Одлуката на Ворен Бафет да купи акции во „Њујорк Тајмс“ во последниот квартал во кој легендарниот инвеститор ја водеше „Беркшир Хатавеј“ претставува знак на доверба – а можеби и носталгија – на милијардерот кој целиот живот e фасциниран од весниците.
„Беркшир“ во трите месеци заклучно со декември купил 5,1 милион акции на издавачката куќа, што на крајот од годината вределе 351,7 милиони долари, покажува регулаторен поднесок објавен во вторникот.
Во последните денови инвеститорите ја подигнаа цената, па акцијата сега се наоѓа на историски максимум, поттикната од веста за интересот на „пророкот од Омаха“.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Каде ќе бевме денес ако ги следевме стратегиите на инвестициските легенди?
Во инвестициските кругови на почетокот на 2026 година, едно прашање останува доминантно: Што би се случило ако едноставно ги копирате потезите на најпознатите инвеститори во светот? Имиња како Ворен Бафет и Реј Далио имаат репутација дека го гледаат она што другите не го забележуваат, но податоците покажуваат дека постои опасен јаз помеѓу нивните стратегии и перцепцијата на јавноста.
Следењето на „боговите на финансиите“ е како возење преку гледање во ретровизор: јасно можете да видите каде биле, но немате поим каде вртат додека ги читате нивните квартални извештаи.
Прочитајте го нашиот осврт во кој утврдуваме зошто Мајкл Сејлор и Кети Вуд ја претставуваат вербата, Реј Далио и Мајкл Бери ладните, макроекономски пресметки, а Ворен Бафет конзервативната дисциплина.
Европска воена индустрија: Каде лежи следната голема можност за инвеститорите
Во 2024 година земјите членки на Европската Унија потрошија околу 343 милијарди евра за одбрана, додека растот се проценува на приближно 380 милијарди евра во 2025 година, со истовремено зголемување на уделот од БДП наменет за воени трошоци. Ваквата динамика покажува дека побарувачката сè повеќе зависи од индивидуалните кризи и сè повеќе од системските политики.
Кога земјите ја вклучуваат одбраната во долгорочните буџетски рамки, компаниите добиваат поголема деловна предвидливост, полесно планираат инвестиции и полесно инвестираат во капацитети. Токму затоа акциите на одбранбените компании нагло пораснаа во последните години, при што пазарот сè повеќе го гледа секторот како стратешки столб на европската економија.
„Блумберг Адрија“ подготви анализа во која даваме преглед на европската воена индустрија и факторите што ќе го обликуваат нејзиниот понатамошен развој.
Кристин Лагард размислува порано да ја напушти ЕЦБ
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, според „Фајненшл тајмс“, се очекува да се повлече од својата функција пред истекот на нејзиниот осумгодишен мандат во октомври 2027 година.
Лагард сака да замине пред претседателските избори во Франција во април следната година, што би му овозможило на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц заеднички да најдат нејзина замена, наведува извештајот, повикувајќи се извори блиски до Лагард. Сè уште не е јасно кога точно би можела да се повлече.
Одлука за позицијата на Лагард обично се носи во лето пред истекот на мандатот. Но европските влади можат да изберат да го забрзаат процесот за да избегнат да се соочат со Марин Ле Пен или нејзиниот протеже, Жордан Бардела.
Ќе ги оживее ли „Македонијатурист“ култните скопски хотели?
„Македонијатурист“ АД Скопје преку Македонската берза информираше дека е засновано заложно право – хипотека на недвижниот имот во сопственост нa компанијата кој се наоѓа во општина Карпош (хотел Карпош) заради обезбедување на кредитна рамка во износ од 5.000.000 евра. Износот преставува 8,33 проценти од капиталот на друштвото.
Со оглед на тоа што компанијата во изминатиов период доживеа значителни промени во сопственичката структура, подолг период е во одлична финансиска кондиција, а располага со објекти кои долго време не работат, се наметнува прашањето дали заемот ќе биде искористен за оживување на хотелите кои некогаш беа белег на главниот град - „Бристол“, „Јадран“ и „Водно“?
Социјалните мрежи немаат врска со слобода на говор, вели Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон го оцени аргументот за слободата на говорот на социјалните мрежи како чиста бесмислица, истакнувајќи ги ризиците од алгоритмите кои ги водат корисниците од една до друга содржина, вклучувајќи говор на омраза. Ова е во спротивност со една од клучните цели на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја користи слободата на говор како оправдување за минимизирање на регулацијата на технолошките платформи.
Европските земји како Обединетото Кралство и Германија разгледуваат можност за ограничување на користењето на социјалните мрежи за деца и малолетници, при што регулаторите предупредуваат дека услугите се штетни и предизвикуваат зависност. Овие мерки би можеле да влијаат на приходите од рекламирање за компании како „Мета“, „Снеп“, X, „Тикток“ и „Јутјуб“.
„Без сознанија за тоа како се создава и тестира алгоритмот, и каде ќе ве води, демократските последици можат да бидат огромни“, рече Макрон. „Некои тврдат дека се за слободата на говор – добро, ние сме за слободни алгоритми – целосно транспарентни. Слободата на говор е чиста бесмислица ако никој не знае како сте водени кон таа т.н. слобода, особено кога ве води од еден говор на омраза кон друг.“