Во 2024 година осигурителниот пазар во Македонија ги надмина рекордните резултати од претходната година, со раст од 11,33 проценти, при што вкупната бруто-полисирана премија (БПП) достигнала вредност од речиси 16 милијарди денари (260 милиони евра), што е највисока годишна вредност на уплата во осигурителни премии во земјава на сите времиња. Кај неживотното осигурување има раст на БПП за 10,29 проценти, на 213 милиони евра, а кај животното осигурување растот е повисок, 16,31 проценти, на 47 милиони евра, покажуваат податоците на Националното биро за осигурување.
Во делот на бруто исплатените штети (БИШ) има раст од 7,72 проценти, кои изнесувале вкупно околу 102 милиони евра во 2024 година, при што кај неживотното осигурување има раст од 5,22 проценти, на 85 милиони евра, а кај животното осигурување растот е 22,2 проценти, на 17 милиони евра. Зголемен е и бројот на исплатените штети, за 13,3 проценти, што значи дека речиси 150 илјади осигуреници – граѓани, компании и институции – добиле обесштетување покриено со нивното осигурување.
Неживотните осигурувања, сегмент со вкупно 18 класи во националната класификација, во 2024 година учествувале во вкупната продажба на осигурителни полиси со безмалку 82 процента, а нивната вредност е за 20 милиони евра повисока во однос на претходната година, што значи дека компаниите активно работат на раст на пазарот за неживотни осигурувања. Сите категории во овој сегмент имаат пораст во 2024 година, при што најголем скок има во категоријата „други класи неживот“, од 25 проценти, што се должи пред сѐ на растот кај приватното здравствено осигурување, кое станува сѐ попопуларно кај македонските граѓани во последниве години.
Прочитај повеќе

Раст на осигурителниот пазар во третиот квартал
Осигурителниот пазар во Македонија пораснал за 12,6 проценти во третиот квартал годинава, покажуваат податоците од Националното биро за осигурување.
13.12.2024

Отсуствата поради боледување ја чинат Европа милијарди евра секоја година
За бизнисите, болеста на вработените станува сè поголем проблем.
03.12.2024

„Уника“ го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Албанија и Косово на Авни Понари
Договорот за купопродажба на акции се очекува да биде потпишан во наредните денови.
21.11.2024

Поплави, пожари, суши, а во Македонија осигурувањето имот е само трошок
Само во 2023 година се евидентирани 37 настани со над една милијарда долари штета по настан.
01.10.2024

Македонскиот осигурителен сектор бележи стабилен раст
Главен предизвик на осигурителниот сектор останува недостигот од човечки ресурси.
24.07.2024
Кај најзастапената категорија, задолжителното осигурување од автоодговорност (АО), има раст од 5,7 проценти, на 96 милиони евра, со што АО опфаќа околу 37 проценти од вкупните неживотни осигурувања. Своевремено, АО, како единствено задолжително, беше убедливо доминантна класа на вкупниот пазар, со над 50 проценти удел, но добро е, како што велат познавачите на секторот, што во меѓувреме незадолжителните класи забележаа посилен раст, како што се имотните, здравственото осигурување и др. Висок раст во премиите во 2024 година има и кај осигурувањето моторни возила (каско) од 15 проценти, како и кај осигурувањата од незгода, 11 проценти.
Кој е кој на пазарот
Со присоединувањето на осигурителната компанија „Винер – Виена иншуренс груп“ АД Скопје кон „Македонија осигурување – Виена иншуренс груп“ АД Скопје, кое официјално се комплетира во јуни 2024 година, „Македонија осигурување“ стана компанија со најголема БПП на пазарот во делот на неживотните осигурувања, со пазарен удел од 17,63 проценти на крајот од 2024 година. Следува „Триглав“ со 12,37 проценти, а за третата позиција на пазарот тесна е борбата помеѓу „Уника“ со 11,47 и „Еуролинк“ со 11,41 проценти пазарно учество.
Компаниите во делот на неживотните осигурувања очекуваат пазарот да продолжи да расте и до крајот на 2025 година. Во коментарот на финансискиот извештај доставен до Македонската берза, од „Триглав осигурување“ велат дека очекуваат стабилно макроекономско опкружување во текот на 2025 година, иако, како што велат, „сѐ уште постојат нагорни притисоци во однос на ценовната стабилност, како и високо ниво на каматни стапки на глобално ниво, кои може негативно да влијаат на очекувањата“. Планираната премија во 2025 година изнесува околу 27,5 милиони евра, што е раст од 5 проценти во однос на 2024 година, а добивката исто така се очекува да порасне за околу четири проценти, на 950 илјади евра.
Од нивниот конкурент „Македонија осигурување“ велат дека планот за БПП за 2024 година го оствариле, но остварените штети го надминале планот, од страна на присоединетото друштво. Со завршување на процесот на спојување на двете компании, за 2025 година очекуваат БПП да изнесува 2,2 милијарди денари (околу 36 милиони евра) и добивка од околу два милиони евра.
КЗК: Картел во осигурителниот бизнис во МакедонијаКомисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) неодамна соопшти дека по неколкумесечно интензивно истражување утврдила постоење на нов картел во Македонија, овој пат во осигурителниот бизнис. „Имено, постапувајќи по барање добиено од страна на Министерството за финансии, Комисијата започна постапка против десет осигурителни компании во Македонија, поради постоење на основи на сомневање дека истите тие се здружиле во картел, кој е директно на штета на граѓаните и стопанството во Македонија“, соопшти Комисијата. Оттаму додадоа дека десетте осигурителни компании што вршат услуги од областа на осигурувањето на територијата на Македонија, во април 2024 година, преку усогласено однесување ја замениле состојбата на непречена конкуренција на релевантниот пазар со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата, преку зголемување на продажната цена на премијата/процентот за вршење на дејноста осигурување (режиски додаток), што е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила. „Поради целосно документирање на случајот и поведување соодветна прекршочна постапка против сторителите, Комисијата за заштита на конкуренцијата изврши низа увиди во службените простории на осигурителните компании, вклучувајќи и увиди во нивната меѓусебна комуникација, при што се пронајдени докази дека одлуката за зголемување на цените на премијата за автоодговорност е донесена како резултат на усогласено однесување – КАРТЕЛ“, наведуваат од Комисијата. Од КЗК посочија дека доколку по завршувањето на прекршочната постапка се потврди постоењето на прекршок, против десетте осигурителните компании ќе бидат изречени казни заради сторениот прекршок. |
Кај животното осигурување има уште многу простор за раст
На пазарот за животно осигурување каде што работат шест компании, 2024 година на лидерската позиција ја завршила повторно компанијата „Кроација живот“ со 28,5 проценти пазарен удел, пред „Триглав живот“ со 20,46 проценти и „Винер живот“ со безмалку ист удел, од 20,18 проценти. „Винер живот“, „Триглав живот“ и најмладата компанија на пазарот „Прва живот“ го зголемиле својот пазарен удел во 2024 година, додека „Кроација живот“, „Граве“ и „Уника живот“ загубиле понекој процент од своето пазарно учество. На пазарот за животно осигурување граѓаните и компаниите вложиле 47 милиони евра лани, за околу седум милиони евра повеќе во однос на 2023 година.
Животното осигурување во Македонија учествува со помалку од 20 проценти во вкупното осигурување, за разлика од поразвиените пазари во регионот и западните економии, каде што е застапено со повеќе од една третина. Тоа значи дека сѐ уште има голем простор за раст што осигурителните компании за живот треба да го искористат. Податоците за осигурувањето живот покажуваат дека во структурата доминира осигурувањето со штедна компонента. Кај овој производ суштинска е материјалната заштита за членовите на семејството на осигуреникот во случај на негова смрт. А дополнителна бенефиција е тоа што вложените средства всушност се заштеда доколку осигуреникот го доживее истекот на осигурувањето. А на заштедата има и принос што е однапред дефиниран. Ова е најстар продукт, кој на нашиот пазар за животно осигурување се продава речиси 20 години.
Интенција на особен и силен раст има кај ризико-осигурувањето – продукт што нема штедна компонента. Кај ова осигурување се осигурува само животот во определен временски рок. Доколку не се случи ризикот, компанијата ги задржува сите вложени средства. Ова осигурување бележи голем раст како обезбедување на банкарските кредити што ги подигаат граѓаните.
Значаен раст во последните пет години бележи осигурувањето со учество во добивката, кое има инвестициска компонента. Тоа е популарно познато како осигурување јунит линкд (Unit Linked). Кај овој продукт дел од средствата се вложува во финансиски инструменти (удели во фондови и акции) чии цени се променливи, пазарни, и зависат од берзите.