Англиските клубови ова лето повторно урнаа рекорди, трошeјќи повеќе од три милијарди фунти на трансфери, а имаше и тимови кои влегуваа во минуси од стотици милиони. Од друга страна, Баерн Минхен – традиционално синоним за стабилност – го затвори преодниот рок со плус од 10,5 милиони евра.
На прв поглед, станува збор за очекувана германска дисциплина. Сепак, зад овој потег се крие поширока приказна за макроекономијата и ризикот кој може да прерасне во спортски проблем.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Падна француската влада
Францускиот парламент изгласа недоверба на премиерот Франсоа Бајру, што ја турна земјата во нова политичка криза. Бајру повика на гласање за доверба со цел да го наметне непопуларниот буџетски план вреден 44 милијарди евра, кој вклучуваше и укинување на два државни празници и замрзнување на расходите. Овој потег, наместо да ја зајакне владата, резултираше со широка политичка реакција и пад на довербата.
Инвеститорите реагираа негативно: приносите на француските државни обврзници пораснаа над нивото на шпанските, португалските и грчките, што ја потенцира загриженоста за финансиската стабилност на земјата. Францускиот долг достигнува 114% од БДП, а можното намалување на кредитниот рејтинг дополнително го влошува економскиот профил.
Македонија се префрла на половни возила
Во земјава увозот расте, но за половните возила, кај новите податоците на Царинската управа покажуваат пад во однос на истиот период минатата година.
Бројките заклучно со август покажуваат дека за осум месеци се увезени возила колку во цела 2023 година. Најголем дел од увезените возила се половни патнички автомобили, близу 30.000. Ако ваквиот тренд продолжи, оваа година ќе биде рекордна за увоз на користени возила во земјава.
Цената на возилата од почетокот на оваа година е стабилна, а увозниците и на половини и на нови автомобили со кои разговаравме велат дека состојбата нема да се смени.
Може ли Македонија да го испечати следниот оброк?
Во светот, каде што технологијата веќе длабоко е навлезена во секој аспект од секојдневието, па дури и во изборот на тоа што го јадеме, 3Д печатењето храна се наметнува како следен голем чекор во еволуцијата на гастрономијата. Очекувањата се дека во следните пет до десет години 3Д печатењето храна ќе станува сѐ подостапно, особено во развиениот свет, каде што технолошките инвестиции и интересот за персонализирана исхрана се во постојан раст.
И додека на глобално ниво оваа технологија полека преминува од научно-фантастичен концепт во дел од реалноста, легитимно е прашањето каде е Македонија на оваа мапа. Засега може да се каже дека не сме без потенцијал. Имаме инженерски и техонолошки капацитети, но и богато земјоделство и домашни производи кои би можеле да се адаптираат за 3Д процесирање, а и луѓето се сè поотворени за модерна кујна, гурмански искуства и здрава исхрана.
Интернетот можеби сепак изумира
Теоријата за мртвиот интернет стана популарна во 2021 година, кога корисник под името Илуминати Пират (lluminatiPirate) постави објава на малку посетен онлајн форум. Илуминати Пират тврдеше дека интернетот станал огромна безлична пустелија исполнета со алгоритамски оптимизирани имитациски објави (објавите се приспособени за што е можно подобро да функционираат на платформите, на пример да добиваат повеќе прегледи, лајкови или полесно и побрзо да се шират). Според оваа теорија, зад сето тоа стои таен владин заговор - тврдење што лесно се отфрла.
Меѓутоа, со доаѓањето на алатките со вештачка интелигенција (ВИ) како ЧетГПТ (ChatGPT) и Мидџрни (Midjourney) – алатка што генерира слики врз основа на текстуален опис - оваа теорија почна да изгледа помалку реално. Социјалните медиуми изгледаат сè почудно. Прекуноќ се појавија цели мрежи со вести генерирани од ВИ. „Мета платформс“ (Meta Platforms Inc.) предвидува иднина во која ВИ ќе биде вклучена во креирањето добар дел од објавите на Фејсбук и Инстаграм, а интернет-страници како Википедија се мачат под товарот на ВИ-пребарувачите, кои пребаруваат низ нивните страници во потрага по нови информации за да ги нахранат своите модели...
Нов концепт на „Ауди“ ја најавува новата ера на брендот
Новиот концепт-автомобил на „Ауди“ (Audi) беше претставен во Милано, во момент кога производителот се снаоѓа на пазар разнишан од царини и млаки глобални продажби на електрични возила. „Ауди концепт ц“ (Audi Concept C) е двосед и целосно електричен спортски автомобил со тврд покрив, кој се повлекува во тарга-стил; неговото елегантно, модернистичко тело изгледа како стопен метал преточен во единствен блок од титан.
„Ова е нашиот пат“, вели главниот извршен директор на „Ауди“, Гернот Долнер, наведувајќи дека очекува брендот да ја достигне пресвртната точка помеѓу глобалната продажба на мотори со внатрешно согорување и хибриди и своите целосно електрични возила, околу 2030 година. „Овој автомобил ќе нè однесе во наредниот век.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...