Ракијата е социјален феномен. Како аперитив или дигестив, обично ја консумираме во друштво и секогаш со добро мезе. Освен што ни го подобрува расположението, ракијата често и нѐ „лекува“. Таа ни помага за намалување на забоболка, со неа се масираме, ја користиме и за дезинфекција.
Во последно време ракијата е и голем бизнис. Многу винарници и дестилерии токму во неа гледаат шанса за деловен успех. За најпопуларниот алкохолен пијалак на Балканот неочекувано брзо расте интересот и на светскиот пазар, а пред неколку месеци дури се наметна и како глобална топ тема на Тикток.
Веројатно сите ја гледавте снимката од гостувањето на Милош Недељков (BalkanDad) во една од најпопуларните утрински емисии во Австралија. Познатиот српски инфлуенсер и комичар беше повикан да покаже како изгледа еден традиционален балкански појадок, откако овој оброк лани неочекувано стана вирален на истата социјална мрежа, а магазинот „Вог“ го прогласи за најздрав. Сепак, забавата кулминира кога на водителите им даде да дегустираат жолта лозова ракија, која, како што самиот откри, ја добил на подарок од македонски производител. Видеото е тука.
Последниве години македонската ракија остава силен впечаток и на меѓународни натпревари и фестивали. Еден таков голем успех забележа и пред нецели две недели на Меѓународниот натпревар за вино и жестоки пијалаци (International Wine & Spirit Competition - IWSC) во Лондон, престижно натпреварување за оценување дестилати со над 50 години традиција.
Македонската лозова ракија „мераклиска“ (Merakliska) на винарската визба „Имако вино“ доби високи 94 поени, а Џоел Харисон, британски експерт за виски и фини жестоки пијалаци, ја нарече „светска класа“.
„Буке од мускат и орлови нокти (повеќегодишно декоративно и лековито растение, н.з.), кое елегантно ве воведува во комплексен вкус од овошни кисели ароми и раскошна медена сладост“, напиша во оцената интернационалното жири предводено токму од Харисон.
Дизајнот на пакувањето како клучна маркетинг-алатка
Регистрираните производители на жестоки пијалаци сѐ поголемо внимание му посветуваат и на дизајнот. Навиките на потрошувачите се променија, па етикетата и шишето станаа еднакво важни колку и вкусот. Најголем куриозитет во целата маркетинг-приказна е што ракијата веќе сѐ почесто ни се пласира како отмен пијалак. Ваквиот тренд е особено изразен во Србија. Едно шише од ексклузивната серија „зариќ краљ“ (Zarić Kralj) од 0,7 литри на дестилеријата „Зариќ“ чини над 700 евра, а како пијалак за одбрани клиенти се нуди и 12-годишната ракија „утеха наша протокол“ (Uteha Naša Protocol), исто така од 0,7 литри, која се продава во луксузна дрвена кутија и чини 270 евра.
Експертот за дестилати Владимир Симиќ смета дека цената и квалитетот не се тесно поврзани. „Имате убаво спакувани ракии што се просечни, но скапи поради шишето“, изјави тој во претходен разговор за „Блумберг Адрија“.
За разлика од српските производители, македонските се поумерени во цените. Шише брендирана ракија од 0,7 литри кај нас во просек чини 700 денари. Толку ќе платите и за неодамна пофалената „мераклиска“, која се продава и во луксузно пакување со две чаши и чини 1.150 денари. Во описот пишува дека е зреена во дабови буриња во период од 12 до 18 месеци и е со јачина од 40 проценти алкохол.
Една од поскапите македонски ракии е онаа на компанијата „Гевгелиска дестилерија“. Нивниот бренд „Гордион Амбер“ (Gordion Amber) го рекламираат како врвна крафт-ракија од селектирани сорти грозје, која се произведува со процес на двојна дестилација на младо вино во традиционален аламбик казан. Во описот на производот, кој чини 1.000 денари, е наведено дека се чува во буриња изработени од стогодишно француско дабово дрво, што, според нив, му дава дополнителен луксузен шмек на пијалакот.
Depositphotos
Премиум ракија произведува и крафт-дестилеријата „Трајковски“ (Traykovski). Нивната тригодишна стара жолта лозова ракија е достапна и во луксузна кутија за подарок по цена од 1.150 денари. Во описот на производот пишува дека е печена во бакарни казани по стар прадедов рецепт од 1922 година, од шест сорти грозје од лозови насади од Тиквешијата, околината на Барово, Бохула, Бошава, Крњево, Конопиште и Кожуф Планина. Наведени се и спецификации за аромата и за вкусот.
„Ракијата изобилува со ароми на даб, мед, цимет и освежувачки ноти на ванила и кафе. На вкус доминира избалансирана комбинација на даб, мед и бадеми, со благ допир на праска и темна слива“, пишува за производот на официјалниот сајт на компанијата.
Стари техники и рецепти користи и семејната дестилерија „Димоски“. Нивната „самоилова ракија“ (Samoilova rakija), за која велат дека е зреена минимум пет години, се продава и во специјално дизајнирано стаклено шише по цена од 1.100 денари.
„Продолжениот процес на стареење во дабови буриња ѝ дава на оваа ракија длабока килибарна боја и кадифено мазна текстура. Мирисот е богат со ноти на сушено овошје, ванила и карамела, со нота на даб. Нејзините богати, сложени вкусови ја прават одлична придружба на сирење, чоколадо или фина пура“, пишува во описот на производот.
Очигледно е дека македонските производители не жалат пари кога инвестираат во ракија, но дали овие нивни скапо спакувани пијалаци можат да добијат ист статус како вискито или, пак, да им парираат на најдобрите француски коњаци? Велат дека во оваа фаза е тешко да се одговори на ова прашање, пред сѐ поради големиот број проблеми со кои сѐ уште се соочуваат секојдневно - од различни закони по ентитети, нелегална продажба и нелојална конкуренција до недостиг од стручен кадар и сѐ понепредвидливи временски услови.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...