Израел и Иран извршија нови напади во втората недела од судирите, додека Доналд Трамп ја продлабочи неизвесноста околу неговата подготвеност да се вклучи во конфликтот и ги отфрли европските обиди за дипломатско решение.
Израел во саботата нападна неколку цели во централниот дел на Иран, вклучувајќи ја и нуклеарната локација во Исфахан, јави полуофицијалната новинска агенција Фарс. Според извештајот, нема загинати ниту истекување на опасни материи. Израелските одбранбени сили претходно соопштија дека идентификувале ракети испалени од Иран и работат на нивно пресретнување. Сирени беа активирани во централниот дел на Израел.
Откако ја засили реториката против Иран претходно оваа недела, Трамп во четвртокот изгледа се обиде да ги намали тензиите, велејќи дека ќе почека две недели за да ѝ даде шанса на дипломатијата. Во петокот, навести дека рокот може да биде скратен, но исто така рече дека „можеби“ ќе поддржи прекин на огнот додека траат разговорите. Иран бара прекин на нападите пред да влезе во преговори, што Израел одбива да го прифати.
Прочитај повеќе

Како функционира иранскиот режим?
Од Исламската револуција во 1979 година, Иран е теократска република
19.06.2025

САД се подготвуваат за можен напад врз Иран во наредните денови
Ситуацијата сè уште се развива и може да се промени.
19.06.2025

Како влијае израелско-иранската војна врз глобалната економија?
Иран во својот арсенал има и опција за затворање на Ормутскиот Теснец.
17.06.2025

Генеза на војната: Како израелскиот лав ја скрши иранската оска на отпорот?
Израелско-иранската војна како завршна фаза на блискоисточните тензии што ескалираат од октомври 2023 година.
16.06.2025
„Им давам одреден временски период“, изјави Трамп пред новинарите во Њу Џерси, по средбата со својот тим за национална безбедност во петокот. „Би рекол дека максимумот би бил две недели.“
Министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција и Германија се сретнаа со нивниот ирански колега во Женева во петокот. Не постигнаа видлив напредок.
„Иран не сака да зборува со Европа. Тие сакаат да зборуваат со нас“, изјави Трамп. „Европа нема да може да им помогне.“
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека Иран е подготвен да одржи нова средба со Европејците во блиска иднина, пренесе државната новинска агенција ИРНА. Но предупреди дека не може да се очекува напредок без прекин на конфликтот.
Сè уште не е закажана нова средба, ниту има договор за тоа каде и во каков формат би се одвивале разговорите, според еден европски претставник.
Bloomberg Mercury
Арагчи денеска е во Истанбул за да присуствува на самитот на Организацијата за исламска соработка, според државната телевизија. Тој исто така треба да се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на маргините на самитот.
Пред да биде прекинат двомесечниот процес на преговори со САД поради израелскиот напад, Техеран сигнализираше подготвеност да прифати одредени ограничувања на своите активности за збогатување ураниум. Израел и САД, сепак, тврдат дека Исламската Република воопшто не треба да има дозвола да збогатува ураниум.
Трамп, исто така, изјави дека Израел нема капацитет самостојно да ги уништи сите нуклеарни постројки на Иран.
Повеќето експерти сметаат дека успешен напад врз подземниот центар за збогатување ураниум во Фордо би барал учество на САД, бидејќи Израел не располага со тип на муниција — како најмоќните бомби за продирање во бункери — кои можат да навлезат толку длабоко под земја. Но, постои дебата по ова прашање, со некои тврдења дека Израел ги поседува потребните средства.
Трамп повтори дека, според него, Иран бил на само неколку недели од создавање нуклеарна бомба кога Израел нападна, и повторно ги отфрли наодите на американското разузнавање дека иранското раководство не се стреми кон тоа.
Постојат загрижености дека евентуално американско вклучување би довело до ескалација на конфликтот и би можело да го прошири и на поширокиот регион, вклучувајќи ги соседните земји од Персискиот Залив.
„Оваа војна е во спротивност со регионалниот поредок што земјите од Заливот се обидуваат да го изградат, а кој се фокусира на просперитет“, изјави Анвар Гаргаш, висок дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, на брифинг во петокот. „Во регионот има многу проблеми — ако решиме сè да решаваме со чекан, ништо нема да остане неразбиено.“
Цените на нафтата паднаа во петокот, по објавата на „Ројтерс“ дека Иран е подготвен да разговара за ограничувања на збогатувањето ураниум, иако цените сè уште се значително повисоки од нивото пред почетокот на конфликтот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...