Фабричките нарачки во Германија паднаа во август, што претставува уште еден неуспех за индустријата во годината кога најголемата европска економија не успеа да го испорача долгоочекуваното закрепнување.
Побарувачката се намали за 5,8 отсто од јули, по два последователни месеца на зголемување, покажаа податоците објавени во понеделникот. Тоа е најголемиот пад од јануари и многу полошо отколку што очекуваше кој било од 17-те економисти во истражувањето на „Блумберг“ (Bloomberg).
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Во Македонија пристигнувале пелети и од погони што личат на депонии
Можно е до граѓаните што купувале пелети да стигнувале такви во чиј состав освен дрво има и хартија, пластика или ќеси. Тие се всушност индустриски пелети, кои можат да се употребуваат и во домашни печки, но немаат таква намена. „Блумберг Адрија“ праша експерти за тоа колкава е штетата од манипулацијата со пелети.
Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) периодов предупредија дека на пазарот инспекторите затекнале пелети што не одговараат на квалитетот и не се со потеклото што е наведено во декларациите. Директорот на ДПИ, Горан Трајковски апелира потрошувачите да внимаваат при купувањето, а најави засилени контроли и расветлување на случајот во текот на неделава.
Најголем број фирми чекаат над 400 дена за наплата на побарувањата
На домашниот корпоративен сектор лани во просек му требале околу три месеци за наплата на побарувањата, а пет месеци за исплата на краткорочните обврски наспроти 2022 година, кога просечниот период за наплата на побарувањата изнесувал околу два и пол месеца, а четири месеци биле потребни за исплата на краткорочните обврски, покажува извештајот за финансиска стабилност на Народната банка за минатата година.
Според податоците на НБРМ, на најголемиот број фирми во Македонија односно на таканаречените микроправни лица лани во просек им биле потребни повеќе од 400 дена за наплата на побарувањата и над 900 дена за исплата на краткорочните обврски.
ББА-коментар: Одбранбениот сектор ќе биде добар инвестициски избор
Во ерата на постојани геополитички превирања, една од стратегиските гранки на државата секако е инвестирањето во одбранбениот сектор. Во просек, над два отсто од БДП низ светот се инвестира во одбраната и сродните сектори.
Во регионот Адрија во 2023 година во просек 1,7 отсто од БДП биле наменети за одбрана, додека само Србија е над светскиот просек. Сепак, споредено со последните десет години, забележително е зголемување на инвестициите во одбраната, освен во Босна и Херцеговина, каде што уделот падна под еден процент поради постојаните политички несогласувања.
Аналитичарот на „Блумберг Адрија“, Михаел Блажековиќ, посочува дека во преостанатиот дел од регионот постои посилен раст, особено во Полска, каде што инвестициите се зголемиле за 1,55 процентни поени во 2023 година во споредба со 2022 година, поттикнати од руската агресија врз Украина и од географската близина на Русија.
„НЛБ Обврзници“ нов отворен инвестициски фонд во Македонија
Комисијата за хартии од вредност на последната седница донесе решение со кое на друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови „НЛБ Фондови“ АД Скопје му даде одобрение за организирање на отворен инвестициски фонд „НЛБ Обврзници“.
„Сопственици на удели во новиот фонд можат да бидат домашни и странски институционални и индивидуални инвеститори, кои сакаат да вложат средства на период до три години во инструменти со фиксен доход (државни и корпоративни обврзници) и да остварат атрактивен принос“, информираат од КХВ.
Почна со работа втората голема соларна електроцентрала на ГЕН-И
Групацијата ГЕН-И ја пушти во употреба втората голема соларна електроцентрала во Македонија. Соларната електроцентрала се наоѓа во близината на Кавадарци и на површина од 70.000 квадратни метри се инсталирани вкупно 17.612 фотоволтаични модули. Нивната вкупна максимална моќност во зависност од временските услови изнесува 12 мегавати. Во зависност од бројот на сончеви часови, овие модули годишно може да произведат до 15.500 мегават-часа енергија без јаглеродни емисии.
„Со оглед на просечната потрошувачка на едно домаќинство, ова количество енергија ги задоволува потребите на околу 3.400 домаќинства. Тоа значи заштеда од 7.574 тони CO2 годишно“, соопштија од компанијата.