Базичната инфлација во еврозоната забави за првпат по 10 месеци
Базичната инфлација во еврозоната се намали за првпат во 10 месеци, отворајќи врата за Европската централна банка (ЕЦБ) неделава да ја забави најагресивната кампања за зголемување на каматните стапки во својата историја.
Потрошувачките цени што ги исклучуваат нестабилните ставки како што се трошоците за енергија и храна се зголемени за 5,6 отсто во споредба со минатиот април - што е намалување на рекордот од 5,7 отсто во март и во согласност со просечната процена во анкетата на „Блумберг“ спроведена меѓу економистите.
Во меѓувреме, главната инфлација се искачи на 7 отсто - малку повеќе од 6,9 отсто, колку што очекуваа аналитичарите, и сè уште е далеку над целта од 2 отсто.
За возила на струја ни треба квантен скок во приходите
Доколку не се случи чудо во растот на просечните приходи на македонското население или додека на пазарот не излезат електрични автомобили со многу пониски цени од сегашните, Македонија уште долго ќе чека зелена транзиција на возниот парк, во кој денес убедливо доминираат возилата на фосилни горива.
Според истражувањето на Европската асоцијација на автопроизводители (АЦЕА), електричните автомобили учествуваат со 21,6 отсто во бројот на новите автомобили регистрирани во ЕУ во 2022 година, но тие имаат пазарен удел од само 9 проценти или помалку во повеќе од половина од земјите-членки. Највисоките удели (над 30 проценти) се концентрирани само во пет земји од Северна и Западна Европа, каде што годишниот нето-приход надминува 32.000 евра.
На патиштата во Македонија денес се возат помалку од 200 електрични возила, што е занемарлива бројка во однос на вкупниот број регистрирани возила. Ако се земе предвид дека просечниот годишен нето-приход по вработен во Македонија се движи околу 6.200 евра, станува јасно дека сè уште е многу мал бројот на македонски граѓани што можат да си дозволат купување електрично возило.
На берзите...
Статистичките бројки покажаа заладување на американскиот пазар на трудот пред тоа што се очекува да биде последно зголемување на каматните стапки на Федералните резерви (ФЕД) во нивниот тековен циклус на затегнување на монетарната политика. И обновената загриженост за банкарскиот сектор во САД го зголеми притисокот за продажба.
Според тоа, индексот S&P 500 утрово загуби 1,2 отсто од вредноста, а технолошкиот Nasdaq 100 падна за 0,9 отсто. Не е мал ниту падот во Азија, каде што негативата на берзанските индекси е во распон од 0,9 до 1,7 отсто.
Нафтата ја задржа својата цена откако во Азија вчера падна за пет проценти бидејќи податоците укажуваат на можна американска рецесија и инвеститорите ги избегнуваат ризичните средства. Нафтата брент затвори на најниско ниво во повеќе од пет недели.
Утрово ВТИ за испорака во јуни поевтини за само три центи и се тргува по цена од 71,63 долари за барел, додека нафтата брент, исто така за испорака во јуни, поскапе за пет центи, со што барел чини 75,37 долари.
Вредноста на еврото се зголеми за 0,3 отсто во однос на американскиот долар, со што нивниот курс за размена сега е 1,1030 долар за евро. Златото поскапе за 0,1 отсто, што беше доволно да се искачи над психолошката граница од 2.000 долари. Поточно, унца утрово чини 2.018,70 долари.
На криптопазарот нема позитивно расположение. Вредноста на биткоинот падна за 0,6 проценти, на 28.534,25 долари, а етерот загуби 0,4 отсто од вредноста и падна на 1.863,68 долари.
Денеска читајте...
Пад на цените на недвижностите за пет проценти, мал раст на градежништвoто благодарение на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти и натамошно продлабочување на проблемот со работната сила во секторот прогнозира аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во својата најнова анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
До долгонајавуваниот пад на цените на недвижностите, според нашите аналитичари, освен поради зголемувањето на каматните стапки, кои ќе ја ограничат побарувачката, треба да дојде и поради ниските реални приходи и високата инфлација.
Во споредба со фискалната 2022 година, поголемиот дел од Европа веќе се соочува со пад на побарувачката на пазарот на недвижности поради релативно високите цени на недвижностите, придружени со зголемување на каматните стапки, додека во регионот Адрија тоа сè уште не е случај.
Балканска берза решение за слабата ликвидност на Македонската?
Тешко е да се најде инвеститор, експерт или аналитичар што би бил задоволен од моменталната состојба на пазарот на капитал во регионот Адрија. Никој не може да негира дека овие пазари се доста неликвидни. Дали консолидацијата е едно од можните решенија? Љубљанската и Загрепската берза веќе работат како дел од истата групација, а Загрепската берза е најголем акционер на Македонската берза. Значи, веќе постои одреден степен на консолидација во регионот на ниво на берзанска сопственост. Покрај Македонската, Загрепската и Љубљанската берза, во регионот функционираат и Белградската берза и берзите во Бања Лука и Сараево во Босна и Херцеговина.
„Доколку сакаме да ја оствариме вистинската улога на пазарот на капитал во целиот регион, би било неопходно да се создаде единствен пазар на капитал, кој би бил значително попривлечен за институционалните инвеститори надвор од регионот“, смета Дамир Беќировиќ, економски аналитичар и професор на Меѓународната бизнис и информативна академија во Тузла. Читајте ја нашата анализа на овој линк.