Европската централна банка (ЕЦБ) првпат по повеќе од една година ги задржа каматните стапки непроменети, откако инфлацијата достигна 2 отсто, а хаотичните трговски преговори со САД и понатаму фрлаат сенка врз економијата.
Каматната стапка на депозитите во четвртокот остана на 2 отсто - како што предвидоае огромното мнозинство аналитичари во анкетата на „Блумберг“. Бидејќи сè уште нема јаснотија за конечното ниво на царините, ЕЦБ не даде насоки за идните чекори.
„Инфлацијата моментално е на целта од 2 отсто на среден рок“, се наведува во соопштението. „Економијата досега генерално се покажа како отпорна, во предизвикувачка глобална средина. Истовремено, таа средина останува исклучително неизвесна, особено поради трговските спорови“.
Прашањето сега е дали креаторите на политики ќе додадат уште едно намалување на веќе осумте од јуни 2024 или пак нивната кампања за монетарно олеснување е завршена. Претседателката Кристин Лагард изјави дека ЕЦБ е во добра позиција да се справи и со други предизвици освен трговијата, вклучувајќи ги силата на еврото и очекуваниот скок на јавната потрошувачка за инфраструктура и одбрана.
Инвеститорите останаа на истото ниво на очекувања - 22 базични поена намалување на каматните стапки до крајот на годината. Економистите анкетирани пред одлуката предвидуваа последно намалување од четвртина процентен поен во септември.
Обврзниците ги задржаа претходните загуби по одлуката на ЕЦБ, при што приносот на германската 10-годишна обврзница беше повисок за околу три базични поени, на 2,67 отсто. Еврото, пак, остана речиси непроменето, со пад од околу 0,1 отсто на 1,1755 долар.
Лагард може да понуди ажурирана перспектива за економијата на еврозоната (20 земји) на денешната прес-конференција во Франкфурт. ЕЦБ на последната седница во јуни предупреди дека неповолно сценарио со високи царини би довело до значително послаб раст и инфлација пониска од предвидената.
Се очекува ЕЦБ уште еднаш ги намали каматните стапки
Bloomberg
Седницата на ЕЦБ се одржа нешто повеќе од една недела пред последниот рок што го постави американскиот претседател Доналд Трамп за ЕУ да постигне трговски договор. Иако блокот подготви контрамерки - со потенцијално високи економски трошоци - дипломати информирани за преговорите се надеваат дека се прави напредок кон договор со царина од 15 отсто.
Потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос, веќе предупреди дека растот ќе биде „речиси рамен“ во вториот и третиот квартал, откако компаниите забрзано вршеа бизнис во почетокот на 2025 година за да избегнат повисоки царини подоцна. Податоците за БДП од април до јуни ќе бидат објавени на 30 јули.
Последните податоци ја поддржуваат процената на Де Гвиндос. Побарувачката на компаниите за кредити остана слаба во вториот квартал, додека индексот на деловната активност во приватниот сектор покажува дека регионот само постепено зема залет.
По повеќе од 13 отсто зајакнување на еврото во однос на доларот годинава, тоа претставува нов предизвик, заканувајќи се да изврши притисок врз потрошувачките цени. ЕЦБ веќе предвидува дека инфлацијата ќе биде под целта следната година.
Поради тоа, членови на Управниот совет, како Франсоа Вилрерој де Галхау од Франција и Оли Рен од Финска, предупредија на продолжено отстапување под целта. Од друга страна, членката на Извршниот одбор, Изабел Шнабел, смета дека економијата е отпорна и дека прагот за ново намалување на каматните стапки е „многу висок“.
На дебатата се приклучи и Олаф Слејпен, кој штотуку го наследи Клаас Нот како шеф на холандската централна банка. Роберт Холцман од Австрија ќе се пензионира во август, а Марио Сентено од Португалија можеби нема повторно да биде именуван, откако неодамна му заврши мандатот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...