„Мета“ (Meta) претстави нова самостојна апликација со вештачка интелигенција (ВИ), со која сака да конкурира на популарните четботови како што е ЧетГПТ (ChatGPT) од компанијата „Опен еј-ај“ (OpenAI).
Асистентот со вештачка интелигенција, наречен Мета еј-ај (Meta AI), е заснован на сопствената технологија на големи јазични модели на компанијата, наречена Лама (Llama). Досега беше вграден во различни друштвени апликации на компанијата, како што се Инстаграм (Instagram), Вaтсап (WhatsApp) и Фејсбук (Facebook). Со новата самостојна апликација, корисниците можат да пристапат до Мета еј-ај без да мораат да користат други производи на „Мета“.
„Мета еј-ај е дизајниран како ваш личен ВИ асистент – што значи дека пред сè е наменет за гласовна комуникација,“ изјави извршниот директор Марк Закерберг во видео објавено на Инстаграм. Гласовно ориентираниот дигитален асистент го опиша како алатка што може да им помогне на корисниците во следењето на вести или при лични дилеми.
Прочитај повеќе

„Мета“ и „Мајкрософт“ ги надминаа прогнозите
„Мета“ го смири Волстрит со своите резултати, објавувајќи приходи за првиот квартал што ги надминаа очекувањата.
01.05.2025

Зошто Закерберг сакаше да го одвои Инстаграм од Фејсбук
Закерберг бил загрижен дека Инстаграм може да му наштети на Фејсбук
18.04.2025

Лама 4 - нови моќни модели на вештачка интелигенција од „Мета“
За Лама 4 компанијата вели дека се изградени врз основа на најнапредните големи јазични модели во светот.
08.04.2025
ЧетГПТ од „Опен еј-ај“ по своето појавување во 2022 година брзо стана културен феномен. Извршниот директор Сем Алтман проценува дека алатката неделно ја користат околу 800 милиони корисници. Раководителите во „Мета“ својот четбот го гледаат како поинакво искуство – не само поради гласовните и персонализираните функции, туку и затоа што Мета еј-ај црпи податоци од сопствените друштвени мрежи.
Користејќи податоци од платформите на „Мета“, новата апликација со вештачка интелигенција автоматски ќе располага со знаење за интересите на своите корисници.
„Мета еј-ај ќе може да дознае многу за вас и за луѓето кои ви се важни, доколку вие одлучите да го споделите тоа – и тоа преку сите наши апликации“, рече Закерберг.
Новата самостојна апликација ќе содржи и друштвен тек (feed) на објави, каде што корисниците ќе можат да споделуваат примери за користење на вештачката интелигенција, а истовремено ќе биде поврзана и со паметните очила од „Мета“.
„Ова е само почеток на долгорочен развоен процес што е пред нас,“ додаде Закерберг.
„Мета“ ја претстави апликацијата непосредно пред својата прва конференција посветена на вештачката интелигенција, наречена Ламакон (LlamaCon), што се одржува во Менло Парк, Калифорнија. На настанот, компанијата ја претстави и новата платформа за програмери – Лама АПИ (Llama API), заедно со иницијативи за подобрување на брзината на моделите и за поефикасно откривање и спречување злоупотреби на вештачката интелигенција, како што се измами, манипулации и фишинг напади.