text size
Македонците и понекој странец што се нашол во земјава околу празниците за еден месец потрошиле 542,8 милиони евра во малопродажните дуќани, на бензинските и во рестораните. Податоците што по наше барање ги добивме од Управата за јавни приходи, ексклузивно, покажуваат дека денот во кој сме потрошиле најмногу пари е 30 декември 2022 година, кога вкупната сума дадена во еден ден изнесува 31,5 милион евра. Го анализиравме периодот од 22 декември 2022 година до 20 јануари годинава, а во нашата анализа го прикажуваме готовинскиот промет што е регистриран преку фискалниот систем на опрема во маркети, супермаркети, бензински пумпи, продавници за облека, продавници за домаќинство, угостителски објекти и слично. Минатата година беше една од најпредизвикувачките економски години, а клучен белег, секако по инвазијата на Украина, беше растечката инфлација, која во второто полугодие особено се вивна во земјава. Сумите што сме ги трошеле по маркетите и дуќаните секако ќе беа пониски ако не беше толку голем и растот на цените. Тоа не го менува фактот дека за еден месец секој Македонец (ама и бебињата) потрошил по нешто над 18 илјади денари.