По заостанувањето во глобалниот раст на акциите за полупроводници во текот на изминатата година, „Самсунг“ (Samsung Electronics Co.) е подготвен за место во предниот дел од листата поради новостекнатиот оптимизам во однос на неговата стратегија за вештачка интелигенција.
Инвеститорите почнуваат да сфаќаат дека вештачката интелигенција ќе ја зголеми побарувачката за НАНД (NAND) - каде што „Самсунг“ го има најголемиот удел на пазарот - како и меморијата со висок пропусен опсег во која доминира конкурентот „СК Хајникс“ (SK Hynix Inc). Аналитичарите ги зголемуваат ценовните цели за „Самсунг“ за да ги вклучат придобивките од вештачката интелигенција, плус знаците за пошироко враќање на побарувачката за меморија и цените по долгиот пад.
Менаџерите на фондови почнаа да префрлаат пари во „Самсунг“, кој котира во Сеул, за да го искористат очекуваното отскокнување. Додека титанот за вештачка интелигенција „Енвидија“ (Nvidia Corp.) порасна тројно во изминатите 12 месеци, а „СК Хајникс“ се зголеми повеќе од двојно, се гледа дека „Самсунг“ има поголем напредок по само 32-отстотна добивка.
„Почнавме да го намалуваме учеството во 'СК Хајникс' и да го зголемуваме во други делови од синџирот за мемориски чипови што немаа толку голема корист досега, како 'Самсунг', каде што мислиме дека подемот сè уште не е остварен“, вели Кристин Филпотс, портфолио-менаџерка во „Ариел инвестментс“ (Ariel Investments). „Очекуваме да се појави некаков катализатор за таа нагорна линија да се материјализира кај 'Самсунг'“, додава таа.
„Самсунг“ ги надмина другите акции со вештачка интелигенција откако најавата на Џенсен Хуанг од „Енвидија“ во март ги поттикна очекувањата за договор за снабдување во текот на годинава. Тоа би ѝ помогнало на компанијата да добие клучна предност во битката со помалиот „СК Хајникс“, кој се проценува дека има 90 отсто удел во најновата верзија на HBM.
„Циклус на замена“
Потоа дојде овонеделниот извештај од Питер Ли, аналитичар во „Ситигруп“ (Citigroup Inc.), кој ги предупреди инвеститорите за претстојниот „циклус на замена“ во кој ССД-меморијата може да ги отстрани хард-дисковите од употреба во сферата на вештачката интелигенција. Бидејќи ССД се потпира на НАНД-меморија за складирање, „Самсунг“ ќе има добивка, наведе Ли.
„Нашиот нов заклучок е дека ССД ќе биде дел од вештачката интелигенција“, спротивно на популарното верување на пазарот, рече аналитичарот на „Сити“. ССД се „многу посоодветни за апликации за обука на вештачка интелигенција“ бидејќи се 40 пати побрзи од хард-дисковите, додаде тој.
Пред отворањето во петокот, „Самсунг“ објави оперативен профит за првиот квартал што ја надмина просечната процена на аналитичарите.