Од каде наоѓа време Илон Маск? Помеѓу неговите директорски позиции во „Тесла“ (Tesla Inc.) и „Спејсекс“ (SpaceX), обврските во проекти за тунелирање и невротехнологија и тужбите со „Твитер“ (Twitter), тешко е да се замисли како во распоредoт има простор за грижа за големото семејство, но и за останатите негови заложби и интереси како зголемување на светската популација, зачувување на слободата на говорот, постојано објавување на социјалните мрежи, сериозни инвестиции во крипто и крстарења во близина на брегот на Грција.
„Имам луд работен распоред“, напиша Маск неодамна на „Твитер“. „Едноставно нема многу време за зафрканции“.
Во технолошкиот свет, славните основачи/извршни директори се почитувани поради ваквата истрајност. Познати се тврдењата дека тие стигнале таму каде што се затоа што работат понапорно и подолго од сите други, со неисцрпност и во текот на ноќта, која е сепак проткаена со мала мистичност за супербогатите во технологијата. Таквото создавање митови обично вклучува подвиткување на вистината за да се наметне одредена корпоративна приказна.
Маск, често повикува на поинтензивно користење на времето. „Никој никогаш не го променил светот со 40 часа неделно“, има кажано тој.
Приказните за деноноќната работна етика на Маск долго време ја поттикнуваа неговата репутација на ајронмен.
Во неговата прва компанија, „Зип 2“ (Zip2), Маск вели дека морал да кодира цела ноќ. „Седум дена во неделата, цело време“. Откако бил исфрлен од својата позиција во „Пејпал“ (PayPal) додека патувал, тој се обидува да избегнува одмори. За време на пеколниот период на производство на автомобили, Маск рече дека спиел во една од фабриките на „Тесла“. Во однос на посветеноста на мисијата на „Спејсекс“, Маск има кажано дека неговиот примарен дом била скромна куќа од 50.000 долари во близина на космодромот на компанијата во Тексас.
Според судски извештај, Маск има близнаци со вработена во Neuralink
Тешко е да се каже колку од овој спартански стил на живот е реален. Прво, судски документи, поврзани со веста дека имал близнаци со директорка во неговата компанија „Неуралинк“ (Neuralink Corp.), како негова адреса наведуваат куќа вредна повеќе милиони долари во Остин, сугерирајќи дека тој не живее 24/7 зафатен со операциите на „Спејсекс“. Со сите негови корпоративни одговорности, тој исто така најде време да излегува со Грајмс и Амбер Херд, да биде татко на еден куп деца, да присуствува на гала вечери со славни личности, да игра видеоигри кои се познати по тоа дека одземаат многу време како „Елден ринг“ и да „твита“ речиси секојдневно. (Маск појасни дека најчесто „твита“ од тоалет, што значи дека или е брз твитерџија или можеби има проблем со дебелото црево.)
Секако, да се има рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот е здрава работа. Но, Маск помина толку долго фалејќи се за неговиот обем на работа што митот се урива со секој поглед упатен кон неговиот вистински живот. Динамиката доведе до смешни резултати. Демантирајќи го неодамнешниот извештај дека имал афера со сопругата на ко-основачот на „Гугл“ (Google), Сергеј Брин, Маск рече дека обвиненијата не би можеле да бидат точни бидејќи тој работи премногу и затоа што и натаму е близок со Брин, при што во објавата нагласи дека се забавувале токму претходната вечер.
Маск негира дека имал афера со споругата на ко-основачот на ‚Гугл‘
Маск има добра причина да го одржува во живот наративот дека работата е неговиот живот. Секако, тоа го зацврстува неговиот статус на суперхерој меѓу обожавателите, но исто така е неопходно да се уверат инвеститорите дека тој сè уште има елан да испорачува заработки за „Тесла“ и за исполнување на владините договори за Space Exploration Technologies Corp. Како што акциите на „Тесла“ се приближуваат до највисокото ниво во последните три месеци, се чини дека акционерите се задоволни со верзијата на настаните која ја прикажува Маск.