text size
Американскиот министер за финансии Скот Бесент решително интервенираше за да го запре потенцијално штетниот раст на трошоците за задолжување на САД, но дел од инвеститорите сега стравуваат дека цената на таа политика на крајот би можел да ја плати доларот.
Некои учесници на пазарот сметаат дека овој потег покажува дека Вашингтон го менува пристапот и сè поактивно интервенира за да ги држи трошоците за задолжување под контрола. По серијата слични потези насочени кон ограничување на растот на долгорочните приноси, повторно се појавија стравувања дека таквата политика би можела да ја наруши довербата во доларот и да ги наведе инвеститорите да ги пренасочат парите во други валути и средства.
Прочитај повеќе
Американските долгорочни обврзници закрепнаа по најавата за зголемен откуп
Најдолгорочните американски државни обврзници забележаа остар раст откако Министерството за финансии на САД најави дека најмалку ќе го удвои обемот на откупот на обврзници со подолг рок.
пред 22 часа
Акциите и обврзниците здивнаа по неколкудневните силни турбуленции
Светските берзи конечно го запреа падот, но зад привидното смирување се трупаат нови ризици.
19.08.2026
Трошоците за задолжување на државите се на највисоко ниво во последните децении
Долгорочните обврзници се во центарот на загриженоста на инвеститорите која се однесува на сè, од инфлацијата до бумот на вештачката интелигенција финансиран со задолжување, а владите ја плаќаат цената за тоа.
18.08.2026
Трговците стануваат поселективни во инвестирањето во обврзници поврзани со инфлацијата
Инвеститорите стануваат селективни кон обврзниците поврзани со инфлацијата на пазарите во развој, по силните приноси во последните месеци.
17.08.2026
Обврзниците се соочуваат со поголема закана од Фед поради растот на каматите
Додека инвеститорите расправаат дали и кога Фед ќе ги зголеми каматните стапки, ширум светот се засилуваат очекувањата за натамошно заострување на монетарната политика, што би можело да донесе нови проблеми на пазарот на обврзници.
16.08.2026
„Доларот дефинитивно е најголемата жртва“, вели Џералд Ган, инвестициски директор на сингапурската компанија РК (Reed Capital), која управува со имотот на повеќе семејства. Тој смета дека Бесент намерно се обидува да ги намали долгорочните реални каматни стапки и испраќа сигнал дека е подготвен да толерира послаб долар за да ја одржи економијата над вода.
„Уште повеќе би ги диверзифицирал инвестициите надвор од доларот“, додаде тој.
Bloomberg
Министерството за финансии на САД во средата соопшти дека ќе ги удвои планираните откупи на постојните обврзници со рок на достасување од 10 до 30 години, откако трошоците за задолжување пораснаа на највисоки нивоа во последните неколку години. Со овој потег Бесент стана најактивниот министер за финансии кога станува збор за интервенции на пазарот во последните неколку децении.
Исто така, овој потег претставува отстапување од долгогодишниот пристап на Министерството за финансии заснован на „редовно и предвидливо“ управување со долгот, пристап што и самиот Бесент го поддржа во говор во ноември.
Секој обид вештачки да се намалат приносите на американските обврзници може да ја намали привлечноста на долгот деноминиран во долари во однос на средствата на другите пазари. Ако инвеститорите проценат дека целта е да се олесни просторот за дополнително задолжување на САД, тоа исто така би можело да придонесе за слабеење на американската валута.
Показателот на „Блумберг“ за вредноста на доларот по објавата падна на најниско ниво во последните три месеци, за во четвртокот да зајакне за 0,1 отсто. Меѓу валутите кои најмногу зајакнаа во однос на доларот беа јапонскиот јен, швајцарскиот франк и новозеландскиот долар.
Планот за откуп на обврзници доаѓа само неколку недели откако САД ѝ се придружија на Јапонија во интервенцијата чија цел беше поддршка на јенот, што создава впечаток дека креаторите на политиките реагираат панично, смета Амир Анварзадех, стратег во компанијата АА (Asymmetric Advisors) од Сингапур.
„Не мислам дека толку се обидуваат да го ослабат доларот, колку што се обидуваат да ги стабилизираат приносите - но жртвено јагне е доларот“, рече тој.
Одри Чајлд-Фримен, главен валутен стратег во „Блумберг интелиџенс“, исто така смета дека овој потег би можел негативно да влијае врз доларот.
„Трговците веројатно ќе го гледаат ова како обид да се потиснат пазарните очекувања во врска со одржливоста на американските јавни финансии и кредибилитетот на Федералните резерви (Фед) во борбата против инфлацијата“, напиша таа во белешка.
Остар раст на приносите
Приносите на долгорочните американски државни обврзници оваа недела нагло пораснаа, бидејќи инвеститорите бараат поголем надомест за позајмување пари на владата чиј долг сè повеќе расте. Стравувањата од инфлација и конкуренцијата од бранот корпоративно задолжување го засилија притисокот, па приносот на 30-годишните обврзници достигна ниво последен пат забележано во 2007 година, иако очекувањата за скоро зголемување на каматните стапки на Федералните резерви ослабеа.
Вашингтон покажуваше знаци на загриженост и пред најавата за откуп на обврзниците во средата. Откако САД кон крајот на минатиот месец ѝ се придружија на Јапонија во поддршката на јенот, Бесент навести можност за користење инструмент на Федералните резерви за финансирање дополнителна интервенција доколку биде потребно. Се сметаше дека тие потези го намалуваат ризикот дека Јапонија ќе мора да продава американски државни обврзници за да дојде до долари потребни за одбрана на својата валута.
Заедно со повременото залагање на претседателот Доналд Трамп за послаб долар, овие потези го засилија впечатокот кај некои инвеститори дека Вашингтон сè повеќе е подготвен да интервенира на пазарите за да ги држи трошоците за задолжување под контрола.
„Бесент би ги поздравил овие движења на девизните курсеви, со оглед на тоа што администрацијата на Трамп ги истакнува предностите на послабиот долар како начин за зголемување на конкурентноста на САД и намалување на трговските нерамнотежи“, напишаа стратезите на „Еверкор“ (Evercore ISI), меѓу кои е и Марко Касираги.
Bloomberg
Ендрју Каноби, директор за обврзници во компанијата ФТ (Franklin Templeton) во Мелбурн, смета дека пошироката приказна се одвива на валутните пазари. Бесент, како што рече, „всушност порачува дека сме подготвени да жртвуваме дел од силата на доларот за да ги држиме приносите на долгорочните обврзници донекаде под контрола“. „Нешто мора да биде сигурносен вентил“, додаде тој.
Алтернативата би била решавање на структурните проблеми на земјата, рече Каноби, но тоа би бил многу потежок пат. Поради тоа, на креаторите на политиките им преостанува или да управуваат со приносите или да дозволат слабеење на доларот.
Доларот и претходно минувал низ слични периоди. Големите програми за откуп на обврзници на Федералните резерви во минатото поттикнаа стравувања дека обидите за потиснување на приносите и проширувањето на билансот на централната банка би можеле да ја обезвреднат валутата. Во поново време, инвеститорите ја намалуваа изложеноста кон доларот поради заканите на Трамп со царини и притисокот врз Фед. Сепак, ниту еден од тие настани не го потисна доларот од неговата доминантна позиција на глобалните пазари.
Не сите гледаат непосредна закана за доларот. Тој и понатаму има силна краткорочна поддршка благодарение на приливот на капитал во американските акции поттикнат од развојот на вештачката интелигенција, како и од повисоките цени на нафтата, смета Масахико Лу, виш стратег за обврзници во компанијата ССИМ (State Street Investment Management).
Сепак, Лу смета дека најновите мерки дополнително го зајакнуваат долгорочниот аргумент во прилог на дедоларизацијата и обезвреднувањето на валутата. Како што владините проекти за развој на вештачката интелигенција и изградбата на дата-центри се шират надвор од САД, исклучителната предност што САД моментално ја имаат благодарение на приливот на капитал би можела постепено да ослаби, додаде тој.
„Доларот се покажува како слаба алка за инвеститорите кои го споредуваат откупот на американските државни обврзници со сè поголемиот фискален дефицит на САД. Тоа остава простор за азиските валути за понатамошен раст“, вели Марк Кранфилд, стратег на БМЛ (Bloomberg Markets Live).
Шоки Омори, главен стратег на „Дојче Банк“ (Deutsche Bank AG) за обврзници во Јапонија, рече дека поголемата поддршка за ликвидноста на американските државни обврзници речиси по правило доаѓа на сметка на доларот.
Движењето на цените на пазарот испрати јасна порака. Краткорочните обврзници се најдоа под продажен притисок, додека очекувањата за зголемување на каматните стапки на Фед останаа цврсти, а доларот сепак ослабе во однос на повеќето валути. Тоа покажува дека инвеститорите гледаат подалеку од разликата во каматните стапки и ја преиспитуваат пошироката комбинација на американските економски политики, рече тој.
Омори чекува јенот да биде најголемиот добитник во следните три до шест месеци, бидејќи најновите потези на Вашингтон отстрануваат две сили кои досега ја одржуваа јапонската валута слаба: потребата на Јапонија да продава американски државни обврзници за да ја финансира интервенцијата и притисокот што го создаваат растечките долгорочни приноси во САД. Исто така, го фаворизира златото, а потоа швајцарскиот франк и еврото, како алтернативи на доларот.
„Министерството за финансии може да ги откупува своите обврзници; доларот не може да се откупи“, рече тој.