Банката на Англија (БоЕ) ги задржа каматните стапки на највисокото ниво во последните 15 години, останувајќи на својата порака дека трошоците за позајмување ќе останат зголемени некое време и покрај високите облози за бран на намалувања во 2024 година.
Одлуката на Централната банка на Обединетото Кралство е спротивна на вчерашното признание на Федералните резерви на САД дека намалувањата се следни на дневен ред, повторувајќи дека политиката на БоЕ ќе биде „доволно рестриктивна доволно долго“ со цел да се запре инфлацијата. Креаторите на политиките на БоЕ се поделени по истата линија како и на нивниот претходен состанок во ноември, при што тројца сè уште поддржуваат зголемување.
Гувернерот Ендрју Бејли во изјавата објавена заедно со одлуката вели дека „има уште пат за одење“ во борбата за контрола на инфлацијата. Притоа е повторено и упатството дека стапките би можеле повторно да се зголемат „доколку има докази за поупорни инфлациски притисоци“, при што растот на цените сè уште е двојно поголем од целта од два отсто.
Британија сè уште има најсилна стапка на инфлација во земјите од Групата седум, со помала работна сила отколку на почетокот на пандемијата, а порастот на платите предизвикува нагорен притисок врз цените.
„Пазарите почнаа да мирисаат глобален пресврт од страна на централните банки откако Фед вчера силно заврте“, вели Метју Лендон, стратег за глобален пазар во „ЏП Морган“ (JPMorgan Private Bank). „Банката на Англија не го следеше баш тој пример“.
Фунтата ги зголеми добивките во однос на американскиот долар, додека приносите на обврзниците го намалија претходниот пад. Трговците ги порамнија своите облози за намалување на каматните стапки на БоЕ. Инвеститорите сега гледаат околу 118 базични поени на монетарно олеснување во Британија во 2024 година во споредба со дури 127 базични поени пред објавата на централната банка.
Комитетот за монетарна политика гласаше со 6 спрема 3 за задржување на основната каматна стапка на 5,25 отсто трет состанок по ред, според записникот од одлуката објавена во четвртокот.
Што вели „Блумберг економикс“...
„Лепливата инфлација е сè уште голем проблем, но одлучувачкиот пресврт на политиката од Федералните резерви (Фед) веројатно ќе ѝ даде доверба на БоЕ да се движи малку порано отколку што мислевме. Како резултат на тоа, правиме мало приспособување на нашата прогноза, поместувајќи го терминот за првото намалување од август во јуни. Според наше мислење, таа промена ги прави ризиците околу времето на првиот потег пониски и поурамнотежени“.
- Ден Хансон и Ана Андраде, „Блумберг економикс“
„Изминавме долг пат годинава, а последователните зголемувања на стапките помогнаа да се намали инфлацијата од над 10 отсто во јануари на 4,6 отсто во октомври“, рече Бејли. „Но, има уште некој пат да се оди. Ќе продолжиме внимателно да ги следиме податоците и ќе ги носиме неопходните одлуки за да ја вратиме инфлацијата до два отсто“.