Македонци работат на дигитални платформи за четири плати месечно
Според податоците на регионалната платформа „Гигметер“, во земјава има околу 6.000 работници на дигиталните платформи – од кои повеќето се фриленсери. На овие 6.000 фриленсери што работат на глобалните платформи, како што се „Апворк“ (Upwork), „Глово“ (Glovo), „Фриленсер“ (Freelancer), се додаваат и околу 1.000 лица што работат на локални платформи, како „Фиткит“ (fitkit.mk), „Кликни јади“ (kliknijadi.mk), „Корпа“ (korpa.mk), кои главно работат во Скопје.
Просечната заработувачка за еден час работа на дигитални платформи во регионот изнесува 20,4 долари. Македонските фриленсери работат за помала сума од таа, односно се најслабо платени од земјите од Западен Балкан. Мажите заработуваат 16,9, а жените 14,6 долари за еден час работа. Или жена што работи на платформа за една недела, т.е. за 40 работни часа во согласност со Законот за работни односи, би заработила една просечна месечна плата на државно ниво или четири просечни плати за еден месец.
Милиони за консултанти во државни тендери, а бизнисот не ги „есапи“
Државните институции низ голем број тендери потрошиле милиони евра за консултанти во изминатата деценија, а колкав бил ефектот од овие услуги засега не е мерливо. За разлика од државните институции, пак, малку домашни компании кога било во својата деловна историја ангажирале консултант за да го развиваат бизнисот.
Нашите соговорници велат дека иако консултантите и советниците важат за клучни за развој на бизнисот, особено во време на брзи промени, со какви што се соочуваме денес, сепак нивното ангажирање станува сѐ потешко и поретко, особено од приватниот сектор, затоа што по низата кризи фирмите се обидуваат да се консолидираат и да се вратат во нормала. Бизнисот во моментов инвестира само во најнеопходното, одложувајќи ги преостанатите работи, трошоци и инвестиции за понатаму, кога времињата ќе бидат посигурни. Искуството на консултантите покажува дека приватниот сектор во Македонија нема навика да ангажира надворешни соработници за развој на бизнисот.
Нема причина за загриженост за банките од регионот Адрија
Главниот аналитичар на „Блумберг Адрија“, Андреј Кнез, пишува дека земјите како Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија се чини дека се во солидна позиција, имајќи предвид дека соодносот на националниот долг (по сите сметководствени категории на вреднување) со капиталот на банките во регионот Адрија се движи од 70 до 110 проценти. Ова е повеќе од централните земји на еврозоната, каде што просекот е околу 60 проценти, но е понизок од остатокот од Централна и Источна Европа, каде што стапките за земји како Полска, Чешка, Унгарија и Романија се значително повисоки, во опсег од 120 до 170 проценти.
Со други зборови, доколку дојде до повлекување на депозитите и банките треба да продаваат државни обврзници за да ги платат овие депозити, притисокот врз капиталот од реализацијата на загубите би бил поголем во другите земји од Централна и Источна Европа отколку во регионот Адрија.
На берзите...
Овој ден го опишуваме како негативен за берзите. Имено, индексот S&P 500 падна за 0,3 отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 загуби дури еден отсто од вредноста. На азиските пазари не е ништо поинаку. Таму загубата на најголемите берзански индекси започнува од минимумот, а завршува со минус од 1,2 отсто, регистриран кај јапонскиот индекс Topix.
Нафтата е на пат да оствари трета по ред неделна добивка откако ОПЕК+ го изненади пазарот со намалување на производството за еден милион барели на дневно ниво, а дополнителна причина за ценовен раст е и падот на резервите во САД. Иако денеска тргувањето започна со пад на цените, сепак на неделно ниво тие забележуваат раст од околу пет проценти.
Цената на ВТИ за испорака во мај падна за 1,1 отсто, на 79,75 долари за барел, додека нафтата брент за испорака во јуни загуби точно еден отсто од вредноста, спуштајќи се на 84,11 долари за барел. Во текот на утрешниот ден нема да има тргување со ВТИ и нафтата брент бидејќи е празник.
Вредноста на еврото е сосема малку променета во однос на доларот, со што нивниот курс е 1,0903 американски долар за евро. И златото претрпе само мала промена откако се искачи над психолошката граница од 2.000 долари за унца.
Ниту криптопазарот не отскокнува од денешната слика. Таму најголемиот токен, биткоинот, падна за 0,4 проценти, на 28.039 долари, а исто толкав процент од вредноста загуби и етерот, со тоа што тој сега се тргува по цена од 1.898,75 долари.
Денеска читајте...
Во земјава има над 30 криптоменувачници, кои немаат лиценци за работа, туку нивното дејствување делумно е опфатено со Законот за спречување на перењето пари, според што може да се заклучи дека тие работат легално, иако засега не постои посебна процедура за добивање дозвола за вршење таква дејност.
И додека Србија е лидер во регионот и веќе има регистрирано две официјални криптоменувачници, Македонија е далеку од официјализирање на нивната работа, иако тие на извесен начин се легални. Од Народната банка велат дека немаат никакви надлежности во однос на регулирањето, лиценцирањето и надзорот на давателите на услугите поврзани со виртуелните средства.
Пишуваме и за тоа дека македонските бизнис-лидери ги дефинираа најголемите закани. Според направеното истражување од „Прајсвотерхаус Куперс“, без промени во работењето речиси 45 проценти од бизнисите не би биле одржливи за 10 години. Приватниот сектор особено го посочува недостигот од работна сила меѓу најголемите проблеми.
Во анкетата се опфатени 4.410 извршни директори од 105 земји, од кои 36 од Македонија.