Спорот за трансферот на технологии ја разниша холандската компанија за чипови и предизвика трка за опстанок.
Обидот на Европа да ѝ се спротивстави на Кина и да ја задржи клучната технологија на свој терен се приближува до точка на вриење.
Во спор за критична алка од глобалниот синџир на снабдување, производителот на чипови „Некспирија“ (Nexperia BV) беше изземен од сопственичката контрола на својот кинески сопственик, со одлука на холандски суд, а компанијата, еден од водечките играчи во таканаречените „наследни“ чипови, сега води трка за да ја зачува својата независност. Доколку компанијата со седиште во Најмеген успее во тоа, Европа ќе задржи вредно знаење во производството на полупроводници и ќе оствари ретка победа над Кина.
Прочитај повеќе
Германското производство неочекувано расте - автомобилите се предводник на растот
Германското индустриско производство неочекувано се зголеми трет месец по ред, што е најновиот сигнал дека закрепнувањето можеби се зацврстува во најголемата економија во Европа.
09.01.2026
Причини поради кои Германија не може да ја намали зависноста од Кина
Германските гиганти тивко тонат сè подлабоко во зависност од Кина, додека Берлин предупредува на сериозни ризици. Зад кулисите паниката се зголемува...
16.11.2025
„Некспирија“ ќе продолжи со испорака на чипови
САД се подготвени да објават дека „Некспирија“, холандска компанија за полуспроводници со капацитети во Кина, ќе продолжи со испорака на чипови, според лице запознаено со ситуацијата, по трговскиот договор постигнат меѓу Доналд Трамп и Шји Џјинпинг на нивниот самит оваа недела.
01.11.2025
„Некспирија“ ја прекина испораката поради неплатени обврски на кинеската подружница
По одбивањето на кинеската единица да плати, „Некспирија“ ја суспендира испораката и предупреди на нарушување на синџирот на снабдување.
06.11.2025
Со спротивставувањето околу „Некспирија“, Европа има цел „да постави преседан за тоа што значи ‘дерискинг’“, изјави Бенедета Џирарди, програмска координаторка во Хашкиот центар за стратешки студии, алудирајќи на европската цел за намалување на зависностите од Кина. Намерата е да се покаже дека Европа „бара суверенитет и автономија како дел од разговорот“ за технологијата, дури и додека настојува да ги зачува трговските односи со клучен партнер.
Откако холандски суд интервенираше во сопственичката структура на „Некспирија“ во октомври, спорот почна да создава ризици за автомобилското производство во Европа и пошироко. На едната страна е јадрото на компанијата, кое се наоѓа под управа на судски назначени довереници во Холандија; на другата страна е клучен производствен капацитет поврзан со поранешниот сопственик „Вингтек“ (Wingtech Technology Co.), електронска компанија во која околу 30 отсто од сопственоста е во рацете на субјекти блиски до кинеската држава.
„Некспирија“ е водечки снабдувач на нискоенергетски автомобилски чипови
Пазарен удел во 2024 година кај автомобилските мали сигнални дискретни полупроводници
Bloomberg
Додека „Некспирија“ настојува да го прошири производствениот капацитет надвор од Кина, „Вингтек“ ги засили напорите повторно да ја преземе контролата врз производителот на чипови, кој е во нејзина сопственост од 2019 година. Компанијата започна разговори со судски назначените довереници со цел да се постигне договор, а во исто време поднесе жалба до Врховниот суд на Холандија поради суспензијата на нејзините сопственички права.
Судското рочиште закажано за среда ќе утврди дали случајот може брзо да се реши или ќе прерасне во долготрајна правна битка. Судот во Амстердам може да наложи истрага за работењето на производителот на чипови доколку оцени дека постојат сомнежи во начинот на управувањето со „Некспирија“. Од друга страна, доколку судот одлучи да не отвори постапка, мерките преземени против сопственичките права на „Вингтек“ и нејзиниот основач би можеле да бидат укинати.
Се очекува рочиштето да има далекосежни последици не само за иднината на „Некспирија“ туку и за одржливоста на автомобилскиот синџир на снабдување, како и за геополитичките односи.
Во меѓувреме, зад сцената, двете структури на „Некспирија“ се подготвуваат за можно сценарио во кое ќе продолжат да функционираат една без друга. За „Некспирија Кина“ (Nexperia China) тоа значи обезбедување алтернативни извори на вафери - тенки, рамни плочки од полупроводнички материјал, најчесто силициум. За холандската матична компанија, пак, тоа подразбира проширување на другите производствени локации за да се обезбеди доволен капацитет за задоволување на побарувачката на клиентите. И двата процеса се сложени.
„Соочена со ситуацијата што произлезе од несоодветната интервенција на холандската влада, ‘Некспирија Кина’ активно спроведе ‘самоспасување на производството’“, вклучувајќи го и обезбедувањето вафери од други извори, изјави претседателката на „Вингтек“, Руби Јанг, во интервју за „Блумберг“.
Bloomberg
„Нашата соработка за набавка на вафери на кинескиот пазар е природно продолжение на оваа стратегија“, изјави таа, додавајќи дека иницијативата има цел да го унапреди работењето, „а не целосно да го замени постојниот синџир на снабдување“.
Според Јанг, холандската страна инвестира околу 300 милиони долари во проширување на други капацитети, со цел до средината на 2026 година 90 отсто од производствениот капацитет да биде надвор од Кина. Овие проекти покажуваат „јасна намера за раздвојување од Кина“, рече таа.
Плановите за проширување на локациите на „Некспирија“ во Малезија и на Филипините имаат цел да додадат десетици милијарди единици на годишниот капацитет, посочуваат добро упатени извори. Компанијата потврди дека работи на „забрзување на постојните планови за проширување на капацитетите“, но одби да коментира конкретни бројки или цели.
Со оглед на тоа што некои конкуренти на „Некспирија“, како американската „Онсеми“ (OnSemi), сигнализираат дека би можеле да го зголемат производството и да ги преземат нејзините нарачки, притисокот за брза реакција расте, а просторот за грешки е минимален.
Продажбата на „Некспирија“ порасна повеќе од двојно под сопственост на „Вингтек“
Приходи по сегменти
Bloomberg
Комплицираниот спор ги натера банките да повлечат стотици милиони долари финансирање за „Некспирија“, вклучувајќи ја и неискористената револвинг кредитна линија од 800 милиони долари, изјавија извори запознаени со случајот, кои побараа да останат анонимни бидејќи разговорите се доверливи. Од компанијата соопштија дека „Некспирија“ е без долг и располага со силна ликвидна позиција, која не е нарушена од настаните во изминатите месеци, изјави портпарол во одговор на прашања од „Блумберг“.
Јавниот судир изби во октомври, кога суд во Амстердам нареди сопственичките права на „Вингтек“ да бидат ставени под доверенички надзор, по обвинувања дека компанијата несоодветно пренесувала технологија од Европа во Кина. Судот наедно го суспендира основачот на „Вингтек“, Жанг Шјуеженг, од функцијата извршен директор на „Некспирија“, по тврдења дека пренасочувал ресурси кон поврзани компании и ја ослабувал холандската компанија за чипови. „Вингтек“ ги негира обвинувањата.
Судската одлука доведе до тоа фабриката на „Некспирија“ во Гуангдонг, со капацитет од над 50 милијарди единици годишно, или околу половина од преткризниот производствен обем на групацијата, да ја прекине соработката со матичната компанија во Холандија, која, пак, возврати со запирање на испораките на вафери за Кина.
Покрај внатрешниот корпоративен судир, во случајот се вклучија и холандската и кинеската влада. Холандија воведе надзорни овластувања повикувајќи се на националната безбедност, додека Пекинг го ограничи извозот на „Некспирија“ од Кина. Политичката расправија се смири откако повторно беа дозволени испораките, но Кина и натаму врши притисок Холандија да се повлече.
„Очигледно постои намера ‘Вингтек’ да се претвори во некаков иден национален шампион“, изјави Матје Дишател, директор за меѓународни студии во аналитичкиот центар „Институт Монтен“. „За Европејците, ова покажа колку е клучно да се има сигурен пристап до капацитети за склопување, што очигледно претставува слаба точка.“
Иако „Некспирија“ е релативно мал играч во глобалната индустрија за полупроводници, нејзината важност произлегува од способноста да произведува чипови што извршуваат едноставни функции, како контрола на напојувањето, во огромни количества, околу 3.000 компоненти во секунда. Иако се нискотехнолошки, овие компоненти се користат речиси во секој електронски уред.
Операциите на „Некспирија“ се поставени за ера на непречена глобална трговија. Вафери од производствени капацитети во Германија и во Обединетото Кралство се испраќаат на тестирање и склопување во погони во Кина, Малезија и на Филипините. Оттаму, готовите компоненти се испорачуваат до клиенти низ светот, вклучувајќи и назад во Европа.
Bloomberg
Загриженоста околу снабдувањето поттикна некои големи клиенти, како доставувачот на автомобилски делови „Роберт Бош“ (Robert Bosch GmbH), да транспортираат вафери од капацитетите на „Некспирија“ во Европа кон Кина, велат анонимните извори. Процесот е скап и сложен и затоа не се смета за долгорочно решение, додаваат тие.
Како дел од плановите за проширување, холандската матична компанија водела разговори со клиенти за инвестирање во капацитетите на „Некспирија“ во Југоисточна Азија, велат истите извори.
Портпарол на „Бош“ одби да коментира за односите со доставувачите од конкурентски причини, но рече дека компанијата останува во тесен контакт со „Некспирија“ и работи на минимизирање какви било ограничувања во производството.
Недостигот од чипови на „Некспирија“ ги изненади автомобилските производители. „Хонда мотор“ (Honda Motor Co.) запре производство во неколку погони, додека „Фолксваген“ (Volkswagen AG) и други формираа итни тимови за обезбедување алтернативи. Водечкиот доставувач на делови „ЦФ Фридрихсхафен“ (ZF Friedrichshafen AG) го намали производството.
Холандско-кинескиот спор за „Некспирија“ се развивал подолго време
Bloomberg
За да се избегне слично тесно грло во иднина, европските земји разговараат како да го субвенционираат таканареченото „бекенд“ производство надвор од Кина, посочува изворот. Истовремено, како што брифираат изворите, и Кина се соочува со притисок од домашните производители на автомобили, меѓу кои и БЈД (BYD), да обезбеди стабилно снабдување.
Дури и ако една или двете структури на „Некспирија“ опстанат или пронајдат начин за помирување, угледот на брендот веќе е нарушен, што тешко ќе се поправи и создава подолгорочни неизвесности.
„Како што државите се натпреваруваат за контрола врз различните фази од синџирот на вредност на полупроводниците, ќе почнат да се појавуваат вакви потенцијални точки на вриење“, изјави Џејкоб Фелдгојс, виш аналитичар за истражување на податоци во Центарот за безбедност и нови технологии при Универзитетот „Џорџтаун“ (Center for Security and Emerging Technology). „Ризикот поврзан со оваа ситуација навистина до неодамна не беше препознаен.“