Македонија

НБМ нуди повисока камата, а банките купуваат помалку записи

Автор: Александра Томиќ

19. Септември 2022, 07:11

НБРМ нуди цела година по 10 милијарди денари

Банките купуваат помалку, последниот пат 8,3 милијарди денари

Најверојатно чуваат за да имаат ликвидност, велат аналитичарите

НБМ нуди повисока камата, а банките купуваат помалку записи

МИА

Александра Томиќ Главен уредник на Bloomberg Adria Makedonija digital

@tomikaleksandra

Се зголемува каматата, а се намалува интересот на банките за купување на благајничките записи. Годинава Народната банка не го смени износот на понудата, но реализацијата на месечните аукции на благајнички записи беше на помала сума само поради тоа што банките сакале помалку. А во истава година Централната банка во неколку наврати ја зголеми основната камата, таа по која банките купуваат благајнички записи кај НБРМ, а во функција на ограничување на растечката инфлација. Последното зголемување беше на последната аукција на 14 септември кога беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми до нивото од 3 отсто. Понудата остана иста – 10 милијарди денари.

Анализираме како се одвиваа аукциите на благајнички записи и колку банките имаа интерес да ги купат и покрај околностите на растечки камати.

Аналитичарите кои ги консултиравме велат дека интересот на банките е константен во последниот период, тоа што во последните месеци секогаш има помала побарувачка од понудената сума, може да се должи на неколку фактори. Во услови на очекувања за понатамошно зголемување на каматите тоа може да е дел од стратегијата на забавување за да се купи подоцна за поголеми камати. Друга веројатност е банките да стануваат повнимателни, а во услови на очекувања на намалувања на ликвидноста. Од Народната банка за Блумберг Адриа велат дека банките најверојатно пласираат помалку пари во записи за да има за кредитирањето на граѓаните и на фирмите.

„Благајничките записи издадени од Народната банка се основен инструмент преку којшто централната банка ги испраќа сигналите за поставеноста на монетарната политика, зависно од макроекономските и ликвидносните промени во земјата. Во тој контекст, Народната банка ја димензионира понудата на благајнички записи со цел одржување адекватно ниво на ликвидност во банкарскиот систем, којашто тековно е во позиција на структурен вишок. На редовните аукции на благајнички записи банките самостојно одлучуваат за вишокот слободни средства којшто ќе го пласираат во основниот инструмент на Народната банка, зависно од нивните оценки и планови за потребните ликвидни средства во претстојниот месец.

Во таа смисла, банките може да пласираат помал износ на средства во благајничките записи заради достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти, преку одржување на ликвидните средства на нивните редовни сметки кај Народната банка или да управуваат со ликвидноста преку пласмани во останатите монетарни инструменти, како што се расположливите депозити кај Народната банка, велат од Народната банка за Блумберг Адриа.

А на последната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, освен што ја зголеми каматата на благајничките записи, Народната банка одлучи и да ги зголеми каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, за по 0,5 процентни поени на нивоата од 0,90 проценти и 0,95 проценти соодветно.

„При носењето на одлуката беа земени предвид движењата кај инфлацијата, којашто и во август се зголемуваше, но поумерено. Овие измени би придонесле за натамошно поттикнување на штедењето во домашна валута, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките во корист на понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи, велат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во поставеноста на Европската централна банка. Според Централната банка има стабилизација на домашниот девизен пазар и во изминатиот период, при умерени притисоци од енергетската криза и прилив на девизи на менувачкиот пазар којшто е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка и натаму откупува девизи што придонесе за натамошен раст на девизните резерви.

Следната аукција на благајничките записи ќе се одржи на 12 октомври 2022 година и тогаш ќе се знае дали Народната банка повторно ќе ја зголемува каматата или ќе остане на ниво од три отсто.

НБРМ годинава пет пати ја зголемува каматата на записите.

При носењето на одлуката биле земени предвид движењата кај инфлацијата, којашто и во август се зголемуваше, но поумерено.

„Овие измени би придонесле за натамошно поттикнување на штедењето во домашна валута, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките во корист на понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи, соопштуваат од Народна банка.

Сите новости од рубриката Економија

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите
Адриа

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите

Тој вели дека во првата половина на годината има договори од една четвртина милијарда евра. Извозот во првото полугодие од зоните е за 11 отсто повисок во споредба со истиот период минатата година.

14.07.2022

Автор: Наташа Стојановска

Економија

сите новости од рубриката Економија