Отворен предмет за изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10Д
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10Д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас.
„Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејства и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од обвинителството.
Ќе недостига ли храна и годинава и дали имаме резервен план?
Годинава производството на пченица на глобално ниво ќе се намали споредено со ланските рекордни приноси, но сепак ќе остане високо. Според мартовската процена на Организацијата на обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО), производството на житарки вкупно, како и на пченица, ќе се намали за 1,3 отсто споредено со лани.
За разлика од житарките, за маслото за јадење постои поголема неизвесност. Друг проблем со маслото за јадење е производството на биогорива. Зголеменото производство на ова гориво ги троши резервите потребни за производство на прехранбениот производ, а тоа може да ја зголеми и неговата цена, која лани беше историски највисока. Каква е ситуацијата во земјава? Читајте во нашата анализа.
Иако важи за земјоделска земја, Македонија за многу производи е увозно зависна, а тоа особено дојде до израз лани, кога војната во Украина предизвика проблеми со снабдувањето со храна во светот. Интервентно увезувавме пченица, пченка и сончогледово масло за да ги пополниме празните полици во маркетите. Земјава најде спас во Србија.
И покрај сите тие случувања, властите уверуваат дека Македонија има доволно стоковни резерви за да се надмине каква било пречка во трговијата и дека сме имале дури и резервен план.
Директорот на Агенцијата за стоковни резерви не стравува од можни блокади на трговската размена, но сепак вели дека имаат резервен план доколку дојде до привремено ембарго од некоја држава од каде што Македонија ги увезува неопходните прехранбени производи.
На берзите...
Индексот S&P утрово падна за 0,2 отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 загуби 0,5 отсто од вредноста. Фјучерсите за европските акции пораснаа за 0,3 проценти. Во Азија расположението на инвеститорите е значително поголемо. Таму главните индекси денеска се тргуваат со раст меѓу 0,2 и 1,9 отсто.
Нафтата ги зголеми добивките откако извештајот од индустријата сигнализираше големо намалување на резервите на сурова нафта во САД, бидејќи тековниот спор го стопира извозот од Турција. Ублажувањето на загриженоста поради банкарската криза придонесе за уште поголемо нагорно расположение.
Цената на ВТИ за испорака во мај утрово се зголеми за 0,5 проценти, на 73,55 долари за барел, додека нафтата брент се покачи за 0,2 отсто, на 78,78 долари за барел.
Вредноста на еврото сосема малку се промени во однос на американскиот долар и овие валути се тргуваат по курс од 1,0835 долари за евро. Златото загуби 0,3 проценти од вредноста и сега унца чини 1.967,60 долари.
На криптопазарот е позитивно. Најголемиот токен, биткоинот, порасна за 0,2 отсто, на 27.379,39 долари, а етерот ја зголеми својата вредност за 0,3 проценти, искачувајќи се на 1.779,89 долари.
Денеска читајте...
Стартап-сцената во Македонија станува сѐ повидлива, а претприемачите сѐ погласни. Инволвираните во македонскиот екосистем велат дека инвеститори има, креативци исто така, но недостига локална финансиска и едукативна поддршка. Читајте ја нашата анализа на македонската стартап-сцена.
Пишуваме и за тоа каде е македонскиот стартап-екосистем во глобалното рангирање. ИКТ-секторот во Македонија е активен, со многу талентирани работници, од кои многумина работат од далечина за странски компании. Кои се предизвиците, ресурсите и недостатоците на македонскиот стартап-систем?
Визи за дигитални номади: Ние доцниме во трката за привлекување
Вистинска трка има меѓу земјите од Европа и регионот Адрија за привлекување таканаречени дигитални номади, но Македонија заостанува бидејќи недостига регулатива што ќе им овозможи полесни процедури за подолг привремен престој на странците што сакаат да работат од далечина во земјава. Имено, тие сега можат да се задржат во земјава само 90 дена.