Инфлацијата во регионот Адрија покажува пораст. Во Хрватска, инфлацијата во август изнесувала 4,6 отсто, додека во Словенија било забележано забавување на 3 отсто. Србија бележи пораст на инфлацијата до 4,9 отсто (сè уште нема податоци за август). Во Босна и Херцеговина растот на цените се забрзал на 4,8 отсто во јули, главно поради зголемување на цените на храната и услугите. Во Македонија инфлацијата во август забави на 4,4 отсто по летниот врв. Сите земји се соочуваат со променливи инфлаторни притисоци, а растот на цените главно доаѓа од сегментите на храна, услуги и енергенти.
Добро утро, ова се останатите вести што се важни за почеток на денот.
Време на рекорди: Среќни се оние што инвестираа во злато
Не згрешија инвеститорите кои што во изминативе неколку години решија своите пари да ги вложат во злато, но и граѓаните кои решија физички да го купат овој скапоцен метал. Всушност, тие имаат голема причина да бидат задоволни бидејќи цената на унца злато се зголеми од 1.946 долари (10.09.2020 година) на 3.654 долари (10.09.2025) година, што е раст од речиси два пати за пет години.
Геополитичките превирања и продолжувањето на воените дејствија во Украина, но и на Блискиот Исток, високата инфлација, како и неизвесноста што ја донесе новата трговска политика на американската администрација преводена од Доналд Трамп се чини дека беа главни катализатори за инвеститорите да ги пласираат своите пари во скапоцениот метал, кој важи за сигурно засолниште со векови наназад. Златото сјае можеби како никогаш досега, а главното прашање кое сега се поставува е каде е границата на растот.
Ќе успее ли автоиндустријата да ги помести климатските цели - Брисел е на потег
Оваа година требаше да биде првата сериозна проверка за способноста на автомобилскиот сектор за исполнување на климатските цели што се пропишани со Парискиот договор. Сепак, во моментов, целите за декарбонизација изгледаат тешко достижни, па в петок Асоцијација на производители на автомобили (АЦЕА) ќе бара прагматичен, пофлексибилен, технолошки неутрален пристап кон декарбонизацијата на патниот транспорт.
Претставниците на производителите ова барање ќе го достават до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, в петок (12 септември) во Брисел. Според генералната директорка на АЦЕА, Сигрид де Врис, состанокот треба да биде вовед во наоѓање начини за спроведување на декарбонизацијата во транспортот.
Ги споредуваме „Енвидија“ и „Сиско“ - има ли причина за страв?
Стравувате дека судбината на „Енвидија“ е иста како и на „Сиско“ (Cisko) во времето на dot.com пазарниот балон? Проверете зошто мислиме дека инвеститорите, дури и на овие ценовни нивоа, не ја преценуваат „Енвидија“.
„Енвидија“ уште минатата година во јуни стана најголема компанија откако ја престигна „Мајкрософт“ како највредна компанија во светот. Титулата на најголема компанија ја задржа и низ „турбулентната пролет“ – тогаш цената падна под 100 долари, а пазарната капитализација под 3 илјади милијарди. Сепак, ова лето, кога цената ја надмина 164 долари, пазарната капитализација ја проби границата од 4 илјади милијарди. Дека станува збор за пазарен лидер беше јасно веднаш штом пазарот почна да закрепнува бидејќи за само 40 дена вредноста на компанијата скокна од 3 на 4 илјади милијарди долари пазарна капитализација.
Маск веќе не е најбогат на светот, Лари Елисон седна на тронот
Лари Елисон за првпат стана најбогатиот човек на светот, со што заврши речиси едногодишното владеење на Илон Маск.
Богатството на Елисон порасна за 101 милијарда долари, откако „Оракл“ (Oracle Corp) ги објави кварталните резултати кои ги надминаа очекувањата и соопшти дека следи понатамошен раст.
Македонија ќе позајми 36 милиони евра на 16 септември
Владата планира преку аукција на државни записи и обврзници закажана за 16 септември годинава да се задолжи за 2,2 милијарди денари (35,8 милиони евра), стои во проспектите за аукциите на државните хартии од вредност, објавени на вебсајтот на Министерството за финансии.
Се предвидува да бидат понудени едногодишни државни записи во износ од 700 милиони денари (11,4 милиони евра) со каматна стапка од 3,6 проценти, двегодишни државни обврзници во износ од 300 милиони денари (4,9 милиони евра) и купонска каматна стапка од 3,75 проценти, како и 15-годишни државни обврзници во износ од 1,2 милијарди денари (19,5 милиони евра) со купонска каматна стапка од 5,1 процент.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...