Стан во Скопје во вториот квартал годинава во споредба со крајот на минатата чини само три отсто повеќе, а тоа значи дека и македонскиот пазар на недвижности се лади, вели за „Блумберг Адрија“ Марина Петров, сениор аналитичарка во нашиот аналитички тим.
Според нејзината анализа на македонскиот пазар на недвижности, двоцифрените стапки на раст од првата половина на оваа година може да водат кон погрешен впечаток дека трендот на висок раст на цените продолжил.
„Имајќи предвид дека најголемиот скок лани беше забележан во втората половина од годината, а цените беа придвижени од високата побарувачка, која дојде во периодот на високата инфлација, затоа што во овој регион луѓето сè уште се повеќе склони да ги вложат своите заштеди во недвижности, кои остануваат посакувана инвестиција. Па, ако во тој контекст ги погледнеме податоците за првата половина од 2023 година, забавувањето веќе се гледа“, анализира Петров.
И покрај забавувањето на растот на цените на македонските недвижности, сепак земјава го држи првото место во Европа по поскапувањето на квадратен метар. Според податоците на европската статистичка служба „Евростат“ за првото тримесечје од оваа година, највисок раст е забележан во Хрватска (14 отсто). Во истиот период во Македонија зголемувањето на цените беше 19,8 отсто. Надолниот тренд продолжи и во вториот квартал и цените на годишно ниво бележат раст од 12,9 отсто.
„Гледаме дополнително смирување на цените како што се намалува побарувачката, поради тоа што инфлацијата и натаму е предизвик за растот на платите, а економската несигурност ги тера домаќинствата да ги одложат одлуките за земање станбен кредит (иако каматните стапки сè уште не ги следат мерките за монетарно затегнување)“, објаснува Петров.
Според последните податоци на Народната банка, кредитирањето забавува, но не со темпото со кое монетарната власт ги затегнува политиките. Од почетокот на годината, кредитите растат умерено, со стапка од 6,5 отсто на годишно ниво.
Во насока на намалување на кредитирањето, НБРМ воведе и нови правила во однос на тоа кои граѓани можат да земат кредит. Воведен е праг според кој лице со рати повисоки од 50 отсто од вкупниот приход не може да земе кредит. Статистиката на банката исто така покажува дека над 50 отсто од лицата што плаќаат рата за станбен кредит имаат плата од над 50.000 денари.
Од друга страна, македонските градежници велат дека нема услови за дополнително ладење на пазарот од повеќе причини. Меѓу другите ги истакнуваат недостигот од добри локации, поскапените цени за комуналии, бавната администрација и пред сè навиката на Македонците, наместо да штедат во банка, парите ги вложуваат во станови.