Во поголемиот дел од последните две децении, најсеверните европски земји беа сметани за периферија на светот на корпоративниот долг. Но, новиот бран на меѓународни инвеститори почна да ја менува таа слика.
Странските вложувачи се привлечени од зголемениот обем на издавање, бидејќи сè повеќе компании го користат релативно едноставниот начин за издавање високо-приносни обврзници во Норвешка, Шведска и Данска. Според податоците на „Арктик секјуритис“ (Arctic Securities), половина од инвеститорите што учествувале во продажбата на обврзници согласно локалните нордиски закони годинава доаѓаат однадвор, во споредба со околу една четвртина во 2023 година.
„Главниот раст што моментално го гледаме е во учеството на американските инвеститори,“ изјави Александар Јост, раководител на истражување во инвестициската банка со седиште во Осло, која организира издавање на нордиски високо-приносни обврзници. „Промената е драматична.“
Прочитај повеќе

Проблемите на „Ново Нордиск“ и тарифите на Трамп кочница за растот на Данска
Гувернерот Томсен најави значително намалување на прогнозата за раст во 2025 година поради слабеењето на „Ново Нордиск“ и тарифите на Трамп.
05.09.2025

Данска ги поттикнува граѓаните да се откажат од месото
Данска прави амбициозен експеримент за да го намали апетитот на своите 6 милиони луѓе за месо и млечни производи
27.06.2024

Германските инвеститори пооптимистични, охрабрени од извозот
Довербата на инвеститорите во Германија во септември е повисока од тоа што се очекуваше, иако економијата и натаму се соочува со ризици од царини и структурни слабости.
16.09.2025

Италија, Шпанија и Грција го преземаат приматот на пазарот на обврзници
Поранешните „ризични“ економии сега доминираат на пазарот на обврзници, привлекувајќи капитал што некогаш одеше во Германија и Франција.
11.08.2025
Меѓународните инвеститори масовно навлегуваат на нордискиот пазар на обврзници
Странските инвеститори сочинуваат речиси половина од купувачите на обврзници во 2025 година
Bloomberg
За оние што можат да прифатат помалку ликвиден пазар, регионот нуди можност за повисоки приноси отколку во Европа или САД. Обемот на издавање обврзници е на пат да достигне рекордно ниво годинава, со неодамнешни зделки како обврзница со рејтинг CCC+ на „Флора Фуд груп“ (Flora Food Group) во сопственост на „ККР енд ко.“ (KKR & Co Inc), првото издавање на обврзницата на малтешката компанија за чартер на приватни авиони „ЕрИкс груп холдингс“ (AirX Group Holdings Ltd), како и на германскиот производител на инфраструктурни компоненти „Ди-си-ај холдинг“ (DSI Holding GmbH).
Регионот станува привлечен и за инвеститорите во акции, при што Стокхолм беше домаќин годинава на три од петте најголеми јавни понуди на акции во Европа досега.
Алтернативни финансии
Нордискиот пазар на високо-приносни обврзници се разви од последиците на глобалната финансиска криза, кога локалните мали и средни компании почнаа да бараат алтернативни извори на финансирање, откако банките станаа повоздржани да одобруваат кредити за поризични компании.
Се покажа дека нордиските управители на средства, пензиските фондови и семејните инвестициони компании се подготвени да купуваат обврзници, па така се создаде пазар што главно го држеа домашни инвеститори.. Бидејќи регионалните фонд-менаџери добро го познаваа поширокиот пазарен контекст, тие беа спремни сами да прават кредитни анализи, наместо да се потпираат на официјални рејтинзи.
И денес тоа наследство останува, иако на пазарот влегуваат компании и инвеститори однадвор. Фирмите што досега годинава собрале повеќе од 15 милијарди евра (17,7 милијарди долари) во нордиските земји обично не морале да обезбедат ниту кредитен рејтинг, ниту официјална документација за издавање во почетната фаза. За некои помали издавачи, тоа го прави пазарот уште поатрактивен отколку директното задолжување – сектор што доживеа бум во последниве години, бидејќи малите компании бараат пофлексибилни начини за прибирање капитал.
„Повеќето од издавачите со кои работиме се двоумат меѓу приватен долг и нордиска обврзница,“ вели Томас Ериксен, раководител на истражување за кредит во „Парето секјуритис“ (Pareto Securities), организатор на обврзници со седиште во Осло.
„Кај приватниот долг зборувате за процес што трае два до три месеци со ограничен број инвеститори, додека кај нордиските обврзници се работи за неколку недели и поширок круг инвеститори.“
Компаниите набрзина прибираат капитал преку нордиските обврзници
Издавањето на високо-приносни обврзници на пат кон нов рекорд во 2025
Bloomberg
Ризик од невраќање на долговите
Нордискиот пазар на високо-приносни обврзници не е за секого и има јасни ограничувања колку може да расте.
Спецификите на овој пазар значат дека тој главно им служи на компании кои прибираат неколку стотици милиони долари или помалку, што го прави несоодветен за финансирање на мултимилијардни откупи со задолжување – практика типична за европскиот пазар на високо-приносен долг. Според податоците на „Нордиск трасти“ (Nordic Trustee) и „Фич“ (Fitch), стапките на неплаќање таму се повисоки: над 5 отсто во 2024 година, за разлика од европскиот пазар каде што е помалку од 3 отсто.
Меѓу издавачите што моментално се под притисок е германската „Нордвест индустри груп“ (Nordwest Industrie Group), инвестициска компанија во сопственост на семејството на бизнисменот Курт Зех. Фирмата минатиот октомври издаде обврзница од 50 милиони евра, но сега се соочува со реструктурирање на долгот, што ќе вклучува продажба на средства за да ги подмири обврските. Портпаролот на компанијата потврди дека преговорите се во тек и дека компанијата има за цел целосно да ја врати нордиската обврзница, како и останатите кредитни обврски.
Друг пример е „Риц-Карлтон јахт колекшн“ (Ritz-Carlton Yacht Collection), ултралуксузна компанија за крстарења поддржана од приватната инвестициска фирма „Октри капитал менаџмент“ (Oaktree Capital Management). Во јуни компанијата им соопшти на инвеститорите дека ѝ се потребни стотици милиони дополнителна поддршка, а акционерите веќе „вбризгаа“ нов капитал.
Подобри услови
Сепак, нордискиот пазар обезбедува спас за компании од потешки сектори, кои инаку би се соочиле со проблеми да приберат средства. Германскиот снабдувач на автоделови „БОС ГмбХ и ко. КГ“ (BOS GmbH & Co KG) во јуни продаде обврзница од 150 милиони евра за рефинансирање на банкарски долг, со камата врзана за пазарната стапка што моментално носи принос од околу 11 отсто.
За дел од инвеститорите, оваа поставеност е поатрактивна од европските и американските пазари на високо-приносни обврзници, каде големите управители на средства преплавени со прилив на капитал се подготвени да прифатат послаби услови за да вложат средства. Њујоршката компанија „Кросинг Бриџ адвајзерс“ (CrossingBridge Advisors) во средината на 2024 година формира фонд за нордиски обврзници за да добие пристап до построгите заштитни клаузули и пониските нивоа на задолженост, изјави основачот и главен инвестициски директор Дејвид Шерман.
Во нордиските земји има помала конкуренција за секоја зделка, па инвеститорите можат да договорат подобри услови и цена, вели Стив Рот, основач на „Родон инвестмент менаџмент“ (Rhodon Investment Management), кој претходно бил раководител на кредит и конвертибилни инструменти во „МЕН ГЛГ“ (Man GLG). Тој проценува дека нордиските зделки со слични кредити можат да донесат и до 200 базични поени повисок принос од оние на европскиот пазар.
„Американскиот и европскиот пазар на високо-приносни обврзници станаа силно наклонети кон големите инвеститори,“ рече Рот. „За разлика од тоа, нордискиот пазар има тенденција да ги третира сите инвеститори поправедно.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...