„Дипсик“ (DeepSeek), кинески стартап со вештачка интелигенција стар нешто повеќе од една година, предизвика стравопочит и запрепастување во Силициумската долина откако демонстрираше пробивни модели со вештачка интелигенција кои нудат споредливи перформанси со најдобрите светски чет-ботови по навидум многу помала цена. Појавата на „Дипсик“ може да понуди контрапункт за раширеното верување дека во иднина развојот на вештачката интелигенција ќе бара постојано зголемување на количината на моќ и енергија.
Глобалните технолошки акции паднаа на крајот на јануари поради лавината од возбуда околу иновациите на „Дипсик“ и инвеститорите почнаа да ги разбираат импликациите за неговите ривали со седиште во САД и нивните добавувачи на хардвер.
Што точно е „Дипсик“?
Прочитај повеќе
Пазарите во црвено: Што се крие зад потресот на берзите?
„Дипсик“ ја доведе во прашање оправданоста за високите вреднувања на компаниите кои произведуваат опрема за центри за податоци поврзани со вештачката интелигенција.
27.01.2025
Секоја седма компанија во ЕУ користи ВИ, Словенија е лидер во регионот
Во 2024 година 13,5 отсто од компаниите во ЕУ со 10 или повеќе вработени користеле технологии за ВИ.
24.01.2025
Како ВИ го менува начинот на кој следиме спорт: Австралија опен нуди добри примери
Австралија опен 2025 постави нови стандарди за тоа како спортот може да се претстави пред глобалната публика.
22.01.2025
„Дипсик“е основана во 2023 година од Лианг Венфенг, шеф на квантниот хеџ фонд „Хај-флаер“ (High-Flyer), управуван од вештачката интелигенција. Компанијата развива модели со вештачка интелигенција кои се со отворен код, што значи дека заедницата на програмери може да го проверува и подобри софтверот. Нејзината мобилна апликација се искачи на врвот на топ листите за преземање на „ајфон“ (iPhone) во САД по нејзиното објавување на почетокот на јануари.
Апликацијата се разликува од другите чет-ботови како што е ЧетГПТ на „Опен еј-ај“ (OpenAI) со артикулирање на своето размислување пред да даде одговор на барање. Компанијата тврди дека нејзиното издание Р1 (R1) нуди перформанси на исто ниво со најновите на „Опен еј-ај“и додели лиценца за поединци заинтересирани за развој на чет-ботови користејќи ја нивната технологија.
Што покажува споредбата на „Дипсик Р1“ со „Опен еј-ај“ и „Мета еј-ај“?
Иако не се целосно и детално опишани од компанијата, трошоците за обука и развој на моделите на „Дипсик“ се чини дека се само мал дел од она што е потребно за најдобрите производи на „Опен еј-ај“ или „Мета“ (Meta Platforms Inc). Многу подобрата ефикасност на моделот ја доведува во прашање потребата од огромни капитални трошоци за стекнување на најновите и најмоќните акцелератори на вештачка интелигенција од типот на „Енвидија“ (Nvidia Corp). Тоа, исто така, го засилува вниманието на американските извозни ограничувања на такви напредни полупроводници во Кина - кои беа наменети да спречат пробив каков што изгледа дека претставува „Дипсик“.
Според „Дипсик“, моделот Р1 е блиску или подобар од ривалските модели во неколку водечки репери како што се АИМЕ 2024 за математички задачи, ММЛУ за општо знаење и „АлпакаЕвал“ (AlpacaEval 2.0) за перформанси со прашања и одговори. Исто така, се рангира меѓу најдобрите изведувачи на лидерската табла поврзана со „УЦ Берекелеј“ (UC Berkeley) наречена „Четбот Арена“ (Chatbot Arena).
Што буди тревога во САД?
Вашингтон го забрани извозот на врвни технологии како што се ГПУ (GPU) полупроводниците во Кина, во обид да го запре напредокот на земјата во вештачката интелигенција, клучната граница во американско-кинескиот натпревар за технолошка надмоќ. Но, напредокот на „Дипсик“сугерира дека кинеските инженери за вештачка интелигенција ги надминале ограничувањата, фокусирајќи се на поголема ефикасност со ограничени ресурси. Иако останува нејасно до колку напреден хардвер за обука за вештачка интелигенција „Дипсик“ имала пристап, компанијата покажа доволно за да сугерира дека трговските ограничувања не биле целосно ефикасни во спречувањето на напредокот на Кина.
Кога „Дипсик“ предизвика глобален интерес?
Развивачот на вештачка интелигенција беше внимателно следен од објавувањето на неговиот најран модел во 2023 година. Потоа, во ноември, тој му даде на светот увид на неговиот модел на расудување „Дипсик Р1“, дизајниран да го имитира човечкото размислување. Тој модел ја поткрепува неговата апликација за мобилни разговори, која заедно со веб-интерфејсот во јануари стана глобално славна како многу поевтина алтернатива на „Опен еј-ај“, при што инвеститорот Марк Андресен го нарече „Моментот на Спутник на вештачката интелигенција“.
Мобилната апликација „Дипсик“беше преземена 1,6 милиони пати до 25 јануари и рангирана бр. 1 во продавниците за апликации на „ајфон“ во Австралија, Канада, Кина, Сингапур, САД и Обединетото Кралство, според податоците од „Маркет тракер ап фигјурс“ (Market Tracker App Figures).
Кој е основачот на „Дипсик“?
Роден во Гуангдонг во 1985 година, Лианг доби диплома и магистерски дипломи по електронско и информациско инженерство на Универзитетот Жеџијанг. Тој ја основа „Дипсик“со 10 милиони јуани (1,4 милиони долари) регистриран капитал, според базата на податоци на компанијата „Тијанјанча“ (Tianyancha).
Тесното грло за понатамошен напредок не е повеќе прибирањето средства, рече Лианг во интервју за кинескиот „36кр“, туку ограничувањата на САД за пристап до најдобрите чипови. Тој рече дека повеќето од неговите врвни истражувачи се свежо дипломирани од врвни кинески универзитети, нагласувајќи ја потребата Кина да развие свој домашен екосистем сличен на оној изграден околу „Енвидија“и нејзините чипови со вештачка интелигенција.
„Повеќе инвестиции не мора да води кон повеќе иновации. Во спротивно, големите компании ќе ги преземат сите иновации“, рече Лианг.
Каде стои „Дипсик“ во кинеската вештачка интелигенција?
Технолошките лидери во Кина, од „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) и „Баиду“ (Baidu Inc.) на „Тенсент холдингс“ (Tencent Holdings Ltd.), вложија значителни пари и ресурси во трката за стекнување на хардвер и клиенти за нивните потфати со вештачка интелигенција. Покрај стартапот „01.еј-ај“ на Каи-Фу Ли, „Дипсик“ се издвојува со пристапот со отворен код - дизајниран да регрутира најголем број корисници брзо пред да развие стратегии за монетизација над таа голема публика.
Бидејќи моделите на „Дипсик“се попристапни, тој веќе одигра улога во намалувањето на трошоците за развивачите на вештачка интелигенција во Кина, каде што поголемите играчи се вклучија во ценовна војна која доживеа последователни бранови на намалувања на цените во текот на изминатата година и половина.
Кои се импликациите за глобалниот пазар на вештачка интелигенција?
Успехот на „Дипсик“ може да ги поттикне „Опен еј-ај“ и другите американски провајдери да ги намалат цените за да го задржат своето воспоставено водство. Тоа, исто така, го доведува во прашање огромното трошење на компании како „Мета“ и „Мајкрософт Корп.“ - секоја од нив се обврза на капитал од 65 милијарди долари или повеќе оваа година, главно на инфраструктурата за вештачка интелигенција - ако поефикасните модели можат да се натпреваруваат со многу помали трошоци.
Тоа ги потресе светските берзи бидејќи инвеститорите ги продаваа акциите од компаниите како „Енвидија“ и АСМЛ (ASML Holding NV) кои имаат корист од зголемената побарувачка за услуги за вештачка интелигенција. Акциите на кинеските имиња поврзани со „Дипсик“, како што е „Ајфлајтек“ (Iflytek Co.) пораснаа.
Програмерите ширум светот веќе експериментираат со софтверот на „Дипсик“и бараат да изградат алатки со него. Тоа би можело да го забрза усвојувањето на напредни модели за резонирање со вештачка интелигенција - а истовремено потенцијално да ги намали дополнителните грижи за потребата од заштитни огради околу нивната употреба. Напредокот на „Дипсик“може да ја забрза регулацијата за да се контролира како се развива вештачката интелигенција.
Кои се недостатоците на „Дипсик“?
Како и сите други кинески модели со вештачка интелигенција, „Дипсик“ се самоцензурира за теми кои се сметаат за чувствителни во Кина. Ги отфрла прашањата за протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година или геополитички напорните прашања како што е можноста Кина да го нападне Тајван. Во тестовите, ботот „Дипсик“ е способен да дава детални одговори за политички личности како индискиот премиер Нарендра Моди, но одбива да го стори тоа за кинескиот претседател Шји Џјинпинг.
Клауд инфраструктурата на „Дипсик“најверојатно ќе биде тестирана од нејзината ненадејна популарност. Компанијата накратко доживеа голем прекин на 27 јануари и ќе мора да управува со уште поголем сообраќај бидејќи новите и повратните корисници „истураат“ повеќе прашања кај нејзиниот четбот.