Економијата во САД порасна за 1,1 отсто во првиот квартал
Бруто-домашниот производ (БДП) на САД порасна за 1,1 отсто на годишно ниво поради најголемата лична потрошувачка во последните две години, покажува првата процена на американското министерство за трговија, објавена денеска. Потрошувачката на домаќинствата во првото тримесечје се зголемила за 3,7 проценти.
Податоците илустрираат економски раст што постепено се намалува под притисокот од зголемувањето на каматните стапки од страна на Федералните резерви (ФЕД) и зголемената инфлација.
Просечната проекција на економистите на „Блумберг“ беше дека БДП на САД ќе порасне за 1,9 отсто, а личната потрошувачка ќе забележи раст од четири отсто на годишно ниво. По објавата на податоците, фјучерсите на американските акции паднаа, приносите на државните обврзници скокнаа, а доларот зајакна.
ЕЦБ конечно сфаќа дека алчноста за профит е главна причина за инфлацијата
Членовите на одборот на ЕЦБ неодамна ги апострофираа високите профити на компаниите, кои, според претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, ги туркаат нагоре платите и цените.
Таканаречената инфлација на алчноста (анг. greedflation) ги попречува напорите за зауздување на растот на потрошувачките цени, што значи дека ЕЦБ можеби ќе треба дополнително да ја заостри монетарната политика за да ја достигне целта од два процента. Тоа е затоа што компаниите имаат тенденција да ги зголемуваат цените побрзо за да ги надоместат повисоките влезни трошоци отколку што ги намалуваат кога нивните трошоци паѓаат, овозможувајќи им да ги задржат повисоките маржи подолго.
Корпоративниот профит веќе некое време е поголем двигател на зголемувањето на цените од трошоците за работа - од почетокот на 2021 година, според Маева Казин од „Блумберг економикс“. Таа пресмета дека зголемената корпоративна заработка генерирала повеќе од две третини од инфлацијата на крајот на минатата година.
Шаренило на берзата: Кој работи со добивка, а кој со загуба во 2023-та?
Компаниите од Македонската берза почнаа да ги објавуваат финансиските резултати за првото тримесечје, кои откриваат шаренолика слика за нивното работење на почетокот на 2023 година. Ги анализиравме клучните показатели за компаниите за овој период и какви се нивните очекувања до крајот на годината.
Големите банки во Македонија од година на година веќе традиционално остваруваат подобрување на финансиските резултати. Тука има висок старт на Комерцијална банка, чиј профит за три месеци изнесува 16,9 милиони евра, што е зголемување од 98,9 проценти во однос на истиот период минатата година, кога банката имала добивка од 8,6 милиони евра, покажува неревидираниот биланс на успех на банката објавен преку Македонската берза.
„Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати, кои бележат значително зголемување, што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на банката“, информираат од Комерцијална банка.
Пишуваме и за тоа дека Владата ќе плати 6,5 милиони евра за поранешната зграда на Комерцијална банка. Бирото за јавни набавки го објави договорот склучен меѓу Службата за општи и заеднички работи на Владата и друштвото за градежништво,трговија и услуги „Бауер БГ“ ДОО Скопје. Договорот се однесува на реконструкцијата на објектот што порано беше сопственост на Комерцијална банка, а во кој сега се сместени неколку државни институции.
Владата ја купи зградата во 2012 година по цена од 965 евра за квадратен метар, односно за трите деловни објекти со површина од 22.525 квадратни метри, кои во тој момент беа во сопственост на Комерцијална банка, Владата на тогашниот премиер Груевски плати 21,7 милион евра.
Во меѓувреме, Комисијата за хартии од вредност (КХВ) одобри Општина Аеродром да издаде обврзници од 5,3 милиони евра. Станува збор за прва емисија на општински обврзници во количество од 11.000 лота, во апоени од 30.000 денари по лот по обврзница. Општинските обврзници се со фиксна годишна каматна стапка во износ од 5 проценти. Емисијата се врши заради собирање средства за финансирање на проектот „Заеднички активности за локален економски развој“, кој опфаќа повеќе инфраструктурни и капитални проекти на Општината.
Ова е втор обид една македонска општина да се задолжи преку издавање обврзници. Неодамна и Општина Штип се обиде да издаде обврзница, но обидот пропадна откако Владата не даде зелено светло за новото задолжување.
На берзите...
Откако по вчерашната објава на податоците за американскиот БДП, кои покажуваат дека економијата пораснала за само 1,1 отсто во првиот квартал, што е значително под очекувањата, фјучерсите на американските акции паднаа, приносите на државните обврзници скокнаа, а доларот зајакна. Но веќе утрово сликата е поинаква.
Индексот S&P 500 денеска бележи раст од два отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 порасна дури за 2,8 отсто. Позитивата е присутна и во Европа и Азија, каде што главните индекси пораснаа најмногу до 0,9 проценти.
Нафтата ВТИ за испорака во јуни утрово порасна за 0,7 проценти, на 75,26 долари за барел, додека вредноста на нафтата брент се покачи за 0,8 отсто, на 79,02 долари. И покрај денешниот раст, цената на нафтата се движи кон шести по ред месечен пад, што претставува нејзин најдолг период на такви загуби во повеќе од осум години. Причина е главно загриженоста за забавувањето на економиите во САД и Азија, што влијаеше на нејзините изгледи.
Вредноста на еврото зајакна во однос на доларот и сега курсот за размена на овие валути изнесува 1,1013 долар за евро.
На криптопазарот, токените се во црвената зона, со што биткоинот бележи пад на вредноста од 0,4 проценти и чини 29.504,62 долари, а етерот падна за 0,3 отсто, на 1.915,02 долари.
Денеска читајте...
За пет години двојно зголемен увозот на ракија во земјава. Ако се земе предвид дека во 2017 година вредноста на увезената ракија изнесува нешто над 860.000 евра, а во 2021-та надминува 1,7 милион евра, тоа значи дека во апсолутна вредност увозот е двојно зголемен. Интересен е фактот дека Македонија увезува седум пати повеќе ракија отколку што извезува.
Иако најголемиот дел од грозјето оди за производство на вино, сепак, официјалните бројки покажуваат зголемено производство на ракија кај нас. Мора да се земе предвид дека податоците се однесуваат само на индустриското производство и веројатно се многу далеку од реалната слика, со оглед на традициите и навиките на луѓето сами да произведуваат ракија или да купуваат од свои познати што прават ракија во своите домови, што е надвор од легалната трговија. Ако се воведе регистар на дестилерии, како што најавува Министерството за земјоделство, тогаш и семејните винарници ќе се пуштат во промет со ракија, бидејќи во моментов нелојалната конкуренција им претставува проблем.
Носиме и интересна приказна за Словенец што со српска ракија и со хрватски уметник би освојувал гастарбајтери. Горазд Чук купил плантажа за производство на ракија на југот на Србија. Нему му помага и хрватски уметник.
Првично почнал да дестилира за свое задоволство – сакал да ужива во добра ракија со своите пријатели. Кога станал задоволен од ракијата, со својот деловен партнер ја испратиле на првото натпреварување, каде што освоила три медали, што им дало поттик посериозно да почнат да се занимаваат со тоа. Дестилеријата на екоплантажата Пигмалион Тамњаница е родена од хоби, тоа е бутик-дестилерија чија цел е производство на најквалитетни овошни дестилати. Производството се врши со методот на двојна дестилација, кој во 2022 година беше вклучен во листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.