС), што е најнов расположлив официјален податок. Пред точно 15 години, во истиот месец, просечната плата во земјава била 20.338 денари, што значи за 15 години пораснала за 2,2 пати или 120 отсто.
Просечната цена на станбениот квадрат во државата во 2010 година била 52.125 денари или околу 850 евра, што значи во тоа време на просечниот вработен би му требале околу 12,8 години за да купи стан од 60 квадратни метри. За Скопје калкулацијата е малку поинаква, бидејќи просечната цена на станбениот квадрат секогаш е повисока, па во 2010 година била 64.127 денари или околу 1.050 евра.
Дали EТФ-овите можат да овозможат безгрижно пензионирање?
Како што светските истражувања и изјавите на експертите сè почесто укажуваат на тоа дека генерациите што сега стапуваат на пазарот на трудот губат доверба во традиционалните пензиски системи, прашањето за алтернативи станува сè поактуелно. Сепак, современиот начин на живот ги наметнува своите услови – инвестирањето за полесен влез во третата доба мора да биде што подостапно, побезбедно и да не бара преголема ангажираност.
Во тој контекст, како една од опциите се издвојуваат ЕТФ-овите (англ. exchange-traded fund – фонд со кој се тргува на берза), кои на инвеститорите им нудат ефикасен и диверзифициран пристап до пазарите, со релативно ниски трошоци. ЕТФ е инвестициски фонд што содржи повеќе различни финансиски инструменти (на пример, акции или валути), а со цената се тргува на берза, како да е обична акција.
Берзански преглед: ЕЦБ дополнително олеснува, „опасност“ за пазарот во САД
Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) во четвртокот ги исполни очекувањата на аналитичарите и инвеститорите за осмо последователно намалување на клучната каматна стапка за еврото. Со само еден глас против, европските монетарни банкари ја намалија депозитната стапка за четвртина процентен поен, или 25 базични поени, на два процента.
Во своите прогнози за инфлацијата, централните банкари зазедоа повнимателен пристап, при што инфлацијата сега се предвидува на 1,6 наместо 1,9 проценти за следната година, а прогнозите за 2027 година остануваат непроменети на два процента. На последниот состанок во април, советот на ЕЦБ предупреди за негативните ефекти од строгите протекционистички политики на администрацијата на Доналд Трамп врз економијата на еврозоната.
Трамп го предупреди Маск да не ги поддржува демократите бидејќи ќе има „многу сериозни последици“
Претседателот Доналд Трамп изјави дека Илон Маск ќе има „многу сериозни последици“ ако технолошки магнат и милијардер ги финансира демократските кандидати кои ги предизвикуваат пратениците кои го поддржаа законот за даноци и трошоци на републиканците. Трамп, во телефонско интервју со Кристен Велкер од Ен-Би-Си (NBC News), исто така рече дека нема желба да го поправи својот однос со Маск. Двајцата имаа јавна расправија во четвртокот.
„Му дадов паузи во мојата прва администрација и му го спасив животот во мојата прва администрација, немам намера да разговарам со него“, рече Трамп во интервјуто, нарекувајќи го Маск „непочитувач“ и велејќи дека претпоставува дека врската е завршена. Најбогатиот човек во светот ја поддржа изборната кампања на Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс во 2024 година и ги предводеше напорите за намалување на трошоците на Одделот за владина ефикасност. Сепак, неговиот сојуз со Трамп се распадна на драматичен начин откако Маск се изјасни против законот за даноци поддржан од претседателот.
Зошто хотелите „само за возрасни“ наеднаш станаа толку популарни?
Расте побарувачката за хотели наменети само за возрасни во светски рамки. Овие сместувачки капацитети кои на гостите им гарантираат мир и приватност стануваат голем тренд во патувањето. И покрај високата инфлација, интересот не бил никогаш поголем за овие претежно луксузни места кои се издвојуваат по софистицираниот пристап и персонализираните услуги.
Понудата е богата и разновидна-од базени на кров, спортски терени, спа-центри за подмладување и ресторани со врвна храна, до тематски вечери со богата ноќна програма и казина. Подалеку од хаосот кој често го поврзуваат со семејните одморалишта, на ваков одмор се одлучуваат и се’ повеќе Македонци, а тоа го покажуваат раните резервации за ова лето во поголемите туристички агенции што ги контактиравме.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...