Германија со децении е лидер во развојот на автомобилската индустрија. Сега, се чини дека влегува во одлучувачка година во обидот да го задржи тој статус и во ерата на електричните возила.
Најголемата европска економија е под зголемен притисок да преобрази десетици фабрики од ерата на фосилните горива, кои вработуваат десетици илјади работници, како дел од трката за чиста технологија со Кина и САД. „Фолксваген“ (Volkswagen), „Мерцедес-Бенц“ (Mercedes-Benz) и БМВ (BMW) во наредните месеци лансираат неколку нови електрични модели кои ќе бидат клучни за да докажат дали Германија успева да ја намали разликата во однос на „Тесла“ (Tesla) и кинескиот производител БЈД (BYD), актуелни лидери во продажбата на електрични автомобили. На коцка е ништо помалку од иднината на Германија како глобална индустриска сила.
Задачата изгледа компликувано како никогаш досега. Војната во Украина целосно ја промени германската енергетска политика. Кина постигна завидна предност во преработката на суровините неопходни за развој на електрични автомобили. Нејзините производители сега се шират низ Европа. Последната закана доаѓа од САД, каде субвенциите за производителите на чиста технологија се толку дарежливи што земјата може да стане најпрофитабилното место на планетата за производство на електрични возила.
Прочитај повеќе
Искри ќе летаат во трговската војна за електричните возила
ЕУ смета дека американските даночни олеснувања за електрични возила се закана, пишува колумнистот Лионел Лорен.
19.01.2023
Рекорден извоз на електрични автомобили од Кина во Европа
Рекорд благодарение на европските производители што го префрлија производството во земјата.
28.12.2022
БМВ подобар од „Мерцедес“ втора година по ред
Втора година по ред, БМВ продаде повеќе возила од конкурентот „Мерцедес бенц“.
11.01.2023
Сакате електричен автомобил, но не Тесла - ова се најдобрите алтернативи
Тесла е сè уште водечки производител на електрични возила во светот, но кинескиот BYD фаќа чекор.
25.12.2022
Повиците Германија и Европската унија да одговорат на овие предизвици секој ден се сè посилни, а на Светскиот економски форум во Давос, неколку европски лидери повикаа и на поголеми субвенции како одговор за Американците.
Интересно е што канцеларот Олаф Шолц не се пожали премногу, иако неговата земја има многу да загуби. Автомобилската индустрија во Германија вработува околу 786 илјади луѓе и е најголема по инвестиции, продажба и извоз. Секое заостанување во таа гранка би се почувствувало во целата економија.
Во интервју за „Блумберг“, Шолц беше смирен, велејќи дека генерално го поддржува она што американскиот претседател Џо Бајден се обидува да го постигне односно дека работи напорно за да избегне трговска војна. Ова е логично со оглед на извозната ориентација на Германија. Но, последиците од можните погрешни чекори можат да бидат катастрофални, како во случајот со колапсот на британската „Бритишволт“ (Britishvolt), компанија за која тамошните власти сметаа дека ќе стане главен играч во производството на батерии за електрични автомобили.
Минатата недела Берлин вети дека ќе одвои дополнителни милијарда евра за проекти за производство на автомобилски батерии како дел од поширокиот европски пакет за поддршка, но ова е безначајна сума во споредба со она што го нудат Американците.
Европската моќна шведска компанија „Нортволт“ (Northvolt) размислува да ги одложи плановите за голема фабрика за батерии во Германија и наместо тоа, може најпрво да се прошири во Северна Америка.
Германија не може да биде целосно надвор од игра. Имено, најголемиот светски производител на батерии за електрични автомобили, кинескиот CATL, започна со производство во својата прва европска фабрика во Ерфурт. „Фолксваген“ гради ваква фабрика во Салцгитер, каде што ќе може да произведува доволно батерии за околу 500.000 електрични возила годишно.
Но, во исто време, производителите на автомобили сè уште треба да вложат многу напор за да ги убедат возачите да ја прифатат транзицијата кон електрични возила. „Тесла“ значително ги намали цените во САД и Европа минатата недела, по два круга такви намалувања во Кина.
Трите германски производители на автомобили имаат шанса, но прво им треба солиден исчекор во софтверските решенија, а потоа треба да ги решат проблемите во синџирите на снабдување кои влијаат на падот на продажбата.
„Германија и Европа ризикуваат да заостанат во глобалната трка за чиста технологија. Берлин и Брисел мора да обезбедат европска конкурентност што е можно побрзо“, рече Хилдегард Милер, шеф на германската асоцијација за автомобилска индустрија ВДА (VDA).