Македонија

Лукаревска за даноците: И профитабилните фирми треба да се солидарни

Автор: Александра Томиќ

21. Септември 2022, 07:11

Даночните приходи се наплаќаат со задоволителна динамика, вели директорката на УЈП

Во некои месеци поради мерките имало помал приход од ДДВ

Најавува праведно оданочување

Лукаревска за даноците: И профитабилните фирми треба да се солидарни

Управа за јавни приходи

Александра Томиќ Главен уредник на Bloomberg Adria Makedonija digital

@tomikaleksandra

Поради мерката со која Владата ги ослободи од оданочување со Данокот на додадена вредност (ДДВ), основните производи за исхрана во одреден период има извесно намалување на приходите од овој данок, вели во интервју за Блумберг Адриа, Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи. Сепак, како што тврди, наплатата на сите даночни приходи оди со предвидена динамика, а повратот на ДДВ за фирмите во јули и август е значајно поголем од истите месеци лани. Со Лукаревска разговарам и за даночните реформи за кои смета дека се во насока на зголемување на праведноста во оданочувањето. Во услови на криза многу држави размислуваа или веќе ги зголемија даноците на добивките на компаниите кои профитираа најмногу, па директорката вели дека тоа е така и солидарно. Не ја отфрли оваа можност и за македонски услови. 

Светот ја живее една од најголемите кризи предизвикана од воената инвазија на Русија кон Украина, што предизвика и сериозен економски удар. Последиците се чувствуваат и за македонската економија. Во земјава беше направен и ребаланс на буџетот, сепак како се прибираат даночните приходи во буџетот. Кои се трендовите и вашите очекувања?

Лукаревска: Кризата која се наметна, реално не погоди сите. Последиците ги чувствуваат и малите, отворени економии како нашата, но и оние големите, моќни економии. Ние како држава, контуинирано креираме мерки за амортизација на ударот и намалување на последиците кои ги предизвикува кризата. Годинава, многу порано Министерство за финансии направи прекројување на државната каса, односно, предложи и се изгласа ребаланс на буџетот. Со него, голем дел од средствата се наменија за обезбедување на ликвидност на компаниите и зачувување на животниот стандард на граѓаните.  

Токму заради специфичниот период и развој на економските текови, заедно со мојот тим, контуинирано ги следиме параметрите на дневна основа и правиме анализи, со цел да  ги следиме трендовите на приходната страна.  Да бидам искрена, засега податоците за наплата на даночните приходи од почетокот на годината заклучно со август оваа година, покажуваат дека даночните приходи се наплаќаат со задоволителна динамика, односно во речиси сите месеци има остварување на планот. И како институција и како тим, засега не гледаме индикатор дека треба нешто да не загрижи. Но, секако тоа не ни дава за право да бидеме опуштени. Напротив, гледаме на кој начин може да бидеме уште подобри, пред се поради тоа што со Ребаласнот  имаме задача да прибереме и повеќе пари кои секако треба повторно да се пласираат назад во стопанството, граѓаните преку мерките за намалување на последиците од енергетската криза, а паралелно мора да се реализираат и мерките кои се планирани за капитални инвестиции.

Во последните месеци имаше пад на трговијата на мало, какви се опсервациите за Данокот на додадена вредност? Дали се намалува приливот по однос на ДДВ?

Лукаревска: По извршениот ребаланс на буџетотот,  планот за даночните приходи за 2022 година е зголемен за сите видови даноци така за периодот јануари- август 2022 година имавме реализација на планот од 98,79 отсто, а ако споредиме со периодот јануари – август 2021 година, наплатата за осумте месеци во 2022 година е повисока за 18,3 проценти по сите видови даноци. Мерката ослободување од оданочување со ДДВ за основните производи за исхрана која беше во примена во периодот од 17 март до 31 мај 2022 година имаше одредено влијание врз приходите, кои што како институција ги прибираме по основ на ДДВ  за овој период, па со тоа, нотиравме и пониска наплата во однос на Данокот на додадена вредност во последните месеци. Но, од друга страна пак, редовниот поврат на ДДВ кон компаниите постојано се зголемува така што во месец јули кон компаниите се вратени 4,2 милијарди денари или  65,39 проценти повеќе во однос на истиот месец лани, а во август вратениот ДДВ кон компаниите е во износ од 4,5 милијарди  денари што е повисок за 49,85 отсто во однос на август 2021 година. Со ваквата динамика на повратот на ДДВ, влијаеме врз ликвидноста на домашните претпријатија и врз економијата. Сега во овој специфичен период од огромно значење е фирмите да имаат ликвидни средства и економска активност.

Не само ние како институција, туку и останатите институции, заеднички во координација и со Mинистерството за финансии и со Владата, посветено ја следиме состојбата и секако, доколку има било каква потреба за реакција, навремено ќе реагираме. Заради чувствителноста на состојбата, сите чекори  и мерки ги носиме внимателно, ова не е спринт, ова е маратон во кој мора сите заедно, кога велам сите, мислам на Владата, институциите, на стопанството и на граѓаните посветено, секој во својот дел, да бидеме на  ниво на задачата, се со цел полесно и со помалку последици да го пребродиме овој специфичен економски период.

Од тој аспект, а земајќи ги предвид инфлациските очекувања и влијанието врз домаќинствата има ли некаков план за промени кај ДДВ? Дали намалувањето на ДДВ за храната е опција?

Лукаревска: Сите  мерки кои се носат во насока на зачувување на животниот стандард на граѓаните и амортизирање на последиците од кризата ги носат надлежните институции, Владата и министерството за финансии. Ние како институција, сме имплементатори на одлуките и решенијата согласно надлежноста. Доколку се донесат  било какви, нови мерки, секако како и досега и овој пат, иститите ќе ги реализираме. Во однос  на намалување на ДДВ за храната, ние уште на почетокот на годината помеѓу првите антикризни мерки кои ги спроведовме беше ослободувањето на ДДВ за основните производи за исхрана.Tаа прва реакција во насока на амортизација на последиците, се покажа како добра мерка.

Управа за јавни приходи
 

А како тоа намалувањето на ДДВ се одрази врз економијата и Буџетот? 

Лукаревска: Видете, Владата кога ја донесе таа мерка имаше предвид дека ќе има и финансиски импликации и дека тоа ќе влијае врз наплата на ДДВ.  Сето тоа беше земено предвид, но целта беше да го зачуваме стандардот на граѓаните. Свесни бевме дека ќе има помалку приходи по основ на ДДВ, во периодот кога важеше ослободувањето од ДДВ за оризот, млекото, јајцата, лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло, но поважно ни беше да го зачуваме животниот стандард на граѓаните. И тој период, реално го премостивме без преголеми последици.

Во Хрватска одлучија да ги замрзнат цените на храната и енергијата. Колку ваква помош може да се земе в обзир ако се анализира од аспект на даночните приходи?

Лукаревска: Ние како држава и како институција, уште на почетокот на годината да не речам при првите економски удари донесовме сет на антикризни мерки во кои директно интервениравме со намалување на ДДВ на основните производи за храна и се што опфаќаше тој Сет на 26 антикризни мерки.  Покажавме дека моделот беше добар, после нас и во други земји беа применети слични модели, така што сметам дека како институција имаме капацитет навремено да реагираме и да креираме мерки.Се финализира и нов пакет на антикризни мерки креирани за најранливите категории со цел зачувување на животниот стандард на оние на кои навистина им е потребно поддршка во овој период.

Најавивте даночна реформа. Во која фаза се размислите и кои според вас се клучните измени?

Лукаревска: Изминатиов период, откако  министерот за финансии  го презентираше концептот на даночни реформи, заеднички со речиси сите  општествени чинители во државата преку  јавни дебати дискутиравме  за предложените измени кои се предлагаат ги сослушавме сите мислења, ставови и предлози на  претставници на бизнис заедницата, економски експерти, професори, академици, претставници на политички партии  со цел  нивно допрецизирање заради  носење на решенија кои се од суштинско значење за државата и граѓаните. Самиот концепт на даночни реформи  не значи зголемување на даночните стапки  или воведување на нови даноци, туку  претставува проширување на даночната основа. Очекуваме ваквата реформа во голема мерка да придонесе за формализација на неформалниот сектор, пред се со вклучување во системот на даночни обврзници. Ние изминатите години низ разни активности, согласно нашите надлежности директно или индиректно сме вклучени во сузбивањето на сивата економија и продолжуваме понатаму воведувајќи дигитални и автоматизирани процеси да ја намалиме истата. Вака поставениот концепт е начин  да обезбедиме средства за забрзување на економскиот раст, но и за тековни потреби, како на пример за антикризни пакети. Она што со години се провлекува како забелешка и препорака од страна на меѓународните финансиски институции се даночните трошоци, односно ослободувањата и повластениот третман за одредени категории приходи кај индивидуалните даноци.

Целта на даночната реформа пред се е за да обезбедиме поквалитетно здравство, образование и инфраструктура. Сметаме дека потребно е праведно оданочување и сите во системот да бидат еднакви. Во овој процес, инклузивноста е од особено значење, почнувајќи од формирање на нацрт концепт,  дефинирање на реформите, преку консултациите со засегнатите страни, како и широката дебата со сите чинители на општеството. И тој модел на широка дебата, ни даде и јасна слика за тоа како треба да бидат прецизирани реформите. Сепак, имавме дебата и со бизнисот, и со академиците од МАНУ во кои членуваат и поранешни министри за финансии кои имаат грандиозно знаење и исуство што преку идеи може да помогнат финалната верзија на реформата да биде уште подобра, бенефит да имаат сите.

Лично, сметам дека на многу фер, транспарентен начин со една широка дебата преку дискусија овозможивме да се дадат мислења, ставови. Одговорност на сите е да донесеме решенија кои ќе бидат соодветни и кои ќе овозможат подобрување на јавните услуги, ќе отворат можност за  нови капитални инвестиции, ќе овозможат рамномерен регионален развој и во крајна линија раст и развој на домашната економија, ставка која е особено важна во овој период на светска економска неизвесност.

Можно ли е во криза сепак да се размислува за одредени промени кои ќе се во насока на даночење на добивки на компании кои високо профитираат и во овие околности?

Лукаревска: Заради специфичноста на настаните во светски рамки и заради растот на цените на производите, сите држави се прилагодуваат на новонастанатата состојба. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, најави план за ограничување на добивките на производителите на електрична енергија кои прават профити во ек на кризата. Знаете не само кај нас, и во светски рамки сите треба да бидеме многу солидарни и да настапуваме координирано се со цел брзо опоравување на економиите. Целта е да се задржи стандардот на граѓаните, да се оддржи ликвидноста на компаниите, да се зачуваат работните места. Тоа се предизвици на кои мораме да одговориме. И етички и хумано е тој товар, па и притисокот да се подели подеднакво.

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра
Општо

Зекири се товари дека го оштетил буџетот за околу 1,5 милиони евра

Зекири се товари дека спротивно на Законот и без спроведена постапка за јавна набавка склучил два договора за консултантски услуги за Пошта и Железници Транспорт вредни скоро 1,5 милиони евра.

пред 3 часа

Сите новости од рубриката Економија

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите
Адриа

(Видео) Деспотовски: Политичката криза засега не влијае врз инвестициите

Тој вели дека во првата половина на годината има договори од една четвртина милијарда евра. Извозот во првото полугодие од зоните е за 11 отсто повисок во споредба со истиот период минатата година.

14.07.2022

Автор: Наташа Стојановска

Економија

сите новости од рубриката Економија