Како некој што со години го почнуваше денот со двојно долго еспресо, а секоја пауза ја доживуваше како добра можност за уште една шолја кафе, тешко можев да замислам дека еден ден ќе бидам меѓу оние што бараат алтернатива на кафето. За мене тоа беше многу повеќе од пијалок – ритуал, награда и верен придружник во деновите исполнети со рокови. Затоа, по неодамнешната препорака од лекар да го намалам внесот, помислата дека треба да пијам помалку кафе ми звучеше како сериозен предизвик. Тоа не значеше дека засекогаш треба да исчезне од мојата рутина, но го отвори прашањето што денес си го поставуваат сѐ повеќе луѓе ширум светот: постои ли начин да ги задржиме будноста, концентрацијата и уживањето, а притоа да внесуваме помалку кофеин?
Судејќи според податоците, одговорот на пазарот е јасен. Продажбата на разладени готови пијалаци од кафе и чај без кофеин пораснала за речиси 15 отсто во последната година, додека продажбата на кафе во зрно и какао се намалила за речиси десет отсто. Во исто време, според податоците на „Нилсен Ај-Кју“ (NielsenIQ), побарувачката за производи означени како „декаф“ пораснала за речиси 37 отсто.
Иако и натаму се потпира на традиционалните потрошувачки навики, ниту домашниот пазар не заостанува зад овој тренд. Она што до пред неколку години беше резервирано за мал број локали, денес сѐ почесто се наоѓа во понудата на кафулињата. Различните варијанти на мача, ладни и топли чаеви и пијалаци со дополнителни нутритивни придобивки станаа дел од стандардната понуда, додека кафето без кофеин повеќе не се смета за производ наменет за тесна група потрошувачи, туку за алтернатива на втората или третата дневна шолја еспресо.
Нутриционистите сметаат дека мача лате е најдобрата замена кога ви е потребна концентрација./Depositphotos
Според Маја Бабиќ, магистер по прехранбена технологија, нутриционист и тренер за здравје и благосостојба, не станува збор за моментален тренд.
„Не мислам дека станува збор за минлива мода, ниту дека сме сведоци на големо ‘историско бегство’ од кафето. Потребата од ритуалот поврзан со кофеинот и натаму е многу силна. Она што се менува се формите и начините на кои луѓето ја задоволуваат таа потреба“, вели таа.
Како што истакнува, особено интересна улога во оваа промена имаат помладите генерации потрошувачи, кои при изборот на производи сѐ повеќе ги вреднуваат нивните функционални придобивки, како и ефектот што го имаат врз секојдневната физичка и ментална благосостојба.
„Ним веќе не им е доволно само да се расонат. Бараат енергија, концентрација, но и помало чувство на нервоза, поради што расте интересот за пијалаци кои нудат повеќе од обичен стимуланс. Тоа се одразува и врз пазарните трендови, па сѐ поголема популарност стекнуваат специјалните кафиња, ладните и ледените варијанти, готовите пијалаци подготвени за консумирање, како и функционалните пијалаци.“
Што му се замерува на кафето?
Кафето е меѓу најпопуларните пијалаци во светот, но и понатаму му се припишуваат бројни несакани ефекти. Најмногу забелешки се однесуваат на кофеинот, неговата главна активна состојка. Се смета дека може да го отежне заспивањето, да го скрати вкупното времетраење на сонот и да го намали неговиот квалитет. Исто така, често се посочува дека може привремено да го покачи крвниот притисок, особено кај луѓето што не го консумираат редовно или се почувствителни на кофеин.
Бабиќ смета дека ваквиот критички пристап е премногу поедноставен, бидејќи врз ефектите од овој пијалак влијаат повеќе фактори.
„Кафето не е ниту суперхрана ниту отров. Како и кај повеќето работи во исхраната, пресудни се количината, времето на консумирање и начинот на подготовка, а многу зависи и од индивидуалната чувствителност и целокупниот животен стил“, вели таа.
Црниот чај е неправедно запоставена алтернатива – има доволно кофеин, но предизвикува помали осцилации на енергијата во текот на денот/Depositphotos
Ниту науката во последниве години не ја поддржува целосно негативната слика за кафето. Истражување од 2024 година заклучува дека умерената консумација се поврзува со помал ризик од одредени кардиометаболни заболувања, вклучително и дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести. Истовремено, авторите нагласуваат дека најголемите придобивки главно се поврзуваат со умерен внес, додека поголемите количини, по правило, не носат дополнителни здравствени придобивки. „Повеќе не значи и подобро“, се согласува Бабиќ.
„Освен тоа, не е важно само колку кафе пиеме, туку и кога го пиеме. Луѓето што најголемиот дел од внесот го имаат во текот на утрото остваруваат поголеми придобивки од оние што го пијат во текот на целиот ден“, вели таа.
Официјалните препораки се прилично јасни – за повеќето здрави возрасни лица безбеден се смета внес до 400 милиграми кофеин дневно. Сепак, врз основа на сопственото искуство и достапните истражувања, Бабиќ заклучува дека „најголемите придобивки се постигнуваат со една до три шолји дневно, односно меѓу 100 и 300 милиграми кофеин, идеално во првиот дел од денот“.
Нова генерација на ритуали
Добрата вест за сите што размислуваат да го намалат внесот на овој стимуланс е дека решението не мора да биде целосно откажување од кафето. Според Бабиќ, често е доволно да се задржи утринската шолја, а во текот на денот постепено да се заменува со други пијалаци. Така се избегнуваат главоболките, заморот, раздразливоста и падот на концентрацијата што можат да се појават при нагло намалување на внесот на кофеин.
Кога станува збор за конкретни алтернативи, Бабиќ најчесто препорачува мача, зелен чај, црн чај и какао.
„Според мене, мача е најдобрата замена кога ви е потребна концентрација, а не само стимуланс“, нагласува Бабиќ.
Нејзината предност, објаснува таа, е комбинацијата од кофеин и Л-теанин – аминокиселина што придонесува за постабилно чувство на енергија. Таа советува мача да се консумира со појадок или по оброк богат со протеини, а не веднаш по будењето, „за енергијата да биде постабилна во текот на денот“.
Црниот чај го опишува како неправедно запоставена алтернатива која содржи доволно кофеин за да ги одржи будноста и концентрацијата, но најчесто предизвикува помали осцилации на енергијата во текот на денот. Токму затоа, за многумина тој е најлесниот чекор при преминот од кафе, особено ако се пие наутро или во раните попладневни часови.
Од друга страна, зелениот чај им го препорачува на луѓето на кои не им е потребен силен стимулативен ефект, туку постепена и стабилна ментална будност. Благодарение на комбинацијата од Л-теанин и полифеноли, тој може да придонесе за подобра концентрација без чувство на прекумерна стимулација.
На крајот, какаото зазема посебно место меѓу нејзините препораки.
„Не би го сметала за замена за кафе во класична смисла“, вели Бабиќ.
Сепак, благодарение на теоброминот, полифенолите и другите биоактивни соединенија, какаото може да придонесе за подобро расположение, чувство на ментална свежина и блага енергија без нервоза и без изразен стимулативен ефект. Токму затоа таа го смета за добар избор за вториот дел од денот, кога ни треба нешто што ќе нѐ освежи, но без поголемо потпирање на кофеинот.