Американското бомбардирање на иранските нуклеарни постројки претставува најниска точка во затегнатите односи меѓу двете земји. Но нивната тешка релација не е нова. Вклученоста на САД во Иран, како и судирите, се комплексни и може да се проследат наназад со децении.
1951
Несогласувањата меѓу двете земји имаат корени во американската поддршка на државниот удар во 1953 година, со кој беше соборен националистичкиот премиер на Иран, Мохамад Мосадег, а повторно беше воспоставена монархијата со шахот Мохамад Реза Пахлави, кој беше наклонет кон Западот.
Прочитај повеќе

САД ги нападнаа нуклеарните објекти, Иран се закани со „вечни последици“
Трамп рече дека иранските клучни објекти за збогатување ураниум се целосно и комплетно уништени.
22.06.2025

Што е посебно во врска со американската бомба за пробивање бункери?
Овие бомби тежат 13.600 килограми и се долги 6 метри
22.06.2025

Брифинг на Пентагон: Какво оружје беше користено во операцијата „Полноќен чекан“
За прв пат се употребени бомбите за пробивање бункери
22.06.2025

Иран испука ракети кон американска воздухопловна база во Катар
Портпаролот на американската влада штотуку потврди дека нема извештаи за жртви во базата Ал Удеид.
23.06.2025

Трамп објави прекин на огнот, Израел го обвини Иран дека го прекршува примирјето
Американскиот претседател им честиташе на двете земји, но кусо потоа Израел го обвини Иран дека го прекршува примирјето.
24.06.2025
Овој потег следуваше откако иранскиот парламент во 1951 година изгласа национализација на нафтената индустрија, со цел да си ја поврати контролата врз нафтеното богатство на земјата. Овие ресурси до тогаш беа контролирани од страна на Британците преку компанијата „Англо-ираниан оил компани“ – денес позната како БП — уште од почетокот на 20 век. Движењето за национализација го предводеше Мосадег, лидер на Националниот фронт на Иран, кој беше избран за нов премиер откако неговиот претходник Хусеин Ала поднесе оставка.
Британските и американските разузнавачки служби здружено го соборија Мосадег во август 1953 година, во тајната операција „Ајакс“. Целта беше да се задржи пристапот до евтина нафта и да се спречи ширењето на комунизмот, бидејќи Иран граничи со сателитски земји на Советскиот Сојуз — Ерменија, Азербејџан и Туркменистан. Вмешувањето на странски сили ќе предизвика антиамериканско расположение во Иран кое ќе трае со децении.
1957
САД потпишаа договор за поддршка на користењето на нуклеарна енергија во Иран за цивилни цели, како дел од програмата „Атоми за мир“ на претседателот Двајт Ајзенхауер. Деценија подоцна, Американците му обезбедија на Иран 5-мегаватен нуклеарен истражувачки реактор, заедно со збогатен ураниум потребен за негово напојување.
Двајт Д. Ајзенхауер со шахот Мохамад Реза Пахлави во Белата куќа во 1954 година.
Фотограф: PhotoQuest/Getty Images/Bloomberg
1968
САД и Иран беа меѓу првите потписнички на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, кој стапи во сила во 1970 година. Овој договор претставува основа на атомската дипломатија, со цел да се ограничи ширењето на нуклеарното оружје, но и да се поттикне пристапот до мирољубиви атомски технологии.
1972
Претседателот Ричард Никсон го посети Техеран и му вети на шахот Мохамад Реза Пахлави дека ќе му продаде какво било американско оружје што ќе посака, освен нуклеарно, во замена за иранска помош во заштита на американските интереси на Блискиот Исток. До крајот на 1970-тите, шахот купи повеќе од 16 милијарди долари вредно оружје од САД, вклучително и ловци Ф-14.
1979
Иако односите меѓу САД и Иран беа релативно стабилни за време на владеењето на шахот, неговата автократска власт, расипничкото трошење и растечката социјална нееднаквост го направија непопуларен кај иранската јавност. Со зголемување на економските проблеми и незадоволство поради корупцијата, започна протестно движење.
Сè поголемите граѓански немири кулминираа со Исламската револуција. Шахот ја напушти земјата во јануари.
Ајатолахот Рухолах Хомеини, кој стана симболичен лидер на револуцијата, се врати од Франција по 14 години прогонство поради бидејќи беше противник на шахот. Од февруари де факто ја презеде власта во Иран и спроведе референдум со кој Иран во април беше прогласен за Исламска Република, притоа преминувајќи од прозападна монархија во антизападна теократија. Во декември беше изгласан нов устав со кој Хомеини беше прогласен за врховен лидер на земјата.
САД му дозволија на шахот да влезе во земјата за лекување од рак — потег што предизвика бес кај група ирански студенти, кои веруваа дека тој избегал од правдата. Во ноември, тие ја нападнаа американската амбасада во Техеран, зедоа 52 Американци како заложници и побараа шахот да биде вратен во Иран за да му се суди.
1980
САД во април се обидоа да изведат мисија за спасување, наречена Операција „Орлови канџи“ (Operation Eagle Claw), со цел ослободување на заложниците од амбасадата. Мисијата не успеа и заврши со авионска несреќа, во која загинаа осум американски војници.
Како што кризата продолжуваше, претседателот Џими Картер во април ги прекина дипломатските односи со Иран, и тие никогаш формално не беа обновени. Во ноември, тој нареди суспензија на увозот на нафта од Исламската Република, изјавувајќи дека САД „одбиваат да дозволат употреба на тероризам и земање и држење заложници за наметнување политички барања.“
Истата година, Ирак ја нападна соседна држава Иран, откако лидерот Садам Хусеин се обиде да ја искористи нестабилноста по револуцијата за да преземе контрола врз стратешки важниот воден пат Шат ал-Араб и нафтоносната покраина Хузестан. Старата верска напнатост исто така играше улога, бидејќи Хомеини се обидуваше да ја прошири својата шиитска идеологија и во други блискоисточни земји, вклучително и Ирак, каде сунитската елита владееше со мнозинско шиитско население.
Нападот на Ирак предизвика воен конфликт што траеше осум години, при што беа убиени стотици илјади луѓе од двете страни, сè додека не беше воспоставен прекин на огнот под покровителство на Обединетите нации. САД го поддржаа Ирак во конфликтот, обезбедувајќи финансии, обука и технологија. Поддршката продолжи и по сознанијата дека Ирак користел хемиско оружје против Иран.
1981
По 444 дена, заложниците од американската амбасада беа ослободени на 19 јануари, само неколку минути по завршувањето на мандатот на Картер и стапувањето на должност на претседателот Роналд Реган. Во замена за нивното ослободување, САД — преку т.н. Алжирски договори (Algiers Accords) — се согласија да ги одмрзнат иранските средства и да не се мешаат политички или воено во внатрешните работи на Иран.
Американски заложници излегуваат од авион по нивното враќање од Иран, откако беа држени 444 дена, во 1981 година. Извор: Express/Getty Images/Bloomberg
1984
САД го ставија Иран на својата листа на држави спонзори на тероризмот — ознака што е сè уште на сила и денес — и воведоа санкции против земјата, вклучително и ембарго за продажба на оружје.
Ова уследи по бомбардирањето во претходната година на мултинационалната воена касарна во Бејрут, Либан, при што беа убиени 241 американски војник. Американската влада сметаше дека нападот го извршиле шиитски милитанти поврзани со Иран.
1986
И покрај ембаргото на оружје, администрацијата на претседателот Роналд Реган тајно продавала оружје на Иран со цел да обезбеди ослободување на Американци кои биле држени како заложници во Либан од страна на Хезболах — милитантна група поддржана од владата во Техеран.
Американските власти, исто така, ги користеле средствата добиени од овие продажби за да ги финансираат десничарските бунтовници Контра во Никарагва — што било незаконски, бидејќи Конгресот донел закон со кој се забранувало натамошно финансирање на таа побуна.
Овој договор стана јавен во 1986 година, во скандалот познат како Иран-Контра афера (Iran-Contra scandal).
1988
На 3 јули, американскиот воен брод УСС (USS Vincennes) собори ирански патнички авион над Ормускиот Теснец, при што загинаа сите 290 патници и членови на екипажот.
САД изјавија дека авионот бил погрешно идентификуван како борбен авион. Во истрагата на настанот, соборувањето на летот 655 на „Иран ер“, кој летал од Бандар Абас во јужен Иран до Дубаи, беше наречено „трагична и жална несреќа“.
1995 – 1996
Администрацијата на американскиот претседател Бил Клинтон во 1995 година воведе пошироки санкции против Иран, вклучително и ембарго на нафта, а потоа и забрана за трговија и инвестиции на САД во Иран.
Во 1996 година, тој го потпиша законот за санкции против Иран и Либија (Iran and Libya Sanctions Act), со кој се казнуваа и неамерикански компании што инвестираат во иранскиот нафтен и гасен сектор.
2002
Американскиот претседател Џорџ В. Буш во јануари, за време на своето годишно обраќање до нацијата, го опиша Иран — заедно со Северна Кореја и Ирак — како дел од „оска на злото“ (axis of evil). Тој изјави дека Иран „агресивно се стреми кон оружје за масовно уништување и извезува терор, додека неизбрани поединци ја задушуваат надежта на иранскиот народ за слобода.“
Изјавите предизвикаа бес во Иран, особено затоа што земјата дотогаш обезбедувала одредена помош за САД во војната против Талибанците во Авганистан — заедничкиот непријател — по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.
Во август 2002 година, Националниот совет на отпорот на Иран — група која претставува ирански дисидентски движења — ја откри постоечката, но досега непозната активност во две ирански нуклеарни постројки, за кои Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) дотогаш не знаеше: фабриката за збогатување ураниум во Натанц и реакторот на тешка вода во Арак.
2003
Иран ја извести МААЕ дека ќе ја суспендира целата активност за збогатување ураниум и се согласи да дозволи построги инспекции на своите нуклеарни постројки.
2007
Американската разузнавачка заедница заклучи дека во 2003 година, Иран го прекинал она што САД го опишуваа како програма за нуклеарно оружје, позната под името проект Амад (Amad Plan).
2009
Лидерите на САД, Франција и Обединетото Кралство во јавноста го обелоденија постоењето на иранската постројка за збогатување ураниум во Фордо (Fordow), вградена длабоко во страна од планина. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека „големината и конфигурацијата на оваа постројка не се во согласност со мирољубивата нуклеарна програма“, додека францускиот претседател Николас Саркози рече дека постројката била „дизајнирана и изградена во последните неколку години и е директна повреда на резолуциите на Советот за безбедност и на МААЕ.“
2013
Во септември, претседателот Обама разговараше телефонски со иранскиот претседател Хасан Рохани — што претставуваше прв контакт на највисоко ниво меѓу двете земји по повеќе од 30 години.
Во ноември, Иран, Германија и петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации — Кина, Франција, Русија, Велика Британија и САД — потпишаа почетен нуклеарен договор, познат како Заеднички план за акција (Joint Plan of Action), кој отвори пат за поширок договор што имаше за цел да ја ограничи иранската нуклеарна програма.
2015
Договорот од 2013 година беше проширен и доведе до историскиот Сеопфатен заеднички акциски план (Joint Comprehensive Plan of Action). Во замена за олеснување на санкциите, Иран се обврза дека во наредните 15 години нема да збогатува ураниум над 3,7 отсто — концентрацијата на изотопот ураниум-235 потребна за нуклеарни електрани.
Исто така, Иран вети дека ќе ги ограничи своите резерви со збогатен ураниум на 300 килограми (661 фунта) — околу 3 отсто од количината што ја поседуваше пред потпишувањето на договорот.
2018
Кога претседателот Доналд Трамп го започна својот прв мандат, тој го исполни своето предизборно ветување со тоа што еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор, кој го нарече „најлошиот договор досега“. Тој ги врати санкциите врз Иран што беа укинати со договорот и спроведе т.н. стратегија на „максимален притисок“, со цел да ги сведе иранските нафтени извози на нула.
Останатите потписнички на нуклеарниот договор продолжија да го почитуваат договорот и не воведоа повторни санкции.
Според податоците на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран го почитувал договорот до повлекувањето на САД. Потоа, започна да го зголемува производството на збогатен ураниум над дозволените граници на договорот. Иран достигна збогатување од 60 отсто чистота, што според МААЕ е технички речиси исто како гориво доволно за нуклеарна бомба.
2019
САД ја прогласија Исламската револуционерна гарда-најмоќната воена институција во Иран – за терористичка организација. Ова беше првпат Американците да дадат таква ознака за дел од странска влада.
2020
Американски напад со дрон во Багдад го уби најмоќниот ирански воен командант, генералот Касем Сулејмани, кој ја предводеше елитната единица Кудс (Quds Force). Претседателот Трамп изјави дека Сулејмани бил „директно и индиректно одговорен за смртта на милиони луѓе.“
Иран возврати со ракетен напад врз американски воени бази во Ирак.
2021
Администрацијата на претседателот Џо Бајден започна индиректни преговори со Иран во Виена со надеж за враќање на нуклеарниот договор. Сепак, по неколку рунди разговори, не беше постигнат договор.
2023
Преку посредници како Оман и Катар, Иран и САД постигнаа договор за размена на затвореници, при што двете страни ослободија по петмина притвореници. Како дел од договорот, администрацијата на Бајден издаде ослободување од санкции, со што банките добија дозвола да трансферираат 6 милијарди долари замрзнати ирански средства од Јужна Кореја во Катар.
Американската влада изјави дека средствата може да се користат само за хуманитарни цели. Републиканските конгресмени остро го критикуваа договорот, опишувајќи го како откуп за непријателска влада.
Bloomberg
2025
Во февруари, Трамп — сега повторно претседател — на својата платформа Трут сошл побара итно започнување со работа на „Потврден нуклеарен мировен договор“. Во март испрати писмо до врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, давајќи рок од два месеци за постигнување нов договор. Паралелно, Трамп повторно ја активираше кампањата на „максимален притисок“, наредувајќи построга примена на постоечките санкции.
Во април започнаа нови преговори, предводени од специјалниот пратеник за Блискиот Исток на Трамп, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Клучна спорна точка во преговорите беше дали Иран ќе има право да збогатува ураниум на ниско ниво или воопшто да не го збогатува.
Во годишната процена на закани објавена во март, американската разузнавачка заедница заклучи дека Иран во моментот не гради нуклеарно оружје, иако веројатно врз Хамнеи се зголемил притисокот да го направи тоа.
Се очекуваше шести круг преговори во средината на јуни, кога Израел започна воздушни напади врз иранската нуклеарна програма. Потоа САД ѝ се приклучија на офанзивата, напаѓајќи три клучни ирански нуклеарни постројки, вклучително и Фордо и Натанц, и првпат во борбени услови употребија најмоќна бомба за длабоки цели („bunker-buster“) на своето вооружување.
Иран возврати со напад врз американската воена база Ал Удеид во Катар. Катар изјави дека ракетниот напад бил пресретнат и дека базата била евакуирана пред нападот.
Нападот на Иран изгледа беше „главно симболична одмазда“, изјави Зијад Дауд, главен економист за новите пазари во „Блумберг економикс“.
„Беше дадено доволно предупредување — Катар го затвори својот воздушен простор, а САД издадоа предупредувања до своите граѓани.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...