Извршната власт на Европската Унија (ЕУ) ќе ги задржи речиси сите 22 милијарди евра, пари од заедничките фондови, а наменети за Унгарија, додека земјата не ја реши загриженоста околу владеењето на правото и заштитата на човековите права.
Како економски удар за владата на националистичкиот премиер Виктор Орбан, Европската комисија оцени дека Унгарија не ги исполнила условите за да ги добие парите од регионалните фондови. Инаку, помошта се користи за зајакнување на економската и социјалната кохезија на помалку богатите земји во блокот од 27 членки.
„Сè додека не се исполнат условите за тоа, Комисијата не може да ги надомести поврзаните трошоци вклучени во барањата за плаќање што ги поднесе Унгарија“, рече портпаролот на Европската комисија, Стефан де Керсмекер.
Инвеститорите само малку реагираа на веста. Националната валута, форинтата, чија вредност падна на рекордно ниско ниво во октомври поради загриженоста дека Унгарија можеби нема да може да пристапи до доделените средства од ЕУ, во петокот се тргуваше со повисока вредност за 0,1 отсто, или соодносот со еврото изнесува 400,41 форинти за евро.
Комисијата во соопштението наведе дека Унгарија не ја исполнува Повелбата за основните права на ЕУ. Конкретно, се споменува таканаречениот закон за заштита на децата, кој забранува малолетниците да бидат изложени на каков било вид прикажување хомосексуалност или промена на полот, што наиде на критики за ограничување на правата на ЛГБТК-заедницата. Според извршната власт, ризиците за академската слобода и правото на азил, како културни боишта во кои десничарската администрација на Орбан постојано се судира со либералните мултикултурни вредности на ЕУ, исто така постојат. Тоа претставува значителен неуспех за Орбан, чија влада беше принудена да ги укине дарежливите субвенции што ја зајакнаа неговата политичка поддршка.
Вестите претходно годинава дека ЕУ може да ги блокира средствата што помогнаа да ја поттикнат неговата економија и да го задржат на власт, исто така помогнаа да се зголемат приносите на обврзниците за над 10 проценти. Унгарија исто така се бори да ја заузди највисоката стапка на инфлација во ЕУ, додека централната банка го критикуваше кабинетот на Орбан за експериментирање во економијата со наметнување ограничувања на цените на сè, од основните производи за храна до хипотекарните стапки.
„Унгарија во моментов е во особено тешка економска состојба и зависи од овие пари. Се чини дека финансискиот притисок е најефикасен. Ако тоа помогне да се подобрат условите за владеење на правото, тоа е добро“, изјави европскиот комесар за буџет Јоханес Хан за весникот „Дер стандард“.
Одлуката на комисијата за кратење на средствата го надминува и оди подалеку од договорот што го постигнаа Унгарија и другите членки на Унијата за заеднички фондови во вредност од 6,3 милијарди евра. Откако тој договор беше склучен, владата на Орбан се откажа од заканата да стави вето на пакетот помош за Украина и спроведувањето на ЕУ на глобалниот минимален данок на добивка. Унгарија може да продолжи со своите планови за искористување на средствата, но комисијата не може да ги надомести поврзаните трошоци што се доставени, освен за техничка помош и за исполнување на условите“ сè додека Будимпешта не ја реши загриженоста, се вели во соопштението на извршната власт на ЕУ.